Лазарките од Дримкол
Лазарките од Дримкол е културно наследство со националка класификација за Духовно културно наследство- обичаи 3.1.4.1.1.1. [1]
Датирање
уредиДатирањето не може со сигурност да се определи, затоа што во етнолошката и фолклорната литература, како и во емпириските материјали од собирачите на народното творештво, воопшто не е забележано од кој период започнуваат да се практикуваат обичаите поврзани со празнувањето на Лазара во селата од Дримкол. Единствено можеме да се повикаме на носителите на доброто кои изјавуваат дека овие обичаи во нивното село се изведуваат и се предаваат со генерации наназад.
Опис на доброто
уредиСпоред регионалната етнографска поделба на територијата на етничка Македонија, пределот Дримкол е поделен на Дебарски Дримкол и Струшки Дримкол. Дебарски Дримкол е распостелен на источните падини на планината Јабланица. Тој е дел од Дебарско-Мијачката етнографска целина. На север и запад е пределот Голо Брдо, на исток преку Дрим е Малесија, а на југ Струшки Дримкол. Струшки Дримкол спаѓа во Брсјачата етнографска целина. Неговата источна граница оди по левата страна по течението на реката Дрим, почнувајќи со истекот од Охридското Eзеро, а на север се протега сé до Дебарски Дримкол. Во поглед на етничката припадност таму живеат Македонци, Албанци, Македонци муслимани, Турци и Власи. Поради документирање на обичајот Лазарица истражен е пределот Дримкол со селата во кои живее население со православна вероисповед. Во рамките на Дримкол Лазарица е зачувана и се практикува во селата: Радожда и Мали Влај (локалното население себе си се нарекува „Планинци“), Враништа, Вевчани, Пискупштина, Јабланица и Луково. Тие ги задржале своите етно-религиозни карактеристики и истите најмногу доаѓаат до израз преку празнувањето на лазарскиот обреден комплекс. Во селата Нерези, Октиси и Безево иако живеат православни Македонци обичајот се губи поради раселување на селата и немање доволно женско младо население.
Празнично-обредниот комплекс Лазара се изведува една недела пред Велигден. Во Дримкол, Лазарки одат само несвршени девојки до 13 т.е. 14 години, освен во Радожда каде одат и повозрасни, до 16 години. Во село Луково највозрасните меѓу нив добиваат статус на „навршнички“, а најмалата лазарка ја нарекуваат „невестулка“.
Во село Вевчани во петокот пред Цветници е „Мошка Лазара.“ Малите машки деца, до 10 годишна возраст, облечени во нови алишта, шетаат по роднините и собираат јајца во кошнички, накитени со дренови цветови или сливови гранки. Во саботата, на Лазарева сабота, пак, шетаат малите женски деца до истата возраст и, исто така, со украсени кошници собираат јајца и пари. До шеесетите години на минатиот век Вевчанци редовно на Лазарева сабота оделе на задушница во чест на воскреснатиот Лазар. Денес половина од нив дома пречекуваат Лазарчиња, а половина сè уште одат на гробишта на задушница.
Во село Луково во петокот пред Цветници е „Машка Лазара“ или како што самите ја нарекуваат „Мошки Лазарици“ или „Лазаров петок“. На овој ден машки поворки, составени од мали машки деца, исто како во Вевчани до 10 годишна возраст, ги обиколуваат куќите во селото честитајќи им го празникот на домаќините, а тие за возврат им даваат јајца и пари. Лазарки одат девојчиња од 6 години па до 15 години. Тие на Лазаров петок берат бршлен и плетат мали венчиња. Со црвен волнен конец го обвиткуваат „повитот“ односно свитканата гранка како венче и заврзуваат ливчиња од бршлен. Бројот на венчиња зависи од тоа колку „навршнички“ има. Додека се врзуваат ливчињата бршлен во венчиња од страна на највозрасните, малите девојчиња им помагаат, а сите заедно ги пеат лазарските песни. Венчињата ги носат на рака навршничките и најмалата невестулка. На Лазарева сабота, рано утрото, Лазарките се облекуваат во комплетна народна носија, навршничките во невестинска, а останатите во моминска носија. Се собираат и сите заедно одат во црквата Свети Ѓорѓија која се наоѓа на голема височина, преку реката, наспроти селото. Таму се изведува обичајот „Запевање на невестулката пред олтарот“. Навршничките и го ставаат нејзиното венче од бршлен на глава и изведуваат движења т.е. со рацете над нејзината глава ја нишаат во форма на крст пеејќи ги сите обредни песни. Оставаат неколку ливчиња бршлен во црквата, на иконостасот, а потоа пред влезот се собираат во круг и повторно ги пеат сите песни, додека најмалата лазарка - невестулка стои во средина и не пее. Оттука се упатуваат во селото и започнуваат да ги обиколуваат куќите, пеејќи лазарски песни за секој член од куќата пооделно или по желба на домаќините. Тие ги честат слатки намирници и ги даруваат со пари на највозрасните лазарки. Лазарките во секоја куќа оставаат по неколку ливчиња бршлен, со кои домаќините си ги протриваат рацете за среќа и здравје или ги ставаат на кошарите од пчелите. По обиколувањето на сите куќи одат да ги поделат парите. Највозрасната лазарка го остава своето венче на владичкиот престол и им ги дели собраните пари на сите лазарки подеднакво. После тоа заминуваат на сред село, на ливадата, која ја викаат „Кочкополе“ каде ја пеат обредната песна „Оре пусто лазарско“.
