Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања
Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања – тритомен речник на македонскиот јазик со толкувања на српскохрватски јазик. Речникот е издаден од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ под организација на Специјалната комисија во состав: Блаже Конески, д-р Михаил Петрушевски и Крум Тошев[1]. Првиот том е издаден во 1961 година, вториот во 1965, а третиот во 1966 година.
Земја | Македонија |
---|---|
Јазик | македонски |
Издавач | Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ |
Издадена | од 1961 (I том) до 1966 година (III том) во Скопје |
Опис
уредиРечникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања спаѓа во речниците средни по обем, кој содржи околу 65 000 лексички единици. Ова се потврдува со броевите што се наведени на крајот од сите три тома: во првиот том е регистрирано дека има 29 359, во вториот – 17 799 и во третиот – 17 364 заглавни зборови. На крајот од третиот том е даден и прецизниот број за вкупниот број од заглавни зборови, кој изнесува 64 522 заглавни зборови.[1]
Првиот том од речникот е објавен во 1961 година. Материјалот за истиот бил обработен од тогашните асистенти на Институтот за македонски јазик: Тодор Димитровски, кој ги има обработено буквите Г, Ѓ, З и Ѕ, Благоја Корубин, кој ги има обработено буквите А, Б, Е, Ј, Љ, М и Н, Трајко Стаматоски, буквите В, Ж и К, а првата обработка на буквите Д и И ја има извршено Борис Марков.
Како што е наведено во предговорот на вториот том било предвидено работата на речникот да биде завршена до 1963 година:
„Се предвидуваше работата врз Речникот на македонскиот јазик да се заврши до крајот на 1963 година. Меѓутоа, катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26. VII 1963 година попречи да се исполни таа намера. Материјалот на Речникот за среќа, не беше оштетен и веднаш по земјотресот беше пренесен во Титов Велес, каде што се чуваше во Градскиот архив. Требаше да поминат повеќе месеци дури се создадоа услови за довршување на Речникот.“
Вториот том е објавен во 1965 година, а третиот во 1966 година. Материјалот од вториот и од третиот том биле изработени од тогаш веќе научните соработници: Тодор Димитровски, кој се јавува како автор на материјалот од буквата П, Благоја Корубин, кој е автор на буквите О, Т, Ќ, У, Ч, Џ и Ш и Трајко Стаматоски, кој го изработил материјалот од буквите Р, С, Ф, Х, Ц. Буквите О и П се влезени во вториот том, а останатите букви – во третиот том.
Значење
уредиОбјавувањето на Речникот во тој период ја пополнил празнината во македонскиот јазик, како во рамките на лексикологијата и на лексикографијата, така и воопшто на македонскиот јазик. Со појавувањето на Речникот се стабилизирал речничкиот фонд на македонскиот литературен јазик. [1]
Изданија
уредиОсвен оригиналното, Речникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкување доживеал уште едно издание:
- Речник на македонскиот јазик, фототипско издание, Скопје, 1994, Детска радост, ISBN 9989-30-011-9 А-Ш, ISBN 9989-30-012-7 А-Н, ISBN 9989-30-013-5 О-П, ISBN 9989-30-014-3 Р-Ш