Маска (Милош Црњански)
„Маска: поетична комедија“ — драма во стихови на српскиот писател Милош Црњански.
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови (комедијанти):[1]
- Генералицата, аристократка од Рим, жена која веќе вене
- Глумицата, млада жена која носи ист костум и има иста коса како генералицата
- Чезар, морнарички офицер, внук на генералицата и нејзино милениче кое таа го нарекува „бебе“
- Бранко Радичевиќ, медицинар
- Рајачиќ, српски патријарх
- баронот Бах, австриски министер
- баронот Шалер, Австриец од Дубровник
- Нако, богаташ сентмиклушки
- Даничиќ, филолог
- Станковиќ, музичар
- Стратимировиќ, заповедник од 1848-49
- Пелагија Воиновиќ, тетка на Чезар по мајка му
- Жан, слуга
- еден генерал
- една баронеса
- господа, офицери, дами, неки маски, слуги
Содржина
уредиГенералицата приредува забава со маски на која учествуваат бројни угледни гости. Нејзиниот внук, Чезар ѝ ја изјавува својата голема љубов на глумицата, која е решена да ја прекине љубовната врска со неа, а тој се заканува дека ќе ја убие. Генералицата, пак, одржува љубовна врска со Стратимировиќ, но тој ја обвинува дека таа има и други љубовници. На забавата присуствува и Бранко Радичевиќ, кој е болен од туберкулоза поради што е убеден дека наскоро ќе умре. Привлечена од неговата младост и исплашена од староста, генералицата му ја нуди својата љубов, но тој ја одбива, зашто е разочаран од животот. Генералицата флертува со слугата Жан, а тоа го гледа Чезар, кој побеснува од глетката и се онесвестува. Кога се освестува, нему му приоѓа жена во маска, облечена како глумицата, која го преколнува да ја минат ноќта заедно, а тој, пак, мислејќи дека таа е глумицата, ја кани да заминат некаде далеку и да се венчаат. Кога случајно ѝ ја потргнува маската, Чезар открива дека таа е, всушност, генералицата, го зема револверот и се убива.[2]