Пеперутка (филм од 1973)

„Пеперутка“ (српски: Лептирица) - југословенски филм од 1973 година, во режија на Ѓорѓе Кадиевиќ, според расказот на Милован Глишиќ. Главните улоги ги играат: Петар Божовиќ, Мирјана Николиќ, Слободан Перовиќ, Васја Станковиќ и Танасие Узуновиќ. Филмот, кој е снимен во селото Зелиње крај Зворник, е првиот српски хорор-филм и еден од ретките фантастични филмови во југословенската кинематографија.[1]

Податотека:Leptirica.jpg
Плакатот за филмот „Пеперутка“

Синопсис

уреди

Дејството на филмот се одвива во едно село во кое стариот воденичар слуша чудни звуци што доаѓаат од шумата. Додека тој спие, воденичниот камен наеднаш престанува да се врти, а едно суштество во облик на човек, но со црни раце и долги заби и нокти го каснува за вратот. По оваа воведна сцена, филмот ја прикажува љубовната романса меѓу сиромашното момче Страхиња (го игра Божовиќ) и убавата девојка Радојка (ја игра Николиќ), ќерката на газдата Живан (го игра Перовиќ) кој не ѝ дозволува да се омажи за Страхиња. Разочаран, Страхиња го напушта селото и заминува во Зарожје, каде среќава група селани кои раскажуваат за проколнатата воденица при што тој ја прифаќа понудата да работи како воденичар. Страхиња ја поминува ноќта во воденицата, го преживува нападот на необичното суштество и го дознава неговото име - Сава Стевановиќ. Потоа, селаните ја прашуваат најстарата жена во соседното село дали во близината се наоѓа гробот на таков човек. Откако го наоѓаат местото каде што бил закопан Сава, тие го прободуваат со кол низ затворениот ковчег, но од него успева да излета една пеперутка. За да му вратат за услугата, селаните му помагаат на Страхиња да ја грабне Радојка и да ја доведе во Зарожје. Во текот на ноќта, додека селаните се подготвуваат за свадбата, Страхиња кришум влегува во собата во која спие Радојка и, додека ја соблекува, открива крвава дупка на нејзините гради, а врз основа на тоа сфаќа дека таа била во ковчегот. Тогаш, Радојка ги отвора очите и се претвора во грдо, влакнесто суштество кое го јавнува Страхиња и го носи до гробот на Сава, а таму го тера да го извлече колот од ковчегот. Тогаш, суштеството исчезнува, а од гробот излегува друго такво суштество кое Страхиња го прободува со колот. На крајот од филмот, Страхиња лежи неподвижно на земјата а над неговата глава пеперутката мавта со крилата.[2]

Наводи

уреди