Подјазичен живец

(Пренасочено од Подјазичен нерв)

Подјазичен живец (лат. nervus hypoglossus) — дванаесетти черепен (капитален) живец (нерв) кој ги инервира сите надворешни и внатрешни мускули на јазикот, освен непчано-јазичниот или палатоглосниот мускул (лат. musculus palatoglossus s. glossopalatinus), кој е инервиран од нервот луталник. Тој е нерв со исклучително моторна функција. Подјазичниот живец потекнува од јадрото на подјазичниот живец во продолжениот мозок, од каде излегува во вид на голем број мали коренчиња, потоа поминува низ подјазичниот канал и се спушта низ вратот и на крај повторно се искачува над мускулите на јазикот кои ги инервира.

Подјазичен живец
Подјазичен живец, вратен сплет и нивните гранки.
Подјазичниот живец е прикажан како „hypoglossal“
Податоци
Воansa cervicalis
Надразнувагениоглосен мускул, хиоглосен мускул, стиоглосен мускул, гениохиоиден мускул, тирохиоиден мускул, внатрешни мускули на јазикот
Назнаки
Латинскиnervus hypoglossus
TAA14.2.01.191
FMAFMA:50871

Подјазичниот живец е вклучен во контролата на движењата на јазикот кои се неопходни за говор и голтање, вклучувајќи го плазењето на јазикот и неговото движење од една на друга страна. Неговото оштетување или оштетувањето на нервните патишта кои го контролираат може да влијае на способноста на јазикот да се движи и на неговиот изглед, а најчестите причини за оштетување се повредите од траума или операција и болеста на моторните неврони. Првиот запишан опис на подјазичниот живец бил од страна на старогрчкиот лекар и анатом Херофил во третиот век п.н.е. Латинскиот назив на овој живец, nervus hypoglossus, потекнува од грчките зборови hypo („под“) и glossa („јазик“).

Структура

уреди

Подјазичниот живец излегува во вид на голем број мали коренчиња од предниот дел на продолжениот мозок, во долниот дел од мозочното стебло,[1][2] од предно-бочниот жлеб (sulcus anterolateralis medullae oblongatae), кој ја одделува маслината (oliva) од пирамидата (pyramis medullae oblongatae).[3] Тој поминува низ субарахноидалниот простор и ја пробива тврдата мозочница (dura mater) во близина на подјазичниот канал, кој претставува отвор во тилната коска на черепот.[4]

По излегувањето од подјазичниот канал, подјазичниот живец дава менингеална гранка и зема гранка од вентралниот корен на С1. Потоа се движи близу до нервот луталник и ’рбетниот дел на помошниот живец (n.accessorius),[2] се завива надолу зад нервот луталник и поминува меѓу внатрешната каротидна артерија и внатрешната југуларна вена, лежејќи на каротидната обвивка.[4]

Во одредена точка на нивото на аголот на долновиличната коска (мандибулата), подјазичниот живец се појавува зад задното меше на двомешестиот мускул (musculus digastricus).[4] Потоа се свива околу гранка на тилната (окципитална) артерија и се движи напред во регионот под долновиличната коска.[4] Тој се движи напред латерално од хиоглосниот мускул (musculus hyoglossus) и медијално во однос на стилохиоидниот мускул (musculus stylohyoideus) и јазичниот живец (nervus lingualis).[4] Потоа продолжува длабоко до гениоглосниот мускул (musculus genioglossus) и продолжува напред до врвот на јазикот. Тој дава гранки на внатрешниот и надворешниот мускул на јазикот, инервирајќи ги како што поминува во оваа насока и снабдува неколку мускули (хиоглосниот, гениоглосниот и стилоглосниот) низ кои поминува.[4]

Коренчињата на подјазичниот живец потекнуваат од јадрото на подјазичниот живец близу до дното на мозочното стебло.[1] Јадрото на подјазичниот живец добива сигнали од двете моторни кори, но контралатералните сигнали се доминантни; инервацијата на јазикот во суштина е латерализирана.[5] Сигналите од мускулните вретена на јазикот патуваат низ подјазичниот живец, потоа се префрлуваат на јазичниот живец, кој гради синапси со средномозочното јадро на трогранковиот живец (nucleus mesencephalicus nervi trigemini).[2]

