Маншук Жиенгалиќизи Маметова (казашки: Мәншүк Жиенғалиқызы Мәметова, Mänşük Jienğaliqyzy Mämetova; руски: Маншук Жиенгалиевна Маметова; 23 октомври 192215 октомври 1943) била митралезец на 100-та пушкена бригада во 21-тата гардиска пушкена дивизија на 3-тата ударна армија на Калининскиот фронт за време на Втората светска војна. Таа била првата Казахстанка на која ѝ била доделена титулата Херој на Советскиот Сојуз кога Врховниот Совет постхумно ѝ ја доделил титулата на 1 март 1944 година [1] [2]

Маншук Маметова
Мәншүк Жиенғалиқызы Мәметова
Починал15 октомври 1943(1943-10-15) (возр. 20)
Невељ, Тверска област, Руска СФСР
ДржаваСССР СССР
РодПешадија
Служба1942–1943
ЧинПостар наредник
Единица100-та пушкена бригада
Битки/војниВтора светска војна 
ОдликувањаХерој на Советскиот Сојуз

Ран живот

уреди
 
Маметова во 1937 година

Родена како ќерка на чевлар во Уралскиот регион на денешен Казахстан, Маметова го поминала своето детство во Алмати под грижа на нејзината тетка Амина Маметова. Нејзините родители ја дале на нејзината тетка и вујко бидејќи тие немале деца. За време на Големата чистка, нејзиниот вујко бил уапсен. Пред апсењето тој ја охрабрил Маметова да студира медицина. По завршувањето на средното училиште таа студирала да стане медицинска сестра додека работела во Советот на народни комесари на Казахстанската ССР како секретарка на заменик-претседателот. Подоцна се запишала на Алматскиот медицински институт за доусовршување. По германската инвазија на Советскиот Сојуз се обидела да се приклучи на Црвената армија, но откако била одбиена продолжила со медицинската обука и научила како да користи пиштол.[2][3][4]

Воена кариера

уреди

По упорното молење да се приклучи на војската и покрај тоа што постојано била одбиена, Маметова на крај конечно била примена во Црвената армија во септември 1942 година како службеник во штабот на армијата, пред да биде испратена да работи како медицинска сестра во теренска болница и покрај нејзиното барање да биде назначена во пушкачка единица. Додека работела како медицинска сестра таа продолжила со обуката за употреба на Максимскиот митралез. Кога нејзиниот командант ги тестирал нејзините способности за гаѓање, тој ја унапредил во чин постар наредник и ѝ дозволил да биде префрлена во 100-тата пушкена бригада, често нарекувана 100-тара казахстанска пушкена бригада бидејќи 86% од нејзините војници биле од Казахстан. За време на војната, таа се заљубила во друг митралезец, Нуркен Кусаинов, но за нејзините чувства таа само ѝ кажала на една пријателка. Маметова и Кусаинов починале на 15 октомври 1943 година во Невел. Во текот на целата војна, таа никогаш не се разделила со оружјето и ја заслужила почитта од другите војници во нејзината дивизија по нејзиното крштевање на оган, кога ги намамила непријателските војници да се приближат пред да отвори оган врз нив со нејзиниот митралез.[3][5][6]

Последна битка

уреди

Откако советските сили повторно го зазеле Невел, започнала серијата на германски контранапади. На 15 октомври 1943 година, Маметова не се повлекла од стратешкиот рид со остатокот од нејзината единица[3] кога почнале да се приближуваат бранови германски војници. Германските војници се обиделе да ги отстранат трите пунктови за митралез меѓу кои Маметова ползела со употреба на гранати и минофрлачки напади. Таа била погодена во главата и нокаутирана, но се освестила и продолжила да пука. Друг војник од нејзиниот полк, Ахметџанов, ја молил да се повлече со нив, но таа одбила и продолжила да пука, велејќи дека ако престане да пука, Германците само ќе напредат повеќе и сите ќе бидат убиени.[3] Во канонадата од гранатирања и минофрлачки напади бил убиен остатокот од нејзината митралеска екипа која накратко ѝ пријде на помош, па таа го преместила пиштолот на друга позиција и продолжила да пука сама, нанесувајќи му големи загуби на непријателот. На крајот Маметова била смртно ранета од бран непријателски оган, но продолжика да се бори додека не умрела од раните. Таа убила повеќе од 70 непријателски борци во нејзината последна битка. Нејзините останки биле откриени од советските сили откако тие успеале да ги протераат германските сили и таа била погребана во Невел, каде што бил поставен споменик посветен на нејзината храброст.[2][3][4]

