Огнен трн

вид растение

Огнен трн – бодлива, зимзелена грмушка од Средоземјето. Листовите се овални, цветовите бели, а плодовите црвени, собрани во густи, штитовидни соплодија. Во Македонија местимично се среќава во најтермофилните шумски заедници.[1]

Огнен трн
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Розовидни
Семејство: Рози
Род: Огнено трње
Вид: Огнен трн
Научен назив
Pyracantha coccinea
M.Roem.

Распространетост

уреди

Огнениот трн во природа расте во јужна Европа, на Крим, Кавказ и во Мала Азија.[2]

Опис

уреди

Огнениот трн е широко разгранет, трновит џбун кој во природата расте до 2 м висина и исто толку во ширина. Одгледуван може да порасне и повеќе од 4 м, поретко и до 6 м.[3] Крошната му е густа, со мноштво испреплетени гранки кои растат во сите правци.[4] На гранките има остри трнови, со должина од околу 1,5 см.[2]

Листовите се на кратки петелки спирално распоредни на гранките. Истите се тесно елипсовидни, долги 2 до 4 см, темнозелени и сјајни.[2] Имаат јајцевидни, до 1,5 см долги залистоци. Работ на листот е ситно назабен.[3]

Цветовите се бели до бледо розови, ситни (околу 0,8 см), собрани во соцветија. Се развиваат во мај и јуни и често се толку бројни што скоро ја прекриваат целата грмушка. Јаболчестите плодови, слични на бобинки, се ситни (околу 0,6 см во пречник), со сјајна портокалово црвена боја.[2] Созреваат постепено, од септември до октомври и остануваат на гранките во текот на целата зима. Во плодовите се наоѓаат 5 тврди семки.[3] Сјајните бои на плодовите ги привлекуваат птиците.[4]

Услови на живеалиштето

уреди

Во природата огнениот трн расте на суви, каменити терени изложени на сонце. Добро ја поднесува и влагата во земјата и воздухот. Може успешнот да расте и во сенка, но тогаш плодовите се поситни. Не бира земјиште, а отпорен е и на мраз,[2] со тоа што во поладните климатски зони, листовите и плодовите може да бидат со нешто потемни бои. Ветрот не му пречи, но не поднесува терени свртени кон море. Толерантен е спрема аерозагадувањето во градските средини.[5] Се размножува со семе и со режени гранчиња. Отпорен е на болести и штетници.[4]

Употреба

уреди
 
Зимски колорит - плодови со сјајно жолта боја под снег

Огнениот трн најчесто се користи како украсно градинарско растени, но плодовите може да се користат и за исхрана. Зрелите плодови се сладуњави и малку брашникави. Во сирова состојба не се јадат, но од нив може да се подготват мармалади, џемови, сирупи, компоти, преливи и слични јадење кои се добиваат со варење[3]

Значење во озеленувањето

уреди
 
Со комбинација на грмушки со различна боја на плодовите може да се добијат интересни ефекти на зелените површини.
 
Обликувана, ниска жива ограда од огнен трн

Огнениот трн е еден од омилените декоративни растителни видови, како заради брзото растење и отпорност скоро на сите услови на средината, уште повеќе заради својот есенски и зимски изглед. Плодовите, по кои овој вид го добил и името, со своите пламени бои го обогатува зимскиот пејзаж. Често во густи гроздови ја прекриваат цела грмушка.[3][4] Чест вид е на како на големите, така и на малите, јавни и поединечни зелени површини.[2]

Погоден е за садење на каменити терени, како и на косини, каде успешно го врзува земјиштето и спречува ерозија. Исто така, заради својата отпорност и приспособливост, може успешно да се сади во жардињери. Добро го поднесува режењето, па многу брзоможе да се формираат исклучително густи и заради трњето непробојни, живи огради со различни висини и облици (слободнорастечки или обликувани).[а][6] Гранките, богато украсени со многубројни плодови, се погоден материјал за изработка на икебани и други цветни аранжмани.[4]

Култивари

уреди

Огнениот трн е варијабилен вид и има поголем број на одгледувани облици кои меѓу себе се разликуваат по висината, густината на крошната, големината и бојата на плодовите и други особини. Некои од нив се:

  • Pyracantha coccinea ’Kasan’ — моќна грмушка со висина 3—4 м. Бодликавите изданоци се многу влакнести, а листовите се со темна боја. Има богат род.
  • Pyracantha coccinea ’Lalandei’ — џбун со висина преку 6 м, со нешто потемно лисје. Има богат род, а плодовите се скерлетно црвени.
  • Pyracantha coccinea ’Mohave’ — грмушка со густа крошна, со висина преку 3,5 м, со изразито црвени плодови.
  • Pyracantha coccinea ’Orange Glow’ — џбун со нешто поретка и попрозрачна крошна, со плодови со јака портокалова боја.
  • Pyracantha coccinea ’Soleil d’Or’ — исправен, густо разгранет џбун со жолти плодови.[2][4]

Поврзано

уреди

Белешки

уреди
  • а Кога станува збор за режењето, мора да се внимава истото да се изврши во право време, односно пред појавата на пупки, за да не изостане цветањето, а со самото тоа и плодовите.[6]

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1512. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Vukićević 1996, стр. 528−529
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Grlić 1986, стр. 180−181
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „Pyracantha coccinea“. Floridata Plant Encyclopedia. Посетено на 5 декември 2016.
  5. „Pyracantha coccinea - M.J.Roem“. Plants For A Future. Посетено на 5 декември 2016.
  6. 6,0 6,1 Buha 2005

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди