Сарџо Караџа Брадина

(Пренасочено од Сарџо Брадиноски)

Сарџо Караџа Брадина (1778 - 1889), еден од тројцата најмоќни и најбогати селски сточари и големопоседници во Мијачијата кои живееле кон крајот на 18 и во 19 век. Покрај него, кој бил од Тресонче, носители на целокупниот развој на Бистра биле и галичанецот Томо Томоски и лазоровецот Ѓурчин Кокале (Кокалески).

Сарџо кој бил своевиден куриозитет во Мијачијата, живеел цели 111 години, а неговиот работен век престанал кога навршил 95 години и престанал да биде ангажиран со своите внуци и синови по Бистра планина и по Егејска Македонија во грижата за многуилјадните стада, во времето кога тие нараснале на преку 20.000 овци и 300 коњи. Тогаш исклучително му се посветил на попречувањето на фанариотското и патријаршиското духовно влијание во Мијачијата во тесна соработка со неговите побратими Ѓурчин и Тодор. Останал запаметен и по покрстувањето на исламизираните Мијаци од Река и од селата на Бистра што го вршел пред целиот народ. Поради таа активност Сарџо десет години од својот живот ги поминал во затвор во градот Призрен на Косово.

Куќата на Брадиновци ја викале "Кулата" и се наоѓала во месноста "Речишче". Тоа всушност била пространа изба со бројни пондила за дваесетина коњи и друга крупна стока во долниот дел, а на горниот кат се одвивал семејниот живот. Во долниот дел на куќата постоел а и тајна чешма за која малкумина во селото знаеле, а била наменета за времиња кога Сарџо и неговиот род биле со денови сардисувани од качачки банди. Во горниот дел од Кулата над пондилата се наоѓал голем чардак со многу дрвени прозорци без стакло, кои ноќно време се затворале со дрвени кепенци. Целата куќа била оградена со висока ѕидана ограда и чувана од кучиња шарпланинци кои на долги синџири постојано ја варделе Кулата на стопанот.

Сарџо повеќепати се пресметувал со разбојници, а двапати бил и ранет. За неговата храброст и подвизи се пренесувале и легенди во кои се раскажувало како се пресметувал со качаците, многупати бркајќи ги со стап или фрлајќи ги низ пенџере!

Познато е дека во 1860 година разбојници ги убиле неговиот дваесет и пет годишен син Трене, син му Смиле, внукот Дамјан и синот на селскиот поп Арсение Брадина и Аврам Брадина, а ранети биле неколку жени. Во тој напад во главата бил ранет и Сарџо, од што долги години подоцна страдал од силни главоболки.

'Градител на цркви и училишта' Особено е важен податокот кој говори дека тој во 1852 година со лично залагање и со свои средства го отворил првото основно училиште во Мијачијата, петнаесет години пред постројувањето на едно такво училиште во Галичник. На тресончани им велел оти во книгата се крие најважната ука на светот и оти без писменост не можат да се надеваат на посреќен живот. Ги учел да бидат чисти, стокмени и да не пијат. Секому во селото кој сакал да формира свое семејство парично му помагал, а даденото честопати не го барал назад. Со годините станал еден од најбогатите и највлијателните ќеаи во т.н. "Деборска держава" и станал апсолутен господар на Тресонче.

Како сведок на неговиот живот до ден денеска останал главниот селски црковен храм "Свети Петар и Павле". Имено, Сарџо Брадина целосно материјално ја помогнал изградбата на тој храм и станал негов доживотен ктитор. Црквата била изградена на местото каде од порано постоело мало дрвено храмче со истото име.

Кој сака и денеска над влезната црковна порта на Ленишча може да прочита: "Свјати Апостол Павле во славоју божја и Свјати Апостол Петар црква суградисја како свјати храм во лета од Христа 1844 месеца јулија 14 ден втом уже времја обрјатише сја кира Сарџа ктитора Брадиноски с попи Митре Јодроски и Сиљан Петроски свјати православни Тресончани - христијански зограф Дичо Крстевич написа живопис лета од Христа месеца маја 27 ден 1849".

