Летникмакедонски народен празник, којшто се празнува секоја година на 1 март по стар календар и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролета односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисла на активниот работен период од годината. Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер па така во оние области каде живеело верски мешано население Македонци-православни и Македонци-муслимани како во Голо Брдо и Реканската област празникот го прославувале сите, и православните и муслиманите. Поради тоа што е прославуван и од христијаните и од муслиманите, за празникот се смета дека е од паганско потекло. Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол. Поради тоа што овој празник е празнуван само од етничките Македонци (и христијани и муслимани) и неговото славење е најпознато во просторите на етничка Македонија, овој празник се смета како македонски народен празник.

Древномакедонски празник на светлината

уреди

На истиот датум 1 март, древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика. Древното верување за овој празник било поврзано исто како и со современиот македонски народен празник Летник. Празникот Ксантика исто така бил поврзан со зголемувањето на аголот на паѓањето на сончевите зраци, односно со зголемувањето на светлината и времетраењето на денот како и со почетокот на пролета - летната сезона во годината, цутењето на пупките на дрвјата и започнувањето на земјоделските работи. Овој древен празник поради истиот датум и истото верување со современиот македонски празник се зема за еден од доказите за етногенетските врски и поврзаноста помеѓу древните и современите Македонци. Според некои извори, во древно време се сметал и за почеток на годината .

Начин на празнување

уреди

Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови на 1 март, заеднички и од Македонците рисјани и муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот. Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со „среќна рака[1].

Летник како тема во уметноста

уреди

Наводи

уреди
  1. Будимовски К, Драгослав. „Македонците во Албанија“. Студентски збор, Скопје, 1983. стр. 151
  2. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 96.