„Магла и месечина“ (српски: Magla i mjesečina) — роман на југословенскиот писател Меша Селимовиќ, напишан во 1962 година, а првобитно објавен во 1965 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од осум глави:

  1. Јован е молчелив човек, рамнодушен и затворен во себе, кој живее во едно село, грижејќи се само за селските и домашните работи. Бидејќи неговата куќа е во близина на патот, него често го посетуваат припадници на разни војски. Тој не покажува никаков интерес за нив, туку само се грижи да ја преживее војната. Една ноќ, во неговата куќа доаѓа една вооружена група, предводена од брат му. Додека борците го очекуваат својот водич, Љуба, сопругата на Јован, го слуша разговорот на едно младо момче од групата и тогаш ѝ се будат сеќавањата на нејзината голема љубов, како и тагата поради несреќниот живот со Јован кого таа воопшто не го сака.[1]
  2. По некое време, борците ја напуштаат куќата на Јован и заминуваат во акција. Патем, малдото момче, кое им се придружило пред некое време, чувствува нетрпеливост кон командантот, кој секогаш се однесува студено и строго кон борците. Групата ја преминува реката, со намера да дојде до железничката пруга, но налетува на неријателската војска, а во престрелката е рането момчето.[2]
  3. Борците го оставаат момчето во куќата на Јован и Љуба и таа му ја превива раната. Под впечаток на синоќешните спомени, таа заминува во родното село со намера да се распраша кај трговецот за судбината на својот сакан, кој живее во градот. Таа се среќава со трговецот, но нема храброст да го постави прашањето, па се враќа во селото.[3]
  4. Постепено, момчето закрепнува така што една ноќ излегува надвор. Тогаш, тој и Љуба започнуваат разговор за себеси: таа раскажува за саканото момче од градот кое се викало Среќко, додека момчето раскажува за две сопствени случки — денот кога добил ќотек од татко му зашто го дразнел кучето на сопругата на градскиот лекар и глетката на одведувањето на затворениците во логор. Притоа, момчето не ѝ кажува на Љуба дека меѓу одведените заробеници се наоѓал и Среќко така што таа попусто се надева дека ќе го сретне повторно.[4]
  5. Момчето живее во една колиба во блиското мочуриште при што Јован и Љуба го посетуваат секојдневно и се грижат за него. Сепак, тоа чувствува некаква нетрпеливост во односот на Јован, но не е способен да започне разговор со него. Истовремено, момчето чувствува необична промена во себе.[5]
  6. Јован е загрижен и растревожен и сака да разговара со Љуба, но нема сила да започне разговор. Тој забележува промена во нејзиното расположение и сака да ја открие причината. Една вечер, тој се среќава со брат му, кој му ја соопштува својата намера да посвои едно дете-сираче, како замена за неговите убиени деца. Јован е збунет и љубоморен на момчето, па размислува дали да ја избрка Љуба.[6]
  7. Момчето ја замолува Љуба да го прифати сирачето кое сака да го посвои нејзиниот девер. Таа го лаже, велејќи дека по трговецот испратила порака до саканиот во градот, а момчето го гризе совеста поради тоа што не ѝ ја кажал вистината за Среќко. Кога Љуба се подготвува да замине дома, момчето ја бакнува.[7]
  8. Утредента, Љуба се буди со убедувањето дека момчето е вљубено во неа. Наеднаш, доаѓа еден борец за да ги предупреди за нападот на германската војска. Јован се обидува да спаси дел од покуќнината, а Љуба заминува во селото. Набрзо, таму влегува германската војска и Љуба се враќа дома, но ја наоѓа куќата запалена. Таа веднаш оди во мочуриштето и таму ги затекнува Јован и момчето убиени, а потоа ги закопува во ист гроб. Кога се враќа дома, неа ја посетува деверот, кој ја советува да се засолни на друго место зашто ноќта ќе ја нападнат германската војска.[8]

Изданија

уреди

Новелата „Магла и месечина“ доживеала повеќе изданија:[9] [10] [11] [12]

  • првобитно била објавена во 1962 година, во списанието „Живот“ (XI, бр. 9, бр. 10 и бр. 11-12) од Сараево;
  • истата година била објавена во збирката раскази „Туѓа земја“ (издание на „Веселин Маслеша“ од Сараево) и во истоимената збирка од 1965 година (издание на „Свјетлост“ од Сараево, испечатено во тираж од 12 000 примероци);
  • исечок од новелата, со насловот „Месечина“, бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ на 19.8.1962 година;
  • во 1967 година, новелата била објавена на словенечки јазик (со наслов „Megla in mesečina“) од издавачката куќа „Младинска књига“ од Љубљана;
  • во 1975 година, новелата била објавена како самостојно издание од издавачките куќи „Отокар Кершовани“ од Ријека и „Слобода“ од Белград, во тираж од 10 000 примероци.

Наводи

уреди
  1. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 5-32.
  2. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 33-43.
  3. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 44-60.
  4. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 61-89.
  5. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 90-101.
  6. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 102-122.
  7. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 123-135.
  8. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 136-150.
  9. „Поsebna izdanja“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 161-162.
  10. „Prilozi u periodičnoj štampi, zbornicima, almanasima i dr.“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 173.
  11. Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975.
  12. „Prevodi“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 185.