Развој

уреди

Подјазичниот живец ембриолошки потекнува од првиот пар на тилни (окципитални) сомити, кои претставуваат збирови на мезодерм кои се формираат покрај главната оска на ембрионот за време на ембрионалниот развој.[6] Мускулатурата која ја снабдува се развива како подјазична врвца од миотомите на првите четири пара тилни сомити.[7][8] Подјазичниот живец станува видлив во четвртата недела од ембрионалниот развој како серија на коренчиња, кои формираат единствен нерв и се поврзуваат со јазикот до петтата недела од развојот.[9]

Јадрото на подјазичниот живец се развива од базалната плоча (lamina ventrolateralis; lamina basalis) на ембрионалниот продолжен мозок.[10][11]

Функција

уреди
 
Шематски приказ на подјазичниот живец и мускулите кои ги инервира.

Подјазичниот живец дава моторна контрола на надворешните мускули на јазикот: гениоглосниот, хиоглосниот, стилоглосниот; како и на внатрешните мускули на јазикот.[2] Тој ги снабдува сите мускули на јазикот освен палатоголосниот мускул. Подјазичниот живец е составен од општи соматски еферентни влакна.

Мускулите кои ги инервира подјазичниот живец учествуваат во движењата на јазикот.[2] Левиот и десниот гениоглосен мускул се особено одговорни за плазење на јазикот. Овие мускули, прицврстени за долната страна на горните и задните делови на јазикот, предизвикуваат плазење на јазикот и девијација кон спротивната страна.[4] Подјазичниот живец, исто така, е одговорен за движења како што се расчистувањето на усната празнина од плунка и други неволни активности. Јадрото на подјазичниот живец комуницира со ретикуларната формација, која е вклучена во контролата на некои рефлексни или автоматски движења, а неколку влакна кои потекнуваат од кортикобулбарниот пат обезбедуваат инервација за несвесни движења во врска со говорот и артикулацијата.

Клиничко значење

уреди

Оштетување

уреди

Извештаи за оштетување на подјазичниот живец се ретки.[12] Најчестите причини за повреда се компресија од тумори и прострелни рани.[13] Голем број на други причини исто така можат да доведат до оштетување на овој живец, како што се: хируршко оштетување, мозочен удар, мултиплекс склероза, Гилен-Бареов синдром, инфекција, саркоидоза и присуство на ектатичен сад во подјазичниот канал.[14] Штетата може да се јави на едната или на двете страни, што влијае на симптомите што ги предизвикува оваа штета.[2] Поради блискоста на подјазичниот живец до други структури, вклучувајќи други живци, артерии и вени, ретко се случува да штетата на подјазичниот живец е изолирана. На пример, оштетувањето на левиот и десниот подјазичен живец може да се јави истовремено со оштетување на лицевиот живец и трогранковиот живец, како резултат на оштетување од тромб после артериосклероза на вертебробазиларната артерија. Таквиот мозочен удар може да резултира со затегната орална мускулатура и тешкотии при зборувањето и џвакањето.

Прогресивната булбарна парализа, што претставува форма на заболување на моторните неврони, е поврзана со лезии на јадрото на подјазичниот живец и nucleus ambiguus, и со атрофија на моторните нерви на мостот и продолжениот мозок. Кај ова заболување се јавуваат потешкотии при движењето на јазикот, говорот, џвакањето и голтањето, предизвикани од дисфункција на неколку јадра на черепните нерви.[2] Болеста на моторните неврони е најчестата болест која го афектира подјазичниот живец.[15]

Испитување

уреди
 
Повредениот подјазичен живец предизвикува атрофија на јазикот и неможност да биде правилно исплазен. Повредата во овој случај настанала поради операција на cystis branchiogenes.[16]

Функцијата на подјазичниот живец се тестира со испитување на јазикот и неговите движења. Доколку живецот е повреден, јазикот во мирување може да има изглед на „вреќа со црви“ (фасцикулации) или да атрофира. Живецот потоа се тестира со плазење на јазикот. Доколку постои оштетување на живецот или неговите патишта, јазикот обично, но не секогаш, се искривува на едната страна.[6][17] Слабоста на мускулите на јазикот често резултира со нејасен говор на пациентот.[16] Јачината на јазикот може да се тестира со притискање на внатрешноста на образот со јазикот, при што испитувачот ја допира надворешната страна на образот.

