Пирамидален систем

Пирамидален систем (лат. tractus pyramidalis) — главен кортикален моторен пат, кој ги вклучува кортикоспиналниот пат (tractus corticospinalis) и кортикобулбарниот пат (tractus corticobulbaris). Тој е изграден од збир (агрегација) на еферентни нервни влакна кои потекнуваат од горните моторни неврони и патуваат од кората на големиот мозок до мозочното стебло (кортикобулбарен пат) или до ‘рбетниот мозок (кортикоспинален пат), а е одговорен за контролата на моторните функции на телото.

Пирамидален систем

Кортикобулбарниот пат спроведува импулси од кората на големиот мозок до черепните (кранијални) нерви. Овие нерви ги контролираат мускулите на лицето и вратот и се вклучени во изразите на лицето (фацијални експресии), џвакањето (мастикација), голтањето и други моторни функции.[1]

Кортикоспиналниот пат спроведува импулси од кората на големиот мозок до ‘рбетниот мозок и е одговорен за волните движења на телото. Тој се состои од бочен (латерален) кортикоспинален пат (tractus corticospinalis lateralis) и преден кортикоспинален пат (tractus corticospinalis anterior). Најголемиот дел од влакната на кортикоспиналниот пат се вкрстуваат на ниво на продолжениот мозок (decussatio pyramidum), што како резултат ја дава појавата да мускулите од десната страна на телото се контролирани од левата мозочна полутопка и обратно. Кортикоспиналниот пат ги содржи аксоните на Бецовите џиновски пирамидални клетки, кои се сместени во петтиот слој на сивата маса на примарната моторна кора и се најголемите неврони во централниот нервен систем.

Името на пирамидалниот систем потекнува од неговото минување низ пирамидите на продолжениот мозок. Исто така, кога кортикоспиналните влакна се спуштаат од внатрешната чаура кон мозочното стебло тие имаат облик сличен на превртена пирамида. Дефектите на пирамидалниот систем на кое било ниво доведува до појава на пирамидални знаци.

Миелинизацијата на пирамидалните влакна е непотполна при раѓањето, а потоа постепено напредува во кранио-каудална насока и, на тој начин, прогресивно се здобива со функционалност. Најголем дел од миелинизацијата е завршен до втората година од животот, а потоа бавно напредува во кранио-каудална насока до дванаесеттата година од животот.

Структура уреди

Пирамидалниот систем се дели на кортикоспинален пат и кортикобулбарен пат, во зависност од тоа дали аксоните на моторните неврони завршуваат во ‘рбетниот мозок или во мозочното стебло.

Кортикоспинален пат уреди

 
Кортикоспинален пат

Аксоните на кортикоспиналниот пат потекнуваат од пирамидалните клетки во слојот V на кората на големиот мозок. Во најголем процент тие доаѓаат од примарната моторна кора (cortex motorius primus), односно околу 30%; потоа од суплементарната моторна област и премоторната кора (заедно околу 30%); но и од соматосензорната кора, темениот резен (lobus parietalis) и цингуларната кора (cortex cingularis) (заедно околу 40%).[2] Од моторната кора тие патуваат низ задниот крак на внатрешната чаура (crus posterius capsulae internae), заземајќи ги предните 2/3 од овој крак. За да стигнат до внатрешната чаура тие минуваат низ средишната бела маса (centrum semiovale), а се групирани во задниот дел на фронталниот сноп на зракастата круна (pars frontalis coronae radiatae). При преминот низ внатрешната чаура, влакната на кортикоспиналниот пат се распоредени така што влакната за горните екстремитети поминуваат непосредно позади коленото на внатрешната чаура (genu capsulae internae), позади нив се влакната за трупот, а најодзади се влакната за долните екстремитети. Потоа тие минуваат низ вентралната површина на средниот мозок, поточно низ crus cerebri, заземајќи ја неговата средна третина. Во crus cerebri, кортикоспиналниот пат се наоѓа латерално од кортикобулбарниот пат. Од таму се спуштаат низ мостот до вентралниот дел на продолжениот мозок, каде градат две испакнувања наречени пирамиди на продолжениот мозок (pyramis medullae oblongatae). Во долниот дел на пирамидите на продолжениот мозок, најголем дел од аксоните преминуваат на спротивната (контралатерална) страна (околу 80% од нив), а оваа појава се нарекува вкрстување на пирамидите (decussatio pyramidum). Аксоните кои се вкрстиле се преместуваат во предниот дел на продолжениот мозок и тие го градат бочниот (латерален) кортикоспинален пат, додека оние кои не се вкрстиле го градат предниот кортикоспинален пат.[2]

После вкрстувањето во продолжениот мозок, двата одделни кортикоспинални патишта (бочен и преден) патуваат надолу во белата маса на ‘рбетниот мозок, додека не дојдат до прешленското ниво на мускулот кого треба да го инервираат.[3] На ова место тие градат синапси со долните моторни неврони. Мнозинството од аксоните не градат директни синапси со долните моторни неврони, туку тоа го прават преку интерневрони. Градењето на синапси главно се одвива во предните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок (cornu anterius medullae spinalis).[2]

