Нов амам (Дебар)

поранешен амам и сегашна уметничка галерија во Дебар

Новиот амам — поранешен амам кој се наоѓа во градот Дебар, Општина Дебар.

Нов амам
Карта
Општи податоци
Видамам
Стилосманлиски
ГрадДебар
ЗемјаМакедонија
ПочнатаXIX век

За настанувањето на Новиот амам во Дебар нема сигурни пишани податоци. Се наоѓа во централното градско подрачје на Дебар, во непосредна близина на чаршијата. На јужната страна на амамот се прилепени низа дуќани што е во контекст на неговата локација - непосредно блиску до градската чаршија.

Според стилските особености на амамот, присуството на бароките елементи во камената декорација но и неговата конципираност, тој се датира во првата половина на XVIII век, додека шадрван салата, која била составен дел од амамот, според применетиот градежен материјал и начинот на ѕидање евидентно е дека била изградена во XIX век.

Во тамбурот на куполата во шадрван салата се запишани годините 1887 и 1907 што веројатно претставуваат години на некоја поправка или декорирање на објектот. Концепциски и функционално амамот припаѓа на развиениот тип амами. Чистата и јасна просторна и функционална организација на амамот, присуството на спрат со галерија и тамбур во шадрван салата, како и применетиот начин на градба се одлики кои зборуваат за искуството на градење и ги формираат и нагласуваат вредностите на овој амам.

Тој е единствениот кој ги содржи сите неопходни функционални компоненти. Од шадрван салата се влегува во останатите простории од амамот – капалукот - соблекувална односно чекална во зимскиот период, халвет – централното место за капење кое е покриено со купола и во која се наоѓаат четири помали халвети, а на крајниот дел од источната страна е сместен резервоарот за вода – хазна и огништето - ќулхан. Покрај останатото, неговата уникатност се состои и во добро сочуваниот „ѓобек таш“ (камена или мермерна издигната клупа, сместена во средината на амамот), сместен во халветот, а кој воедно претставувал и место за одмор.

Покрај архитектонското значење, посебно обележје на амамот му дава и применетата декоративна обработка на камената пластика која е во комбинација на геометриски форми, особено видлива во обработка на курните (мијалниците) и фонтаната (шадрванот). Сликаната декорација беше присутна во сводот на тамбурот со богато колоритни флорални и геометриски мотиви.

Новиот амам во Дебар е единствениот амам во Македонија кој најдолго ја задржал својата функција, односно тој бил во функција до 1992 година. Денес амамот се користи како уметничка галерија[1].

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Османлиски споменици“, Зоран Павлов (2008), стр. 37.