Мачка на жешкиот лимен покрив (филм од 1958)
Мачка на жешкиот лимен покрив (англиски: Cat on a hot tin roof) — американски филм од 1958 година, во режија на Ричард Брукс (Richard Brooks), кој е автор и на сценариото, заедно со Џејмс По (James Poe), засновано врз драмата на Тенеси Вилијамс (Tennessee Williams). Главните улоги ги толкуваат: Елизабет Тејлор (Elizabeth Taylor), Пол Њуман (Paul Newman), Брл Ајвс (Burl Ives), Џек Карсон (Jack Carson), Џудит Андерсон (Judith Anderson), Медлин Шервуд (Madeleine Sherwood) и Вон Тејлор (Vaughn Taylor). Филмот бил номиниран за седум „Оскари“, но не успеал да победи во ниту една категорија. И покрај тоа што филмот наишол на добар приме кај публиката и кај критиката, писателот Тенеси Вилијамс бил огорчен и тврдел дека екранизацијата на неговата драма ги уназадила американскиот филм и уметноста за 50 години. Причината за неговиот негативен став била тоа што во филмот е избегнат мотивот на хомосексуалноста поради која главниот лик Брик страда од депресија. Токму избегнувањето на оваа тема била причината поради која режисерот Џорџ Кјукор (Georgea Cukor) одбил да го режира филмот, а наместо него, тоа го направил Брукс. Инаку, првобитно, главната улога му била понудена на Елвис Пресли, но неговиот менаџер ја одбил понудата.[1]
Синопсис
уредиБрик Полит (го игра Њумен), спортска ѕвезда на колеџот, по повредата се враќа дома, заедно со сопругата Маргарет, наречена Мачка (ја игра Тејлор), а по повод прославата на 65. роденден на татко му, Харви Полит кого сите го викаат Големиот тато (го игра Ајвс). Брик постојано се опива, зашто се наоѓа во депресија поради лошите односи со сопругата, која не може да забремени. Големиот тато се враќа од болницата, уверен дека неговото здравје е добро, но тој не знае дека е болен од рак. Маргарет го моли Брик да ги среди работите поврзани со наследството, но Брик е целосно незаинтересиран за тоа. Неговото однесување го разлутува татко му, кој бара од Брик да му каже зошто се однесува така, но Брик одбива да му каже. Покрај тоа, Брик е очаен поради тоа што неговиот најдобар пријател, Скипер, неодамна извршил самоубиство при што се чувствува виновен поради неговата смрт. Маргарет долго време била љубоморна на Скипер, зашто Брик бил поблизок со него отколку со неа. Сега, таа се бори да му помогне на Брик да ја заборави смртта на Скипер и да ги поправи односите со татко му. Кога Брик случајно ќе каже за болеста на татко му, тој се повлекува во подрумот, разочаран од сознанието за скорешната смрт. Таму доаѓа до остра кавга меѓу него и Брик, но потоа се помируваат. За тоа време, мајка му на Брик се кара со другиот син, кој сака да го присвои целиот имот. Тогаш, пред сите присутни Маргарет кажува дека е бремена, а Брик и Големиот тато застануваат на нејзината страна, иако знаат дека тоа не е точно.
Наводи
уредиОваа статија филм е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |