Нафора[1][2] или антидор[3] (грчки: άντίδωρον — наместо подарок) — во православната литургија го претставува остатокот од просфората од која е изваден агнец од проскомидијата.

Делење нафора во руска црква

Во завршниот дел од литургијата, додека се чита 33. псалм, свештеникот или архиепископот кој служел литургија тој ден го дели антидорот на луѓето кои се причестиле и на оние кои не се причестиле на Светите тајни. Во исто време, свештеникот изговара: „на сиот народ го дели антидорот за благослов и очистување на душата, зашто е осветен и треба да го примат оние што не јаделе. Ако некој јадел или испил макар и малку, тој не треба да го прими антидорот“. Со тоа се постигнува единство на сите оние кои се причестиле, со оние кои не се причестиле, а според зборовите на апостол Павле: „Зашто лебот е еден, ние сме многу во едно тело, бидејќи сите се причестуваме од еден леб.(1 Кор 10:17)

Ова потекнува од агапе — вечера на љубовта, кои се организираат со цел заедничко и братско собирање на заедничка трпеза.[4] За да им се помогне на сиромашните, се одржувало тоа заедничко обедување каде се делел остатокот од просфората, како видлив знак на христијанската љубов и единство. Со текот на времето, наместо агапе, во црквата заживеал обичајот да се дели остатокот од благословениот леб на верниците по литургијата. Нафора може да се испрати дома кај оние кои поради некоја оправдана причина не можеле да дојдат в црква на службата.[5]

Нафората се зема на следниов начин: полека во редица му се приоѓа на свештеникот кој ја дели нафората. Кога ќе се дојде на ред, прво се прекрстува, а потоа на левата дланка се прекрстува десната дланка и му се приоаѓа на свештеникот, кој на испружената дланка става коцкичка нафора. Потоа се бакнува раката на свештеникот, се зема нафората в уста и се јаде и полека се излегува од црквата.

Нафора обично се јаде пред секое друго јадење тој ден.

Наводи уреди

  1. „нафора“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „нафора“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Таковски, Јован, протојереј (1999). „Терминологија од областа на теологијата“ (PDF). Македонска терминологија. Скопје: МАНУ. 102 (4): 10.
  4. О просфоре, антидоре и артосе
  5. Православная энциклопедия 115712 Антидор 2 485-487 Пономарёв А.В.