Магаза на Симончеви
Магаза на Симончеви или Магаза на Деребанови — магаза сместена во чаршијата во Охрид, во непосредна близина на плоштадот „Св. Климент Охридски“. Објектот се наоѓа на списокот на културно наследство на Македонија како значајно културно добро.
Магаза на Симончеви | |
---|---|
Поглед на магазата | |
Општи податоци | |
Статус | споменик на културата |
Вид | магаза |
Стил | неокласичен |
Град | Охрид |
Земја | Македонија |
Завршена | 1884 |
Технички податоци | |
Катови | 2 |
Историја
уредиВо средината на XIX век дошло до слабеење на државниот и политичкиот апсолутизам, што се одразило врз опаѓање на општествените градски функции и префрлање на инвеститорската активност на поширок слој граѓани. Ваквите состојби придонеле кон значителна промена на урбанистичкиот изглед на градот и промена на изгледот на охридската чаршија, која во втората половина на XIX век се претворила во работна зона.[1]
Во тој период, занаетчиите и трговците се појавиле како нова стопанска сила во чаршијата, а дрвените приземни дуќани постепено започнале да прераснуваат во масовни објекти со значително поголема материјална вредност, наречени „магази“. Со оглед на тоа што од останатите земји во Европа била увезувана луксузна индустриска стока, како и нови архитектурни идеи, во чаршијата се појавиле објекти од камен со простории кои биле функционално поделени на магацин и продавница. Стоката, којашто имала поголема вредност, требало добро да се обезбеди, па поради тоа дрвените ќепенци биле заменети со железни капаци.[1]
Магазата во охридската чаршија била изградена во 1884 година од непознати групи на мајстори. Таа е сместена во непосредна близина на плоштадот „Св. Климент Охридски“ и е дел од низата магази кои се сочувани на овој потег.[1]
Архитектура
уредиОбјектот се состои од подрум, приземје и еден кат. Тој е изграден од камен и полна тула, со образување на аглите од големи обработени камени блокови. Отворите во приземјето се лачни и се изведени од обработен бигор, додека на катот се наоѓаат помали правоаголни отвори кои се нагласени со полукружни лакови образувани и изработени од полна тула. На прозорците на катот делумно се сочувани метални капаци во функција на заштита на објектот, но истите недостигаат на отворите во приземјето.[1]
Приземјето на магазата е одвоено од катот со профилиран венец од бигор, додека на аглите и по средината на фасадата на катот се изведени пиластри од полна тула. Градбата завршува со профилирана стреа од бигорни блокови над кои е изведен двоводен кров покриен со ќерамиди – каналици од стар тип. Стреите содржат хоризонтални олуци изработени од поцинкуван лим. Поради потребите на сопствениците, објектот вертикално бил поделен на два дела, кои се користат како два дуќана, но ваквата поделба не се одразила врз надворешниот изглед на објектот.[1]
На ѕид од градбата е поставена мермерна плоча со големина од околу 30 × 40 см, на која е испишано: „1884 Maiи 28 Iоан Сiмонче и Синои“.[1]
Состојба
уредиОбјектот е сочуван во релативно добра состојба и се смета за средно загрозен поради дотраеноста кај дрвената меѓукатна и кровна конструкција, како и кај кровниот покривач. Надворешниот изглед на објектот е во голема мера изворно зачуван, додека внатрешниот изглед бил менувам во зависност од потребите на сопствениците. Така, промена е извршена на столаријата која е заменета со нова, а металните капаци на излозите во приземјето и на еден од прозорците на катот не се сочувани.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Магаза на ул.Св. Климент Охридски бр. 104 и 106 Архивирано на 20 март 2016 г., Управа за заштита на културно наследство, Министерство за култура на Македонија.