Панде Чесноска
Панде Чесноска (Прилеп, 1 септември 1919 - месност Буковиќ, јули 1945) — македонска комунистка, учесник во НОБ. Загинала во неразјаснети околности.
Животопис
уредиИ покрај тоа што Чесноска била ќерка на богато и видно семејство од Прилеп, била член на СКОЈ и КПЈ од пред војната. Пред војната се дружела со прогресивните младинци од Прилеп, а најмногу соработувала со народниот херој Кире Гаврилоски. Нивното зближување постепено ќе прерасне во вистинска љубов.
Есента 1943 година, Чесноска била испратена во редовите на партизанските единици, кои тогаш се наоѓале на ослободената територија на Дебрца. Во Бирото на Вториот обласен комитет останала до 5 декември 1943 година, кога партизанските единици се повлекле за Егејска Македонија. Вториот обласен комитет заминал за Битола, а Чесноска била испратена за Охрид. Нејзе, најверојатно, ѝ била дадена задача да ја пренесе архивата. Таа во Охрид се сместила во куќата на Никола Михајлов Камнаровски, кого го познавала од порано. Тој пред војната работел како келнер во кафеаната на нејзиниот стрико во Прилеп. Меѓутоа, била предадена и уапсена и подоцна однесена во битолскиот затвор. Заедно со други партизани побегнала од затворот и повторно се вклучила во движењето.
Во јули 1945 година ОЗНА ја ликвидирала Панде Чесноска, која работеше во истата служба и имаше чин поручник. Директни егзекутори беа Злате Билјановски и Мито Мицајков. Целата вистина за злосторот се дознала летото 1990 година, кога возачот Љупчо Покрајчев-Чкало решил јавно да каже дека неа ја убиле двајцата високи раководители на ОЗН-а кај месноста Буковиќ на патот Гостивар-Кичево.[1][2]
Наводи
уреди- ↑ Виктор Цветаноски, „Зошто ОЗН-а ја уби Чесноска“, „Утрински Весник“, 18.12.2010.
- ↑ „Панде Чесноска“, oldprilep.