Текст со слична содржина има и над влезната врата во самиот храм.

Во првата половина од 19 век доста силно било настојувањето на грчките фанариоти да го прошират црковното грчко влијание во Мала Река. Таа улога ревносно ја вршел грчкиот владика во Дебарската епархија Мелетије, кој поради тоа дошол во судир со тројцата селски главатари од Тресонче, Лазарополе и Галичник, Сарџо, Ѓурчин и Тодор.

Тројцата го претставувале неподеленото мислење на селаните од ови три села кои решиле да не дозволат богослужби на грчки јазик во селските храмови, а само богослужби на старословенски измешан со македонски мијачки говор.

Особено е значен податокот оти Сарџо Брадина е најзаслужниот што Тресонче од турскиот султан Махмуд Втори добило статус на дервенџиско село. Дервенџиско село е село кое има право да поседува оружје и да внимава на важните планински патишта кои ги поврзуваат градските центри. Тресонче го чувало мошне важниот планински пат Кичево-Дебар по кој транзитирал турскиот аскер, но и доста значајни сточарски, земјоделски, текстилни и други производи. Статусот на дервенџиско село значело и поголема сигурност на тресончани од нападите од качачките банди од Албанија. Сепак, мора да се спомене дека некои селани таквата привилегија и ја злоупотребиле, вршејќи грабежи низ другите села.

Во однос на црковното значење на Сарџо, освен што бил ктитор на тресонечкиот централен храм, тој се јавил и како обновител на разурнатиот манастир "Света Богородица Пречиста" во околината на Кичево, кого според записите на Кузман Смилески - Брадина во неговата книга "Антологија на мијачките великани", го запалиле грчките фанариоти. Сарџо вложил големи материјални и парични средства за негово повторно градење, а од селото Росоки, кое се наоѓа близу до Тресонче, со своите коњи носел товари камен - бигор, а како надомест, на росочани им биле давани на бесплатно користење пасиштата од атарите на Тресонче и Лазарополе. Запишано е дека тој на манасторот му дарувал и голем број книги. Во тоа Брадина добил голема помош и од Ѓурчин Кокале и од некој хаџи Василко од Галичник.

Поради ова, кога подоцна Сарџо починал, камбаните на манастирот биеле три дена.

Ваквиот однос на долгогодишниот тресонечки главатар се должел на фактот што тој уште од дете се стекнал со чисти верски православни чувства, особено заради тоа што уште од дете го испратиле да учи во манастирот "Свети Јован Бигорски". Тој во текот на животот имал добро односи и со исламизираните Мијаци, кои денеска ги викаат Торбеши, а живеат по течението на Радика.

Црковната активност Православната воцрковеност на Сарџо Брадина била главна причина поради која тоа за целиот негов 111 годишен живот редовно го посетувал прилепскиот манастир Трескавец. Но, тој имал обичај на манастирската обител да и носи злато, демек за откуп на гревовите. Ваквата почит и приврзаност на Сарџо со Трескавец се толкува и со фактот што според некои записи, атарот на Тресонче всушност бил под патронат на Трескавец и оти името на селото се поврзува со името на тој прилепски манастир. Ова тврдење сепак, сè уште останува недоистражено.

Црковната активност на Сарџо Брадина се споменува и во случајот кога во втората половина на 19 век во Галичник се доселиле голем број муслимани од Долна Река - Дебарско и побарале да работат на имотите на богатите галичани. Галичкиот главатар Тодор Томоски се согласил на тоа, но под услов да се вратат во православната хрис това вера, со што тие се согласиле. Ѓурчин и Сарџо тоа го правеле на поинаков начин, односно тие своите ќерки ги мажеле за Мијаци муслимани, под услов младоженците да се вратат во старата вера. За таа цел во маалото Врлевци во Тресонче, Брадина поставил голем крст од бигор кој и ден денеска постои и на тоа место јавно пред сите селани, муслиманите му се враќале на православието. Познато е дека тој на ваков начин ги омажил ќерките Злата и Невена, едната од нив во семејството Рамчовци од маалото Јодровци, а другата во родот Кадиевци.

