Октомври: Десет дена што го потресоа светот (филм)

Октомври: Десет дена што го потресоа светот (руски: Октябрь: Десять дней, которые потрясли мир) — советски филм од 1927 година, во режија на Сергеј Ејзенштајн и Григориј Александров, кои се автори и на сценариото. Оригиналниот наслов на филмот бил „Октомври“, но подоцна, ширум светот бил прикажуван под насловот „Десет дена што го потресоа светот“, според истоимената книга на Џон Рид. Главните улоги ги играат: Борис Ливанов, Николај Попов и Василиј Никандров, а музиката ја компонирал Дмитри Шостакович. Филмот бил снимен по порачка на советската власт, по повод десетгодишнината од Октомвриската револуција при што власта цензурирала некои делови од филмот. Ејзенштајн само што се вратил од светската турнеја на која го претставил својот филм „Крстарицата Потемкин“ со кој стекнал статус на еден од најголемите светски синеасти. Благодарение на тоа, Ејзенштајн имал голема креативна слобода и ги користел државните ресурси. Така, во снимањето на филмот учествувале десетици илјади статисти, а главните улици во Ленинград биле затворени со цел поубедливо да се реконструираат историските настани. Меѓутоа, дел од тогашните советски критичари му забележувале на Ејзенштајн поради тоа што Ленин е малку присутен во филмот, а подоцна, критичарите сметале дека овој филм е помалку заокружен и кохерентен во споредба со „Крстарицата Потемкин“.[1] Премиерата на филмот се одржала на 7 ноември 1927 година во познатиот Бољшој театар во Москва, а во 1929 година бил прогласен за најдобар странски филм од Американското здружение на филмските критичари.[2]

Октомври: Десет дена што го потресоа светот

Синопсис

уреди

Во филмот се прикажуваат настаните за време на Февруарската и Октомвриската револуција. По Февруарската револуција се формира привремена влада, но болшевиците не се задоволни и организираат демонтрации кои се крваво задушени од власта. За време на заендичкиот конгрес на советските делегати, меншевиците и есерите ја бранат власта, додека болшевиците повикуваат на вооружена револуција. Тие организираат напад на Зимскиот дворец во Петроград и успеваат да го заземат...[2]

Наводи

уреди