На полковникот нема кој да му пишува
„На полковникот нема кој да му пишува“ (шпански: El coronel no tiene quien le escriba) - новела на колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес, првобитно објавена во 1961 година, иако Маркес го завршил пишувањето во јануари 1957 година, во Париз.[1]
Содржина
уредиДејството се одвива во едно село во Јужна Америка, во кое живеат полковникот и неговата сопруга. Девет месеци претходно бил убиен нивниот син, Агустин. Полковникот и неговата жена, болна од астма, живеат во крајна сиромаштија и често гладуваат, така што одвреме-навреме се принудени да ги продаваат предметите од својот дом за да можат да се прехранат. Сепак, тој упорно го храни петелот што му го оставил синот, подготвувајќи го за борбите на петлите што треба да се одржат во јануари. Во минатото, полковникот се борел во војната за ослободување на својата земја. Пред 15 години, тој поднесол барање за државна пензија и, веќе 15 години, секој петок проверува дали добил одговор, но никогаш не стигнува пошта. Еден ден, полковникот го отповикува својот адвокат и пишува ново писмо до надлежното министерство. Бидејќи неговата сопруга постојано го наговара да го продаде петелот, полковникот му го нуди на својот кум, кој му дава аванс, ветувајќи му дека ќе најде купувач. Еден петок, откако повторно не добива никаква пошта, тој оди во арената, каде го затекнува својот петел како се бори во подготвителните борби при што целата арена му се восхитува. Во друга прилика, додека ги гледа другарите на неговиот син како играат карти, тој за првпат се соочува со човекот кој го убил неговиот Агустин. На крајот од романот, полковникот цврсто одлучува да не го продава петелот, туку да ги чека борбите закажани за јануари.[2]
Осврт кон делото
уредиНовелата „На полковникот нема кој да му пишува“ зборува за големата осаменост, но и за љубовта и приврзаноста. Покрај другото, во ова дело, напишано десет години пред објавувањето на „Сто години самотија“, се споменуваат главните ликови од овој роман. Исто така, ликовите од делото „На полковникот нема кој да му пишува“ се појавуваат и во романот „Кобниот час“ од 1962 година. Уште од моментот кога била објавена, оваа новела се сметала за ремек-дело во книжевноста напишана на шпански јазик и за неа се напишани бројни студии.
Според новелата, во 1999 година, мексиканскиот режисер Артуро Рипстејн го снимил истоимениот филм во кој полковникот го глуми Фернандо Лухан, а улогата на неговата сопруга ја игра Мариса Паредес.[3]
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- „На полковникот нема кој да му пишува“[мртва врска], аудио-книга на македонски јазик