Ваквата постапка на Сарџо ја следеле и другите села, па затоа на повеќе места низ Мала Река и ден денеска достојуваат големи крстови поставени на истакнати места.

Поради ваквата активност, но и поради отворената борба за зачувување на старословенскиот јазик во црковните литургии, тресонечкиот главатар доживувал и многу непријатности. Забележани се два случаја кога завршил во дебарскиот затвор, од каде бил пуштан по интервенциите на неговите работни пријатели дебрани, меѓу кои имало и Албанци католици. Најтешкото затворање му се случило во Призрен, каде останал цели десет години. Ова заточение било катастрофално за него, за неговото семејство и за целото Тресонче. Но, за тоа подолу во овој текст.

Доста интересна информација од неговата фамилија е дека еден од неговите правнуци, етнологот д-р Томо Смиљаниќ - Брадина, кој напишал многу книги за Мијаците, во 1921 бил примен во масонската ложа "Вардар", а зад себе го влечел и епитетот "антикомунист".

Стекнување на богатството Во времето на Сарџо Брадина Тресонче имало над 80.000 овци (од кои околу 20.000 биле негови, имал и над 300 коњи), а селото броело околу 1.500 жители, од кои најголемиот број се занимавале со сточарство. Како успеал Сарџо да стане еден од најголемите луѓе во западна Македонија?

По описменувањето во "Свети Јован Бигорски", Сарџо Брадина од својот татко Ѓорѓија Караџа добил дел од неговото богатство, стекнато како сточар. Златото кое го оставил таткото, тој го поделил со н еговите браќа, Шчерјо, Исо, Косто (овие заминале да живеат во Србија), и со Марко (овој заминал во Бугарија). Последниот брат, Арсо се замонашил. Единствено Сарџо останал во Тресонче и продолжил да се занимава со сточарство, за подоцна да создаде еден од најголемите сточарски региони каде произведувал и извезувал млеко, сирење, урда, кашкавал, волна, кожа, маст, месо и жива стока. Волната ја извезувал во Прилеп, кожата во Охрид на семејството Робевци, а кашкавалот и сирењето преку Елбасан и Солун ги извезувал во Каиро, Египет, каде бил поврзан со некои галичани.

Уште откако во првите години продолжил да ја презема целата работа од татка си, најтешко било катагодишното пренесување на стадата овци од Бистра во Егејска Македонија во областа на денешна Лариса. Пренесувањата треле околу еден месец, почнувајќи најчесто во септември. Патот бил долг околу 250 километри, а водел прекукичевско, прилепско, низ Пелагонија и Кожуф планина, а понекогаш и низ гевгелиско и солунско. За таа цел биле потребни голем број коњи, а познато е дека Сарџо достигнал имот до 300 коња. На патот кон Егејска Македонија Брадина стадата ги групирал од групи по 500 овци, кои ги варделе двајца овчари, неколку коњи и кучиња шарпланинци. Патувањата ги изведувал етапно со добро организирани движења под контрола на сејмени (чувари), кои била скапо платени да обезбедат сигурен премин на стадата до крајната цел. Но, честопати се случувале судири со разбојнички качачки банди кои успевале да грабнат дел од стадата и да ги однесат во Албанија каде им ги продавале на турските чифлик-сајбии. Затоа Сарџо најчесто пред стадата да поминат низ некоја опасна област, испраќал "чистачи на патот" кои честопати се судирале со разбојници, а при таквите судири имало и жртви. Тој долго време го користел тој начин на заштита, односно сè додека на се стекнал со авторитет кај непријателите, кои неговите овци ги распознавале во втиснатата буква "Џ" на десната страна од грбот на секоја од нив. Запишано е дека сарџо за секое префрлање на стадата кон Егеј најмувал по околу 30 сејмени, најчесто припадници на некои други разбојнички банди.

