Невестата на Франкенштајн (филм од 1935)
„Невестата на Франкенштајн“ (англиски: Bride of Frankenstein) — американски филм од 1935 година, во режија на Џејмс Вејл (James Whale) по сценариото на Вилијам Хурлбат (William Hurlbut). Главните улоги ги играат: Борис Карлоф (Boris Karloff), Елса Ланчестер (Elsa Lanchester), Колин Клајв (Colin Clive), Валери Хобсон (Valerie Hobson) и Ернест Тезигер (Ernest Thesiger). Овој филм го претставува првото продолжение на филмот „Франкенштајн“ од 1931 година и се смета за едно од ретките продолженија кои се подобри од изворниот филм. Дејството во филмот се надоврзува на она од првиот филм за Франкенштајн, а филмот е заснован на споредното дејство од романот „Франкенштајн“ на Мери Шели од 1818 година.[1] Во 1936 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ за најдобар звук, а во 1998 година бил зачуван во Националниот филмски регистар на САД.[2]
Синопсис
уредиВо филмот се опишува како д-р Франкенштајн не престанува со своите морбидни експерименти и, по наговор на еден уште полуд научник, на својот монструм му создава придружничка.[3] Во Швајцарија, Мери Шели (ја игра Ланчестер) им го раскажува на својот сопруг и на лордот Бајрон продолжението на приказната за чудовиштето создадено од Хенри Франкенштајн (го игра Клајв): Откако ќе изгори ветерницата во која е заробено чудовиштето (го игра Карлоф), селаните го напуштаат местото, а остануваат само родителите на убиеното девојче. Меѓутоа, чудовиштето, кое го преживеало пожарот, ги убива двајцата и бега во планината. Таму го откриваат ловците и селаните повторно организираат потера по него, успеваат да го заробат и го затвораат. Сепак, чудовиштето успева да се ослободи и се засолнува во една осамена куќарка во шумата во која живее осамен слеп старец. Старецот се однесува убаво кон чудовиштето, кое почнува да зборува, да пие и да пуши. Меѓутоа, двајца ловци го откриваат така што тоа повторно мора да побегне. Во меѓувреме, во домот на Франкенштајн пристигнува д-р Преториус (го игра Тезигер), поранешен професор на универзитетот, кој прави слични експерименти. Д-р Преториус му предлага на Франкенштајн да се здружат и да му направат невеста на чудовиштето. Франкенштајн се колеба дали да ја прифати понудата за соработка, но по наговор на д-р Преториус, чудовиштето ја заробува сопругата на Франкенштајн, Елизабет (ја игра Хобсон) и така Франкенштајн е принуден да му се придружи на д-р Преториус. Тие успеваат да создадат женско чудовиште (го игра Ланчестер), а откако сфаќа дека неговата „невеста“ не го сака, чудовиштето ја уништува кулата во која се изведува експериментот, но претходно им дозволува на Франкенштајн и на Елизабет да се спасат. На крајот, под урнатините на кулата остануваат чудовиштето, неговата „невеста“ и д-р Преториус.