Наследство

уреди

По нејзината последна битка, Маметова постхумно ја добила титулата Херој на Советскиот Сојуз, откако советските преживеани од битката раскажале за нејзината храброст. Таа и снајперистот Алија Молдагулова биле единствените Казахстанки кои станале хероини на Советскиот Сојуз и останале многу почитувани во Казахстан и во Русија. Статуата на Маметова била изградена во Орал, но таа била реновирана во 2015 година за да ги вклучи Алија Молдагулова и пилотот Хиуаз Доспанова; споменикот бил преименуван во „Славните ќерки на казахстанскиот народ“. Маметова станала една од најпочитуваните хероини на Советскиот Сојуз, со музеј и многу песни кои ѝ биле посветени нејзе, користејќи ја како пример за војник кој одбива да се откаже. Во 1969 година, советскиот филм „Песна за Маншук“ го прикажал нејзиниот живот за време на војната, а улогата на хероината ја играла актерката Наталија Аринбасарова . Многу улици и училишта во Алмати, Невел, Орал и други градови биле именувани по неа, вклучувајќи го и Колеџот за хуманистички науки Маншук Маметова. Портретот на Маметова бил прикажан на повеќе поштенски марки на Казахстан и на поштенска корица на Советскиот Сојуз.[7][8][9][10][11]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Маметова Маншук, Герой Советского Союза (Орден Ленина и медаль "Золотая звезда")“. pamyat-naroda.ru. Посетено на 2018-04-10.
  2. 2,0 2,1 2,2 Sakaida, Henry (2012). Heroines of the Soviet Union 1941–45 (англиски). Bloomsbury Publishing. стр. 38–56. ISBN 9781780966922.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Kazakh hero Manshuk Mametova“. e-history.kz (англиски). Архивирано од изворникот на March 27, 2019. Посетено на 2018-02-05.
  4. 4,0 4,1 Melnikov, A. „Маметова Маншук Жиенгалеевна“. www.warheroes.ru. Посетено на 2018-04-10.
  5. Чечеткина О. Героини. Вып. I. (Очерки о женщинах — Героях Советского Союза) // Батыр Маншук М., Политиздат, 1969.
  6. „Сотая, легендарная – Новости Казахстана – свежие, актуальные, последние новости об о всем“. www.kazpravda.kz (руски). Посетено на 2018-04-10.
  7. „Наталья Аринбасарова“. Кино-Театр.РУ. Посетено на 2018-04-10.
  8. „В Невеле открыли обновлённый памятник защитнице города Маншук Маметовой“. ПАИ Новости Псковской области (руски). Посетено на 2018-04-10.
  9. „В Уральске на месте памятника Маншук Маметовой установят скульптурную композицию“ (руски). Архивирано од изворникот на 2017-08-22. Посетено на 2018-04-10.
  10. INFORM.KZ (30 January 2015). „М.Мәметова атындағы колледждегі Ерлік залы – жас ұрпақты патриоттық рухта тәрбиелеу құралы“. www.inform.kz (руски). Посетено на 2018-04-10.
  11. INFORM.KZ (25 October 2012). „В городе Невель почтили память Героя Советского Союза Маншук Маметовой“. www.inform.kz (руски). Посетено на 2018-04-10.