Кога ќе се стигнело до одредиштето во Долна Земја (така Мијаците ја викале Егејска Македонија) се јавувале нови проблеми. Тогаш требало да се најдат средства овците да имаат со што да се прехранат за време на зимата, која во тие области била поблага. Прехранувањето на овците за време на јагнењето (декември, јануари) се сметало за критичен период и тогаш никој од вработените не спиел. Тоа бил периодот кога Сарџо се радувал поради зголемувањето на стадото или тажел поради загубите. Се случувало за една вечер да се родат и до 500 јагниња. Поради големата посветеност на работата на неговите работници Сарџо Брадина обезбедувал да има малку загуби што придонело неговото богатство да почне да се зголемува.

Зголемените стада во Тресонче се враќале на пролет во април или мај, кога со коњи натоварени со шеќер, сол, јужно овошје, зејтин, маслинки, облека, свила и кадифе стопанот се враќал во дворот на неговата Кула и на неговите бачила на Бистра.

Како што врвело времето тресончанецот се помалку се задоволувал со продавањето волна како суровина, па затоа почнал да се занимава со производство на полуфабрикати, како што биле абата и клашните, ангажирајќи ткајачки по мијачките села, но особено дебарските ткајачки работилници. Откако ќе склучел некоја зделка имал обичај да го јавне својот коњ и во придружба на двајца телохранители да замине на местата каде неговата стока се продава како краен производ и да врши наплата на долговите. Продажбата на волната значително се зголемила откако Сарџо ја искористил тресонечката притода која ја немале неговите конкуренти лазоровецот Ѓурчин Кокале и галичанецот Тодор Томоски. Имено, за волната на неговите овци да биде поконкурентна од нивната, Сарџо секогаш пред да ги стриже, овците ги капел во Тресонечка река во месноста Горна Воденица. Ги пуштал да влезат во реката од осојната страна, а излегувале од присојната за побрзо да се исушат. Ѓурчин и Тодор не можеле да го следат тој пример зашто Лазарополе и Галичник немаат река. Така волната од тресонечките овци била почиста, побела и достигнувала поголема цена.

Наклеветен од фанариотите Големиот подем на Сарџо Брадина запрел во 1841 година кога дошол во отворен судир со дебарскиот фанариотски (цариградски) епископ Мелетиј. Во таа година требало да се освети новата црква во Лазарополе, "Свети Ѓорѓија", чиј ктитор бил Ѓурчин. Но, тогаш тој се разболел и го повикал Сарџо да дојде во Лазарополе и да не дозволи осветувањето да се врши на грчки јазик. Сарџо така и постапил, а епископот Мелетиј налутен заминал од селото. Според истражувањата на Кузман Смилески - Брадина, потомок на Сарџо, владиката набрзо потоа во Истанбул го обвинил Сарџо дека "кумува со Србите" и тоа се случило во времето кога Русија и Турција биле во војна. Турските власти го привеле Сарџо, а со него и други главатари од мијачките села. Сарџо бил затворен во Призрен, а неговото семејство дури по десет години успеало со подмитувања и плаќања да го извлече оттаму. Го потрошиле речиси половина од богатството.

Во меѓувреме во Тресонче се разгорила Битката за испразнетото главатарско место на Сарџо. Особено се судирале ќеаите Јован Клапушина, Гаврил Стевиќ и семејството Тутиќ. Кога во селото се вратиле и мажите од родот Огненовци битката станала посурова, особено откако се дознало дека Огненовци, за кои се вели дека учествувале во руско-турската војна, убиле некој турски бег и му земале два сандака злато. Не се знае колку е тоа точно, но факт било дека Огненовци по доаѓањето во Тресонче изградиле големи куќи и му ги преземале пасиштата на Сарџо Брадина. Поради тоа, синовите на затворениот тресонечки главатар морале да изнајмуваат планински пасишта на Шар Планина што уште повеќе ја испразнило домашната каса.

