Мирослав Беговиќ (Осиек, 31 август 1925Загреб, 30 август 2004) ― хрватски архитект и градежник.

Мирослав Беговиќ
Роден(а)31 август 1925
Осиек, Кралство СХС
Починал(а)30 август 2004
Загреб, Хрватска
НационалностХрват
НаградиНаграда Владимир Назор за архитектура и урбанизам

Животопис уреди

Архитектот Мирослав Беговиќ бил роден на 31 август 1925 година во Осиек каде што завршил основно училиште. Средно училиште завршил во Загреб. По завршувањето на средното училиште се запишал на архитектонски студии, завршувајќи ги во 1952 година. Истата година се вработил во Институтот за ликовни уметности на ЈАЗУ, а во 1964 година на Архитектонскиот факултет во Загреб, каде што и држел предавања до 1995 година. Од 1962 до 1976 година тој бил уредник на списанието „Човек и простор“. Во 1967 година станал претседател на Друштвото на архитекти на Загреб, а во 1988 година бил избран за редовен член на ХАЗУ. Од 1989 до 1998 година бил секретар на Катедрата за ликовни уметности, а од 1997 година постанал раководител на Хрватскиот музеј за архитектура ХАЗУ. Од 1998 до 2003 година бил потпретседател на ХАЗУ.

За време на неговиот живот, архитектот Беговиќ освоил неколку награди и почести за својата работа, меѓу кои: Наградата на Град Загреб во 1963 година, наградата „Виктор Ковачиќ“ во 1968 година, наградата за проектот на загрепскиот салон во 1973 година и наградата „Владимир Назор“ за животно дело во 1989 година.

Академик Беговиќ е автор на цела низа значајни архитектонски проекти и реализации кои оставиле видлив белег во хрватската архитектонска сцена. Своето прво значајно појавување го имал во 1961 година со имплементацијата на павилјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“ на загрепскиот саем, а две години подоцна ја извршил адаптацијата на Галеријата Иван Мештровиќ. Во тоа време ја извршил и успешната реконструкција на стоковната куќа „Вартекс“ на главниот плоштад во Загреб, која со отворениот долен трем претставувала еден од најпрепознатливите елементи на тие простори речиси три децении. Но, главното достигнување на Беговиќ од тој период, со кое се искачил на врвот на хрватската архитектура, била Галеријата на наивна уметност во Хлебина (1965 - 1968). Една од темите која била многу актуелна во тој период била изградбата на туристички комплекси долж јадранскиот брег. Па така, Беговиќ, во соработка со архитектот Иво Бартолиќ, го реализирал хотелот „Еден“ во Ровињ (1969 - 1972), кој по квалитет се сметал за врв на тогашната туристичка градба.

Свесен за своите модернистички корени, тој храбро и тврдоглаво, како што понекогаш му замерувале противниците, го трасирал патот кон модерноста, што неретко предизвикувало мешани реакции на јавноста и полемики во професијата. Најобемниот проект на Беговиќ, ревитализацијата на загрепската улица „Ткалчиќева“, односно блокот Ткалчиќева-Радиќева-Крвави Мост, кој висел над неговата кариера како Дамоклов меч, е типичен пример за тоа. Во 1965 година година, градот Загреб објавил јавен тендер за решение за уредување на улицата „Ткалчиќева“. Второнаграден бил токму предлогот на групата автори Мирослав Беговиќ и Гроздан Кнежевиќ. Во текот на 1967 година ним им се доверила изработката на детален урбанистички план за санација и ревитализација на улицата „Ткалчиќева“, кој сè повеќе се фокусирал на блокот Ткалчиќева-Радиќева-Крвави Мост. Во меѓувреме дошло до несогласување меѓу авторите и објавување на два дополнителни тендери, така што на крајот останал само Беговиќ, кој во 1969 година започнал со работа на идејниот проект. Меѓутоа, целата работа полека западнала во заборав со текот на времето, сé до 1976 година кога Беговиќ, под покровителство на тогашниот станбен УСИЗ, продолжил да работи на идејното решение. Две години подоцна била објавена студијата „Ревитализација на блокот Ткалчиќева-Радиќева-Крвави мост“. Сепак, проектот за имплементација бил завршен дури во 1982 година, една година пред почетокот на работите, кои траеле до 1988 година. Како што било посочено, изградбата на блокот требала да започне во текот на 1983 година и да трае до 1988 година со значителни тешкотии и несогласувања, кои набрзо се претвориле во отворена критика од стручната јавност. Многумина сметале дека тоа било ново просторно недоразбирање. Проектот на Беговиќ носел целосна морфолошка промена на просторната структура, која гледано од неколкугодишна далечина ќе имала и добри и лоши страни. Покрај веќе нагласената успешна ревитализација, интервенцијата на Беговиќ со комерцијализирање на просторот предизвикала и негативна реакција на спонтани интервенции на целата улица, со што најголемиот дел од пронајдените објекти ги прилагодиле на најпримитивните облици на експлоатација и брз профит. На овој начин, во текот на следната деценија, речиси целиот потег на улицата буквално се трансформирал во колоритна театарска позадина. Од 1997 до 1998 година, според проектите на Беговиќ било уредено приземјето на голем дел од улицата „Ткалчиќева“, а во меѓувреме креирал и проекти според кои бил уреден паркот за скулптури ХАЗУ Глиптотека. Во 2001 година архитектот Беговиќ креирал и проект за уредување на последниот дел од приземјето на улицата „Ткалчиќева“, од „Скалинска“ до улицата „Миклоушиќева“, во кој било вклучено и уредувањето на улицата „Кожарска“.

Наводи уреди