Луда радост (филм од 2016)

Луда радост (италијански: La pazza gioia) - италијански филм од 2016 година, во режија на Паоло Вирци, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Валерија Бруни Тедески и Микаела Рамацоти. Филмот освоил три награди „Давид ди Донатело“ (за најдобар филм, најдобра режија и најдобра глумица), а Вирци и Бруни Тедески биле номинирани и за Европските филмски награди.[1]

Синопсис уреди

Во една психијатриска болница се лекуваат две сосема различни жени: младата и бунтовна Донатела Морели (ја игра Рамацоти) и необичната Беатриче Морандини Валдирана (ја игра Бруни Тедески). Донатела е мајка на која ѝ е одземен малечкиот син кој е посвоен од едно семејство, додека Беатриче е сопруга на познат адвокат, која е вљубена во еден измамник. Набргу, тие стануваат пријателки и во една прилика бегаат од болницата со украден автомобил. Најпрвин, тие одат во трговски центар, потоа ја посетуваат мајката на Донатела, која се грижи за стар генерал, надевајќи се на неговото наследство, и најпосле го посетуваат ноќниот клуб во кој порано работела Донатела. Таму, таа го среќава таткото на нејзиното дете и прави скандал поради што е уапсена и затворена во друга психијатриска клиника. Тогаш, Беатриче дознава за судбината на Донатела и решава да ѝ помогне. За таа цел, таа го посетува својот сопруг кого го заспива и го ограбува, а парите ги користи за да ја ослободи Донатела од клиниката. Заедно, тие го посетуваат семејството во кое се наоѓа синот на Донатела така што таа повторно има можност да го види. Меѓутоа, вработените во психијатриската болница ја пронаоѓаат Беатриче и повторно ја враќаат во болницата, а подоцна и Донатела се враќа таму.

Наводи уреди