Ваквата ситуација во Тресонче ја искористила една качачка банда која во тие години пљачкосувала дури од Косово, па кога арамиите чуле дека Тресонче е село без главатар го извршиле најголемиот грабеж во тој историски период. Тресонче било запалено и запустено. Уништени биле и турските тапии за границите на тресонечкиот атар кои Сарџо ги зачувал уште од времето на султанот Сулејман Величествениот (1520-1566).

За среќа, набрзо потоа, по митото што семејството Брадиновци го дале за Сарџо, но пред сè по објавувањето на ферманот на султанот Абдул Хамид со кој била објавена амнестија за сите затвореници во европскиот дел на Турција, Сарџо Брадина бил ослободен. Тој веќе имал 85 години и, како што останало да се зборува во Тресонче "се појавил како авет, коска и кожа сторен".

Кај султанот во Стамбол и растурањето на имотот Противниците во селото го дочекале со молк, а по неколкумесечно опоравување тресонечкиот главатар застанал на нозе. Но, тамам помислил дека ќе успее повторно да ја зацврсти положбата во селото, качачка албанска банда го убила неговиот син Трене, во кого Сарџо гледал првенец на родот. Трене бил убиен кај тресонечкото бачило Маскаревец.

По ова, Брадина заминал кај неговиот долгогодишен по братим, богатиот галичанецот Тодор Томоски и заедно кинисале за Стамбол, кај новиот султан Митхад паша за да бараат помош поради безвластието во Мијачијата. По вторпат Сарџо успеал да стапи во контакт со еден владетел на големата Отоманско Царство, откако најнапред тоа го стори во времето кога султанот Махмуд Втори Тресонче го направил дервенџиско село за да се спаси од погромите.

Се случило Тодор и Сарџо добро да се познаваат со тогашниот дебарски паша кој случајно бил личен пријател со новиот султан и кој за таа цел по нив му пратил писмо во кое напишал оти двајцата се "добри и верни царски луѓе, верни на империјата". Му однеле подароци и султанот ги примил двајцата главатари. Му раскажале за маките на Бистра и по Радика.

Султанот ги ислушал и заповедал да се дозволи турскиот аскер од Битола да биде ставен на располагање за пресметка со арнаутските качачки банди.

Сепак, на заминување султанот му рекол на Сарџо: "Тоа е од мене, а твојот мртов син Трене не можам да ти го оживеам".

Откако се вратиле во Македонија, Тодор заминал во Албанија да ги поврати грабнатите стада, а Сарџо се посветил на закрепнување на семејството. Во тоа време неговиот брат Арсо заминал на Света Гора Атонска и се замонашил во манастирот "Зограф", а сарџовиот внук Смиле, кој бил син на убиениот Трене, сосема успешно продолжил да ги води стадата.

Сарџо Брадина повторно го вратил богатството и семејството го кренал на нозе. Повторно бил поставен за селски главатар, иако тогашната турска власт повеќе не ги признавала главатарите, но де факто, неговата моќ продолжила да игра голема улога во настаните во мијачкиот регион.

Во меѓувреме му умрел побратимот Ѓурчин Кокале од Лазарополе, а некои од синовите престанале да се занимаваат со сточарство, заминале на печалба, а околу имотот настанале кавги. Единствено внукот Смиле останал верен на сточарството, а покрај тоа во Лариса отворил и голем хотел (ан), а имал планови да изгради хотели и на егејското крајбрежје. Плановите му се прекинале по неговата насилна смрт, кога исто како и неговиот татко Трене, го убиле качачки банди. Според информациите, Смиле бил поврзан со организаторите на Илинденското востание и при едно пренесување черешови топчиња над Тресонче, го предале неговите противници од селото. Убиството се случило пет години по смртта на Сарџо. Убиен бил и синот на Арсо, Дамјан. Арсо во меѓувреме се вратил од Света Гора и станал селски поп, во времето кога над Мијачијата заминувала фанариотската, а доаѓала бугарската егзархиска црковна власт.

