Приказната на Стрејт (филм)

„Приказната на Стрејт“ (англиски: The Straight Story) е филм од 1999 година во режија на Дејвид Линч (David Lynch). Филмот е продуциран и монтиран од Мери Свини (Mary Sweeney), долгогодишната партнерка и соработничка на Линч. Таа е авторка и на сценариото, заедно со Џон Роч (John E. Roach). Главните улоги ги играат: Ричард Фарнсворт (Richard Farnsworth), Сиси Спејсек (Sissy Spacek) и Хари Дин Стентон.[1] Насловот на филмот е двосмислен, зашто се однесува на презимето на Алвин, но исто така и на навидум праволиниската приказна на филмот, во споредба со комплексните и мистериозни заплети на другите филмови на Дејвид Линч. Филмот е заснован врз вистинската приказна за Алвин Стрејт и неговото патување низ Ајова и Висконсин на машина за сечење трева. За својата улога (последна во неговата кариера), Фарнсворт бил номиниран за наградата „Оскар“, а освоил неколку награди на американските филмски критичари. Филмот бил номиниран за наградата „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал, а освоил неколку филмски награди во САД, Британија, Шпанија и Данска.

Синопсис

уреди

Алвин Стрејт (го игра Ричард Фарнсворт), старец на возраст од 73 години, е ветеран од Втората светска војна, кој живее со својата ќерка Роуз (Сиси Спејсек), мила жена со ментално пореметување. Тој веќе десет години не разговара со брат му Лајл (го игра Хари Дин Стентон), но кога дознава дека тој претрпел мозочен удар, Алвин одлучува да го посети со надеж дека ќе се помират пред да умре. Но, поради неговите слаби нозе и очи, Алвин не може да добие возачка дозвола, па закачува приколка на купениот трактор за косење трева и тргнува на патувањето од Лоренс, Ајова до Маун Зион, Висконсин, долго 240 милји. Така филмот ја следи приказната на шестнеделното патување на Алвин низ руралната Америка, луѓето кои тој ги среќава, неговото влијание на нивните животи, и нивното на неговиот. Филмот е наречен модерна одисеја на човек кој се соочува со својот морал и грешки и вечните врски на семејството.

Наводи

уреди