Ослободување (филм од 1972)

Ослободување (англиски: Deliverance) - американски филм од 1972 година, во режија на Џон Бурман, според сценариото на Џејмс Дики, засновано врз неговиот роман. Главните улоги ги толкуваат: Берт Рејнолдс, Џон Војт, Нед Бити и Рони Кокс. Поради скромниот буџет, филмот бил снимен без каскадери, така што главните глумци морале самите да ги снимаат опасните сцени. Притоа, Берт Рејнолдс сериозно се повредил, кога паднал во речните брзаци, Џон Војт самиот се качувал по стрмните карпи, а во филмот глумеле и месните жители. Филмот постигнал голем успех кај критиката и кај публиката, а бил номиниран за наградите „Оскар“ (во три категории - најдобар филм, режија и монтажа) и „Златен глобус“ (во четири категории). Исто така, голема популарност постигнала и песната „Двобој со бенџо“.[1]

Содржина

уреди

Луис (го игра Рејнолдс) и тројца негови пријатели, Ед (го игра Војт), Дру (го игра Кокс) и Боби (го игра Бити), сакаат да ја поминат реката Кахулаваси со кану, зашто целиот тој крај набргу треба да биде потопен од вештачкото езеро за потребите на една хидроцентрала. Притоа, нивното мирно патување се претвора во тешка борба за опстанок. Најпрвин, Ед и Боби застануваат на брегот од реката, но таму ги заробуваат двајца од месните жители, кои го силуваат Боби. Тогаш, Луис го убива едниот од насилниците, додека другиот успева да побегне. Тие го закопуваат убиениот и продолжуваат низ реката, но набргу, нивните кануи се превртуваат при што Луис ја повредува ногата, а Дру умира. Останатите мислат дека Дру се удавил, но Луис им кажува дека бил убиен, најверојатно од избеганиот насилник. Додека Луис и Боби остануваат долу во кањонот, Ед успева да се искачи по карпите и среќава човек со пушка. Ед го убива човекот, но тогаш утврдува дека тој не е побегнатиот насилник, туку некој ловец. Најпосле, тројцата другари успеваат да стигнат во најблиското населено место и Луис го задржуваат во болницата, а другите двајца ги испитува полицијата. Тие се договараат да кажат лажна приказна за случајот, со цел да го прикријат двојното убиство. Локалниот шериф се сомнева во нивните изјави, но бидејќи нема докази, најпосле ги ослободува.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „HRT (пристапено на 1.12.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-11-28. Посетено на 2017-12-04.