Имотот на Брадиновци по убиството на Смиле го разделиле и подоцна го запустеле поблиските и подалечните роднини. Со тоа ѝ бил ставен крај на сточарската империја на Сарџо Брадина.


Смртта на Сарџо Брадина во Тресонче (1889)

За смртта на Сарџо засега се знае само годината 1889, кога тој имал полни 111 години. Бил погребан на гробиштата во маалото Врлевци, а на погребот присуствувале сите свештеници од целата Мијачија. Камбаните на манастирите "Свети Јован Бигорски", "Света Богородица Пречиста" и на манастирот "Успение на Пресвета Богородица" - Трескавец три дена непрекинато биеле. Сарџо сакале да го погребаат во дворот на црквата "Свети Петар и Павле" чиј ктитор бил токму тој, но откако селаните се сетиле на неговите зборови пред смртта со кои тој забранил да биде погребан во црковниот двор, зашто "не бил светител, ами обичен грешник", таа намера била заборавена.

Еден историски факт му дава уште потрагичен крај на неговиот живот. Имено, неговиот внук Мино, кому Сарџо додека бил жив му го откажал роднинството бидејќи без прашање заминал да учи во бугарската гимназија во Солун, се вратил во Тресонче и со помош на егзархиската духовна власт ги убедил тресончани да се направат нови гробишта во селото (каде и денеска се наоѓаат). Според кажувањата на тресончани, тоа било направено само за да се урне монументалниот гроб на Сарџо Брадина во маалото Врлевци, кој бил изграден од прилепски бел мермер. Мино успеал во замислата, ги преместил неколкуте селски гробишта на едно место, го разурнал гробот на Сарџо, а неговите коски ги ставил во дрвена кутија заедно со коските на другите соселани, за кои велел дека постои тврдење оти биле србомани. Така, коските на Сарџо и ден денес се наоѓаат во подрумот на малото храмче "Свети Никола" што се наоѓа на влезот од селото.

"Тврдењето за некакво србоманство на Сарџо Брадина е голема заблуда и нема никаква врска со вистината", велат денеска потомците од родот Брадиновци.

Сарџо Брадина во текот на својот ретко долг живот успеал да се стекне со навистина завидна економска моќ, станувајќи еден од најбогатите луѓе во западна Македонија, станувајќи сопственик на повеќе од 80.000 овци и стотици коњи. Целиот свој живот го гледал низ призмата на христовата православна вера и неколкупати робувал поради неговите стремежи да не дозволи фанариотско духовно влијание во Мијачијата. Градел цркви, покрстувал муслимани и повторно издигнувал уништени манастири. Во Тресонче го формирал првото основно училиште на народен јазик во Мијачијата. Во негово време работел и творел најголемиот македонски и балкански зограф Дичо Крстев со кого имале одлична соработка. Регионот на Мала Река, Сарџо Брадина во еден период (најзлатната, но и најтажната ера на Мијаците) го издигнал од бедата и формирал трговски канали кои од малото Тресонче воделе кон големите метрополи на средоземјето како Каиро, Солун и Истанбул, носејќи назад текстил, храна и орудија кои во тоа време им биле познати само на големите европски градови во кои почнувал да се раѓа новиот општествен систем, капитализмот. Старите се сеќаваат дека низ селските бакалници во Тресонче можеле да се најдат и швајцарски чоколади.

Со еден збор, неподелено е мислењето кај Мијаците од Мала Река и Бистра оти Сарџо Брадина, Тодор Томоски и Ѓурчин Кокале се лица достојни за световна и црковна почит за нивните дела насочени кон одбрана на црквата, ширење на православието и економско и просветителско издигнување на Македонците од Мијачијата.

Македонски претприемачи