Подјазичниот живец е изграден од долни моторни неврони кои градат синапси со горни моторни неврони во јадрото на подјазичниот живец. Симптомите поврзани со неговото оштетување ќе зависат од положбата на оштетување во овој пат. Ако оштетувањето е на самиот живец (лезија на долните моторни неврони), јазикот ќе се искриви кон оштетената страна како резултат на слабоста на гениоглосниот мускул на афектираната страна.[18] Ако оштетувањето е на нервниот пат (лезија на горните моторни неврони), јазикот ќе се искриви спротивно од страната на оштетувањето, поради активноста на засегнатиот гениоглосен мускул, а ќе се јави без фасцикулации или атрофија, со поевидентни тешкотии во говорот.[6] Оштетувањето на јадрото на подјазичниот живец доведува до атрофија на мускулите на јазикот и искривување кон засегнатата страна кога е исплазен. Ова се јавува поради слабоста на гениоглосниот мускул.[2]

Употреба во поправката на други нерви

уреди

Подјазичниот живец може да биде поврзан (анастомозиран) за лицевиот живец, кога лицевиот живец е оштетен, во обид да се врати неговата функција. Обиди за поправка на лицевиот живец со целосно или делумно поврзување на нервните влакна на подјазичниот живец за лицевиот живец може да се применат кога постои фокално оштетување на нервите на лицето (на пример, од траума или рак).[19][20]

Историја

уреди

Првиот пишан опис на подјазичниот живец бил од страна на старогрчкиот лекар и анатом Херофил (335–280 п.н.е.), иако во тоа време не бил именуван. Првата употреба на името подјазичен на латински, како nervi hypoglossi externa, била од страна на францускиот анатом Јакоб Винслов во 1733 година. Ова именување било проследено со неколку различни именувања, вклучувајќи ги nervi indeterminati, par lingual, par gustatorium, голем подјазичен од различни автори, и густаторен и јазичен нерв (од Винслов). Во 1778 година бил наведен од страна на Сомеринг како nerve hypoglossum magnum. Потоа бил именуван како голем подјазичен нерв од страна на Жорж Кивје, во 1800 година.[21]

Други животни

уреди

Подјазичниот живец е еден од дванаесетте черепни живци кои се среќаваат кај амниотите, односно влекачите, цицачите и птиците.[22] Еволутивното потекло на овој живец било истражувано преку негови проучувања кај глодачите и влекачите.[23] Се смета дека тој еволутивно потекнува од нерви на цервикалниот (вратен) ’рбет,[2] кои се издвоиле како посебен нерв во текот на еволуцијата.

