Локув
Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Тоа претставува најниското ледничко езеро во Македонија. Се наоѓа на 1.565 метри надморска висина во близина на селото Требиште.
Локув | |
Површина | 4000 м2 |
Должина | 96,6 м |
Ширина | 75 м |
Обем | 292 м |
Длабочина | 2,26 м |
Надморска висина | 1.566[1] м |
Планина | Дешат |
Местоположба и име
уредиЕзерото Локув е сместено во густа букова листопадна шума, која го опколува од сите страни во подгорието на планината Дешат. Поточно, езерото е сместено во дното на една вдлабнатина во подгорието на планината над селата Битуше и Требиште. Ногвата потесна пристапност е релативно потешка бидејќи од 1160 м.н.в. до 1200 м.н.в. во должина од 1 км е пробиен макадамски шумски пат прооден само за теренски возила, а од споменатата височина (извор Влог) до езерото водат две коњки патеки кои повторно се соединуваат кај месноста Салева Ливада на 1440 м.н.в.[2]. До него се стигнува по делумно (послабо) обележана пешачка патека од селото Требиште (40 мин) или од игралиштето кај караулата над Битуше (1 час и 10 мин), од кои и двете водат низ густа букова и дабова шума, а втората и низ високи папрати. Името Локув потекнува од истоименото растение кое расте во изобилство во околината на езерото, а исто така со помала веројатност може да се претпостави дека тоа потекнува и од зборот локва.
Хидрографски одлики
уредиОдликите на почвата и теренот на кој се наоѓа езерото укажуваат дека тоа најверојатно нема ледничко (ледничко) потекло, туку дека е од природно тектонско потекло. Имено, езерото Локув е опкружено со густа букова шума која изобилува со силни и студени извори на вода, кои избиваат и се слеваат во дното на вдлабнатината кое е обраснато со мочурлива трева и мека блатна почва. Ваквите одлики и отсуството на карпест и каменести земјишни облици (циркови) укажуваат дека на ова место можеби немало остатоци од ледници (ледници) од кои би настанало езерото, односно дека езерото е всушност собирна точка на водите од шумскиот појас на подгорието на Дешат. Од ледничко потекло се блиските и бројни помали езерца на билото на Дешат, над Локув. Сепак, македонскиот истражувач на планинските езера Драган Василески, утврдил дека по своето потеко езерото Локув е поледничко езеро кое што настанало во преиздлабениот дел на некогашниот цирк, односно се создало по топењето на снежно ледената маса во времето на плеистоценот или поточно во првиот вирмски глаицјал[3]. Од времето на дилувиумот до денес како последица на делувањето на надворешните физичко-географски чинители, езерото претрпело одредени промени, па така од првобитната површина од 12,500 м2 (1,25 ха) се намалило за околу 8,500 м2, на денешните 4,000 м2 водена површина или 5,200 м2 површина на езерскиот басен заедно со островот во него[4]. Најголемата должина на езерото Локув измерена по оската на протегање во правец југозапад-североисток изнесува 96,6 метри, додека најголемата широчина изнесува 75 метри[5]. Вкупната должина на езерската кинија на езерото Локув изнесува 292 метри. Најголемата длабочина изнесува 2,26 метри и е измерена во средишниот дел, додека најмалата длабочина изнесува само 1,6 метри, а просечната длабочина изнесува 1,70 метри[6]. Водата од езерото Локув се одликува со темна д отемнокафеава нијанса, која се појавува како последица на темното дно по кое има наталожено дебел слој на органсма материја и тресетна маса[7]. Проѕирноста на езерската вода поради малата длабочина е утврдена до самото езерско дно[7]. Во текот на зимата езерската вода замрзнува по целата површина.
Туризам
уредиИмајќи ја поволната местоположба, тоа претставува една вистинска туристичка атракција.[8] Во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило, чешма со природна ладна вода за пиење и сл. До месноста се стигнува со пешачење во должина од 8 километри низ планина со обележани планинарски патеки. Има услови за тргнување од две локации и тоа од с. Битуше кај поранешната караула и с. Требиште. Постои можност да се изнајмат и коњи, а патеката е средно тешка и скоро преку целиот нејзин тек е прекриена со убава шума и ладовини. Патеката изобилува и со видиковци од кои убаво се гледа кањонот на реката Радика, манастирот св. Јован Бигорски и други пејзажи. Во ова езеро опстануваат неколку интересни форми на живот од кои најпознат е “Тритонот„, водоземец кој наликува на риба и жаба. Во близина на езерото е сместено и едно бачило во кое може да се проба тазе сирење попознато како Требишко сирење, и други млечни производи од ова поднебје. Водата во езерото за време на летниот период е доста топла а оние туристи кои го посетуваат местото имаат можност да уживаат во водите на една ретка планинска плажа. Околу езерото има идеални места за излет, кампување и одмор во планина. Во близина на езерото на околу 30 до 40 минути пешачење можат да се посетат и неколкуте „планински очи“ (езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината). Исто така на овие места можат да се соберат голем број на чаеви и други растенија кои можат да се употребат за подготвување на природни лекови а како најпознато растение кое има совршен природен вкус и го има во големи количини е и боровинката. Доколку се тргне од патеката од с. Битуше, може да се посети и првата партизанска печатница во центарот на селото.
Галерија
уреди-
Поглед на езерото Локув
-
Поглед на езерото Локув
-
Поглед на езерото Локув
-
Поглед на езерото Локув
Наводи
уреди- ↑ Езерото Локув - нова туристичка атракција
- ↑ Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 22
- ↑ Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 23
- ↑ Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 26
- ↑ Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 26-27
- ↑ Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 27
- ↑ 7,0 7,1 Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 39
- ↑ „За езерото Локув и планината Дешат“. Архивирано од изворникот на 2009-05-19. Посетено на 2009-09-01.
Надворешни врски
уреди- Ледничко Езеро Локув Архивирано на 4 септември 2009 г.
- 14 леднички езера, Маврово