Кортикоспиналните патишта содржат повеќе од еден милион аксони, од коишто повеќето се миелинизирани. Овие аксони се миелинизираат главно во првата и втората година од животот. Иако мнозинството од овие аксони имаат мал пречник (< 4 µm), околу 3% од нив имаат многу голем пречник (16 µm), кои потекнуваат од Бецовите џиновски пирамидални клетки, и тоа главно во примарната моторна кора со проекции за нозете. Главната одлика на аксоните на Бецовите клетки е исклучително брзата спроводливост (> 70 m/s), што ги прави најбрзо спроводливи влакна кои ја поврзуваат кората на големиот мозок со ‘рбетниот мозок.[2]

Кортикобулбарен пат уреди

 
Кортикобулбарен пат

Кортикобулбарниот пат започнува во примарната моторна кора на челниот резен (lobus frontalis), супериорно во однос на бочната бразда (sulcus lateralis cerebri) и рострално во однос на централната бразда (sulcus centralis cerebri), во прецентралната витка (gyrus precentralis) (Бродманова област 4). Влакната од вентралната моторна кора патуваат заедно со кортикоспиналниот пат низ внатрешната чаура, но завршуваат во бројни локации во средниот мозок (tractus corticomesencephalis), мостот (tractus corticopontinus) и продолжениот мозок (tractus corticobulbaris).[4] Кортикобулбарниот пат се спушта низ зракастата круна (corona radiata), а потоа низ коленото на внатрешната чаура (genu capsulae internae) (неколку влакна се наоѓаат во задниот крак на чаурата), и потоа во средниот мозок. Во средниот мозок внатрешната чаура се претвора во мозочните краци (pedunculus cerebri). Белата маса се наоѓа во вентралниот дел на мозочните краци, наречена crus cerebri. Средната третина на crus cerebri ги содржи кортикобулбарните влакна и кортикоспиналните влакна. Кортикобулбарните влакна завршуваат на соодветно ниво во мозочното стебло за да градат синапси со долните моторни неврони на черепните (кранијални) нерви. Тие, исто така, можат да завршат во некое од сетилните јадра на мозочното стебло, вклучувајќи ги Головото јадро (nucleus gracilis), Бурдаховото јадро (nucleus cuneatus), nucleus tractus solitarii medullae oblongatae и јадрата на трогранковиот нерв.[1] Околу 50% од кортикобулбарните влакна се вкрстуваат, за разлика од оние на кортикоспиналниот пат каде мнозинството се вкрстуваат.[1]

Кортикобулбарниот пат е составен од горните моторни неврони на черепните (кранијални) нерви, и тој ги контролира мускулите на лицето, главата и вратот. Се смета дека влакната што завршуваат во сетилните јадра на мозочното стебло ја зајакнуваат или инхибираат сетилната трансмисија. Ова овозможува селективно внимание или невнимание кон разни стимули.[1] Кортикобулбарниот пат ги инервира кранијалните моторни јадра билатерално (двострано), со исклучок на долните фацијални јадра (кои ги инервираат мускулите на лицето под очите) и гениоглосниот мускул, кои се инервирани само еднострано од контралатералната моторна кора. Кај оние јадра кои се билатерално инервирани се забележува дека контралатералната врска е појака од ипсилатералната. Кортикобулбарниот пат директно ги инервира јадрата на кранијалните нерви V (трогранковиот нерв), VII (лицевиот нерв), IX (јазичноголтниковиот нерв) и XII (подјазичниот нерв), а исто така придонесува за моторните региони на кранијалниот нерв X (нерв луталник) во nucleus ambiguus.[4]

Функција уреди

Нервите на кортикоспиналниот пат се вклучени во движењата на мускулите на телото. Поради вкрстувањето на влакната, мускулите се снабдуваат со влакна од контралатералната страна на мозокот.[2] Нервите на кортикобулбарниот пат се вклучени во движењата на мускулите на главата, како што се голтањето, фонацијата, движењата на јазикот и мимиката (фацијална експресија).[3] Со исклучок на долните мускули за фацијална експресија, сите други функции на кортикобулбарниот пат имаат придонес од двете страни на мозокот.[3]

Дополнителни слики уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Koeppen, Bruce M.; Stanton, Bruce A. (2010-01-04). Berne & Levy Physiology, 6th Updated Edition, with Student Consult Online Access.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 PhD, John E. Hall (2015-06-03). Guyton and Hall Textbook of Medical Physiology.
  3. 3,0 3,1 3,2 Arslan, Orhan E. (2001-08-15). Neuroanatomical Basis of Clinical Neurology (англиски). CRC Press. ISBN 978-1-4398-0613-5.
  4. 4,0 4,1 Young, Paul A.; Young, Paul Henry; Tolbert, Daniel Lee (2008). Basic Clinical Neuroscience (англиски). Lippincott Williams & Wilkins. ISBN 978-0-7817-5319-7.

Надворешни врски уреди