Големината на подјазичниот живец, мерена според големината на подјазичниот канал, се претпоставувало дека е поврзана со еволуцијата на приматите, со образложение дека поголемите нерви би биле поврзани со подобрувања во говорот поврзани со еволуциони промени, меѓутоа оваа хипотеза е побиена.[24]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Dale Purves (2012). Neuroscience. Sinauer Associates. стр. 726. ISBN 978-0-87893-695-3.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 M. J. T. Fitzgerald; Gregory Gruener; Estomih Mtui (2012). Clinical Neuroanatomy and Neuroscience. Saunders/Elsevier. стр. 216. ISBN 978-0-7020-4042-9.
  3. Anthony H. Barnett (2006). Diabetes: Best Practice & Research Compendium. Elsevier Health Sciences. стр. 30. ISBN 978-0-323-04401-1.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Gray's Anatomy 2008.
  5. Kandel, Eric R. (2013). Principles of neural science (5.. изд.). Appleton and Lange: McGraw Hill. стр. 1541–1542. ISBN 978-0-07-139011-8.
  6. 6,0 6,1 6,2 Hill, Mark. „Carnegie stage 12 – Embryology“. embryology.med.unsw.edu.au. Посетено на 12 March 2017.
  7. Coley, Brian D.; Sperling, Vera (21 May 2013). Caffey's Pediatric Diagnostic Imaging (англиски). Elsevier Health Sciences. стр. 115. ISBN 978-1455753604. Посетено на 12 March 2017.
  8. Sperber, Geoffrey H.; Sperber, Steven M.; Guttmann, Geoffrey D. (2010). Craniofacial Embryogenetics and Development (англиски). PMPH-USA. стр. 193. ISBN 9781607950325.
  9. O'Rahilly, Ronan; Müller, Fabiola (March 1984). „The early development of the hypoglossal nerve and occipital somites in staged human embryos“. American Journal of Anatomy. 169 (3): 237–257. doi:10.1002/aja.1001690302. PMID 6720613.
  10. „Neural - Cranial Nerve Development“. embryology.med.unsw.edu.au. Посетено на 17 June 2016.
  11. Pansky, Ben. „Chapter 147. The Brainstem: Myelencephalon (fifth Vesicle) – Basal Motor Plate – Review of Medical Embryology Book – LifeMap Discovery“. discovery.lifemapsc.com. Архивирано од изворникот на 13 March 2017. Посетено на 12 March 2017.
  12. Hui, Andrew C. F.; Tsui, Ivan W. C.; Chan, David P. N. (2009-06-01). „Hypoglossal nerve palsy“. Hong Kong Medical Journal = Xianggang Yi Xue Za Zhi. 15 (3): 234. ISSN 1024-2708. PMID 19494384.
  13. Keane, James R. (1996-06-01). „Twelfth-Nerve Palsy: Analysis of 100 Cases“. Archives of Neurology. 53 (6): 561–566. doi:10.1001/archneur.1996.00550060105023. ISSN 0003-9942. PMID 8660159.
  14. Boban, Marina; Brinar, Vesna V.; Habek, Mario; Radoš, Marko (2007). „Isolated Hypoglossal Nerve Palsy: A Diagnostic Challenge“. European Neurology. 58 (3): 177–181. doi:10.1159/000104720. PMID 17622725.
  15. „Chapter 7: Lower cranial nerves“. www.dartmouth.edu. Архивирано од изворникот на 2007-10-18. Посетено на 2016-05-12.
  16. 16,0 16,1 Mukherjee, Sudipta; Gowshami, Chandra; Salam, Abdus; Kuddus, Ruhul; Farazi, Mohshin; Baksh, Jahid (2014-01-01). „A case with unilateral hypoglossal nerve injury in branchial cyst surgery“. Journal of Brachial Plexus and Peripheral Nerve Injury. 7 (1): 2. doi:10.1186/1749-7221-7-2. PMC 3395866. PMID 22296879.
  17. „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-09-27. Посетено на 2011-12-04.
  18. Brazis (2007). Localization in Clinical Neurology. стр. 342.
  19. Yetiser, Sertac; Karapinar, Ugur (2007-07-01). „Hypoglossal-Facial Nerve Anastomosis: A Meta-Analytic Study“. Annals of Otology, Rhinology, and Laryngology (англиски). 116 (7): 542–549. doi:10.1177/000348940711600710. ISSN 0003-4894. PMID 17727086.
  20. Ho, Tang. „Facial Nerve Repair Treatment“. WebMDLLC. Посетено на 9 December 2011.
  21. Swanson, Larry W. (2014-08-12). Neuroanatomical Terminology: A Lexicon of Classical Origins and Historical Foundations. стр. 300. ISBN 978-0-19-534062-4.
  22. Sharma, SK (2014). Objective Zoology (англиски). Krishna Prakashan Media. стр. 3.84.
  23. Tada, Motoki N.; Kuratani, Shigeru (2015-01-01). „Evolutionary and developmental understanding of the spinal accessory nerve“. Zoological Letters. 1: 4. doi:10.1186/s40851-014-0006-8. ISSN 2056-306X. PMC 4604108. PMID 26605049.
  24. Hurford, James R. (2014-03-06). Origins of Language: A Slim Guide (англиски). OUP Oxford. стр. Chapter "we began to speak and hear differently". ISBN 9780191009662.
Извори
  • Susan Standring; Neil R. Borley; и др., уред. (2008). Gray's anatomy : the anatomical basis of clinical practice (40th. изд.). London: Churchill Livingstone. ISBN 978-0-8089-2371-8.