Портрет - расказ на рускиот писател Николај Гогољ. Расказот, кој е дел од познатиот циклус „Петроградски раскази“, првобитно бил објавен во третата збирка на Гогољ, „Арабески“ од 1835 година.

Содржина уреди

Младиот сликар Чартков купува една слика во продавницата за уметнички предмети и неочекувано, во рамката наоѓа куп златници. Тогаш, во него се раѓа желбата за лесен и удобен живот и така започнува неговата пропаст. Наспроти советите од неговиот професор, Чартков станува помоден сликар и изработува портрети на богатите дами и господа, со што стекнува големо богатство кое му станува единствената цел во животот. На тој начин, тој потполно ја занемарува вистинската уметност и се претвора во обичен занаетчија кој работи за пари. Воден од љубовта кон парите, тој станува скржавец, а потоа почнува да им завидува на уметниците, па дури и да ги мрази. Поради тоа, своето огромно богатство го употребува за купување стари уметнички дела, кои потоа ги уништува.[1]

Осврт кон расказот уреди

Во расказот „Портрет“ е обработен проблемот на парите. Во основата на расказот се наоѓа романтичарскиот мотив за демонот кој со помош на златото ја купува душата на смртниот човек. Романтизмот и симболиката се особено нагласени во вториот дел од расказот, поради што тогашната напредна книжевна критика му забележувала на Гогољ. Сепак, „Портрет“ е силно уметничко дело во кое реалистично се дадени многу типични црти на капиталистичкото општество.[2]

Наводи уреди

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXIII.
  2. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXIII.