Награда „АВНОЈ“
Награда на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (скратено Награда АВНОЈ) – била највисока државна награда во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) од 1966 до 1990 година. Спрема статутот, наградата била доделувана на оние творци од областите на уметноста и науката чии дела имаат посебно значење за развојот на СФРЈ. Исто така наградата била доделувана за животно дело, а била доделувана и на работни организации.
Оваа награда ја заменила дотогашната Награда на Сојузната влада, односно Сојузното извршно собрание (СИС), која била доделувана до 1965 година. Наградата ја доделувал Одбор за доделување на Наградата АВНОЈ, кој се состоел од неколку посебни комисии - за уметност, земјоделски, технички, биолошки и медицински науки и др. Имињата на добитниците на наградата биле свечено објавувани на Денот на Републиката 29 ноември, а наградата ја врачувал претседателот на Сојузното собрание неколку дена подоцна.
Први добитници на Наградата АВНОЈ во 1966 година биле - Антун Аугустинчиќ, вајар; Бранко Жежељ, универзитетски професор; Франц Когој, универзитетски професор; Блаже Конески, книжевник и универзитетски професор; Мирослав Крлежа, книжевник; Петар Лубарда, сликар; Исмет Мујезиновиќ, сликар; Павле Савиќ, универзитетски професор; Алојз Тавчар, универзитетски професор; Коста Тодоровиќ, универзитетски професор; Јован Хаџи, универзитетски професор и Родољуб Чолаковиќ, општествено-политички работник и книжевник. На чело на првиот одбора за доделување на наградата бил Јосип Видмар, претседател на Словенечката академија на науките и уметностите, а наградите на првите добитници на 6 декември 1966 година во Палатата на федерацијата, во Нов Белград им ги врачил Едвард Кардељ, тогашен претседател на Сојузното собрание.
Поврзано
уредиЛитература
уреди- Југославија и свет 1966. година. „Младост“ Београд 1967. година.