Петроградски раскази

Петроградски раскази (руски: Петербургские повести) - збирка раскази на рускиот писател Николај Гогољ.

„Петроградски раскази“
Илустрација од Кардовски за расказот „Невски проспект“, 1904
Изворен насловПетербургские повести
Држава Русија
ЈазикРуски
Жанр(ови)Збирка раскази
Датум на издавање1842

Содржина

уреди

„Петроградските раскази“ ги сочинуваат:[1]

Осврт кон расказите

уреди

Расказите „Невски проспект“, „Портрет“ и „Дневникот на еден лудак“ првобитно биле објавени во 1835 година, во третата збирка на Гогољ, „Арабески“, а дури подоцна, заедно со „Нос“ и Шинел“, издавачите ги нарекле „Петроградски раскази“. Конечниот облик на збирката бил заокружен во 1843 година. Поради нагласените фантастични мотиви, тие се третираат како „хофмански“ (по германскиот писател на фантастични раскази Хофман), иако во нив тешко може да се издвои влијанието на германскиот писател Хофман. Фантастичните настани во овие раскази со својата ирационалност се вклопуваат во една хомогена средина, која со нив прави неразделна целина.[2]

Петроградските раскази претставуваат важен настан не само во книжевниот развој на Гогољ, туку и во руската книжевност, воопшто. Со нив Гогољ дал нов доказ за своето длабоко познавање на животот и за широшината на уметничката дарба. Тој покажал дека не е само писател на живопосните и егзотичните приказни од Украина, туку дека е способен да проникне и во психологијата на новата средина. За тоа сведочи и самиот Гогољ, кој во едно писмо до М. С. Шчепкин од 1836 година пишува дека петроградскиот живот му е повеќе и подобро познат од оној во провинцијата. Основната одлика на петроградските раскази на Гогољ е тоа што во нив е опишан „малиот човек“. Пред Гогољ, благородниците биле главните ликови во руската книжевност, а ако воопшто се споменувале обичните луѓе, тие биле само слуги и робови и таква им била улогата и во книжевните дела. Пред Гогољ, само Пушкин им посветил поголемо внимание на „малите луѓе“, како што е случајот со расказот „Надзорникот на поштенската станица“ и поемата „Бронзениот коњаник“. Но, Гогољ отишол подалеку од Пушкин во сликањето на „малиот човек“ - темата што ја зачнал Пушкин, Гогољ ја проширил и ја продлабочил. Во петроградските раскази, главните јунаци се занаетчии, ситни интелектуалци и ситни службеници. Притоа, Гогољ го изразува страдањето на малиот човек во големиот град и протестира против бездушната бирократска машина. На тој начин, сликата на стварноста што ја дава Гогољ во своите раскази е поконкретна и целосна, а Гогољ се јавува како бранител и застапник на пониските слоеви, што уште повеќе ја засилува хуманистичката црта во неговите дела.[3]

Во „Петроградските раскази“ Гогољ започнал на една долга традиција во руската книжевност - темата на „понижените и навредените“ (според изразот на Достоевски), темата која се покажала толку неисцрпна, што руската книжевност никогаш повеќе не ја напуштила. Гогољевата критика е многу остра и тој ги исмејува аристократијата, високите државни службеници и малограѓаните. Поради тоа, при печатењето на овие раскази Гогољ бил изложен на цензурата, која ги преправала неговите дела или тој самиот и морал да ги ублажува своите зборови. На пример, цензурата не ја дозволила сцената во „Невски проспект“ во која Германците го тепаат рускиот офицер Пирогов, така што во крајната верзија на расказот Гогољ оставил само алузија на тоа. Слична била и судбината на расказот „Шинел“ во кој Гогољ морал да го ублажи описот на претсмртното бунило на Акакиј Акакиевич. Така, во првобитниот текст на расказот, Акакиј пцуел и се заканувал дека ќе му го грабне шинелот на генералот, велејќи: „Не ми е грижа што сте вие генерал.“[4]

Наводи

уреди
  1. N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964.
  2. Nana Bogdanović, „N. V. Gogolj“, во: N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 130-131.
  3. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXX-XXXI.
  4. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXVI-XXXVII.