Прва книга Макавејска

„Прва книга Макавејска“ — книга од Стариот завет.

Содржина

уреди

Откако освојува многу земји, пред смртта, Александар Македонски им го дели царството на своите воени заповедници. За време на владеењето на царот Антиох, голем дел од Израилевите потомци се приклонуваат кон паганството. Антиох, пак, откако го победува египетскиот цар Птоломеј, го разурнува Ерусалим, а потоа, периодично ја опустошува Јудеја. Тој им наредува на Јудејците да живеат по новите закони и обичаи и многумина се покоруваат на царската заповед, а оние кои се верни на божјиот завет се прогонети. Во тоа време, во градот Модин живее Мататија, кој е верен на верата на своите предци. Тој собира бројни приврзаници, кои се одметнуваат од царската власт и живеат скришно во пустината, борејќи се против незнабошците. По смртта, нови водачи на одметниците стануваат неговите синови Симон и Јуда Макавеј.[1]

Јуда Макавеј собира војска и ги прогонува незнабошците, а во неколку наврати ја поразува царската војска и така се стекнува со голема слава. Потоа, тој го обновува жртвеникот на Сионската гора. Јуда Макавејски реди воени успеси против незнабошците, а царот Антиох дознава за тоа и умира од тага. Неговиот син собира голема војска и ги напаѓа Јудејците, но истовремено мора да војува и против соперниците кои сакаат да го преземат царскиот престол. Тогаш, од Рим пристига Димитриј кој го заробува синот на Антиох и го убива, а себеси се прогласува за нов цар. И Димитриј војува против Јуда Макавејски, кој испраќа пратеници во Рим за склучување сојуз. Меѓутоа, Димитриј продолжува да војува против Јудејците и Јуда гине во една битка. По неговата смрт, борбата ја продолжуваат неговите браќа Симон и Јонатан кого го прогласуваат за нов водач на Јудејците. Тие ја продолжуваат борбата против Димитриј, но подоцна двете страни склучуваат примирје.[2]

Соочен со заканата по неговиот престол, царот Димитриј склучува сојуз со Јонатан кого го прогласува за заповедник на Јудеја. Така, Јонатан се населува во Ерусалим и ги обновува градот и тврдината. Истовремено, синот на Антиох Епифан, царот Александар, му испраќа писмо на Јонатан, нудејќи му сојуз, и го прогласува за првосвештеник. Откако дознава за тоа, Димитриј им нуди слобода и самоуправа на Јудејците, како и бројни даночни олеснувања, но Јудејците ја одбиваат неговата понуда. Потоа, Александар ја победува војската на Димитриј, кој гине во борбата. За да ја зацврсти власта, Александар се жени со Клеопатра, ќерката на египетскиот цар Птоломеј, а потоа го поставува Јонатан за намесник на Јудеја и му прави големи почести. Меѓутоа, царот Птоломеј го раскинува сојузот со Александар и му ја зема ќерката, а потоа склучува сојуз со синот на царот Димитриј. Поразениот Александар бега во Арабија, каде е убиен. Синот на Димитриј (кој, исто така, се вика Димитриј) станува нов цар и склучува мир со Јонатан. По смртта на царот Птоломеј, народот и војската стануваат против Димитриј, но Јонатан испраќа своја војска и така го спасува царот. Меѓутоа, Димитриј не ги исполнува ветувањата дадени на Јудејците. Неговата војска повторно се крева на бунт и на власт доаѓа малолетниот син на царот Антиох, кој склучува сојуз со Јонатан. Јонатан, пак, испраќа пратеници во Рим и во Спарта за обновување на старото сојузништво. Тогаш, војсководецот Трифон, служејќи се со измама, го заробува Јонатан.[3]

Народот го избира Симон за нов војсководец и првосвештеник. Трифон бара откуп за да го ослободи Јонатан, но откако ги добива парите, наместо да го изврши ветувањето, тој го убива Јонатан. Симон го закопува својот брат и му гради споменик. Во меѓувреме, Трифон го убива младиот цар Антиох и ја презема власта. Симон, кој добива поддршка од царот Димитриј, гради тврдини и реди големи воени успеси, а за воен заповедник го именува синот Јован. Царот Димитриј, пак, започнува воен поход во Азија и гине во една битка во Мидија. Рим и Спарта го обновуваат сојузништвото со Јудејците, а Јудеја долго време живее во мир. Во земјата пристига синот на царот Димитриј, Антиох Седми, кој ги потврдува власта и привилегиите на Симон, а истовремено започнува војна против Трифон, кој е поразен, но успева да побегне. Тогаш, Антиох го крши сојузот со Јудејците и започнува војна против нив, но Јован успева да ги порази непријателите. Птоломеј, управникот на Ерихонската област, служејќи се со измама, го убива Симон и испраќа луѓе да го убијат и Јован, но тој дознава за тоа и ги убива напаѓачите.[4]

Наводи

уреди
  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 620-624.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 624-639.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 639-647.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 647-653.