Празнично-обредниот комлекс Лазара во село Радожда започнува во петок, рано наутро, кога Лазарките одат да берат зеленика, бршлен и гороцвеќе во ливадите одма до селото, покрај брегот на Охридското Езеро. Со собраното зеленило и цвеќиња, во дворот на црквата Свети Никола, плетат два венци кои симболично ги врзуваат со црвен конец. Додека ја берат зелениката, по патот кон црквата и додека го плетат венецот, ја пеат лазарската песна за венецот „Ори/Оти Недо невесто, ој Лазаре“. Откако ќе ги сплетат венците, ги отстрануваат старите венци од претходната година и ги поставуваат новите. Се китат двата влеза на црквата во чие дворно место се и селските гробишта. Дента, околу пладне, радождани одат на задушница на гробиштата каде носат посни намирници. Притоа Лазарките „в црков“ се делат во две групи т. е. стојат на горната и на долната порта и ги пречекуваат селаните пеејќи им лазарски песни. Вечерта се собираат во стара куќа во селото на заедничко преспивање. За разлика од пред 15-20 години кога се собирале само Лазарките, припремајќи храна и пеејќи песни, денес во старата куќа има забава од друштво на нивни, пред сé, машки пријатели која трае до околу 3 часот, односно до пред изгрејсонце, кога сите заедно се облекуваат во комплетна моминска носија. Потоа ги земаат старите венци (од претходната година) и пеејќи ја песната „Ори/Оти Недо, невесто, ој Лазаре“ ги фрлаат в езеро и почнуваат со обредната обиколка на куќите. Задолжително ги пеат лазарските песни за сите членови на фамилијата во куќата, а газдите ги даруваат со пари, брашно, шеќер и јајца. Кога ќе ги прошетаат сите куќи, вклучително и оние кои се напуштени, одат на патот кон Ливадиште за да ги чекаат пазарџиите кои оттука поминуваат да пазарат во Струга, попречувајќи им го патот со пеење на лазарска песна за што добиваат пари.
Во селото Враништа, пак, овој обичај се изведува во петокот пред Лазаревата сабота, пришто Лазарките, исто така, стојат на патот кој води во Струга, ги чекаат минувачите и им го попречуваат патот со пеење на лазраски песни. Во саботата, утрото, сите Лазарки од селото, од најмалото до најголемото девојче, се облечени во народна носија. Се собираат во црквата Свети Никола околу пладне и го обиколуваат селото пеејќи лазарски обредни песни. За разлика од другите села, во Враништа малите и големите Лазарки шетаат одделно. Додека одат по патот ја пеат песната „Седнал ми е богатија“, а во дворот на домаќините пред куќите има ја пеат песната „Овде дворој метени, Лазаре“.
Домаќинот ги дарува со пари највозрасните Лазарки, а по обиколувањето на сите куќи во селото си ги делат меѓусебе. Истата вечер се собираат во трпезаријата на црквата Свети Никола, „на конак“, каде девојки кои се свршиле таа година, им носат храна, најчесто ѓомлезе.
Лазарски песни од Дримкол
уредиЛуково
уредиЗа плетење венци
Лазар бога молеше, Лазаре. Да би било ведрина, Лазаре. Да ми одат лазарките, Лазаре. Лазарките, невестулките, Лазаре.
За пред црков
Стан ми, чист пречиста Лазаре.
Да ми месиш бел погача, Лазаре.
Да пречека лазарките, Лазаре.
Лазарките, невестулките, Лазаре.
Во секоја куќа
Овде дворје метени, Лазаре
Измела ги невеста, Лазаре
Со два строка босилок, Лазаре.
Овде куќа богата, Лазаре.
Овде тајфа мајстори, Лазаре.
Овде рало волови, Лазаре.
Овде коњи ергели, Лазаре.
Овде азно незнаено, Лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За домаќинот
Застанал ми, рај господин.
во скутови, во скутови каданини,
Када него, када него милно моли.
Стани, стани господине, Лазаре,
Сви другари на лов пошле, Лазаре,
На лов пошле, од лов дошле, Лазаре.
Нека, нека бре невесто, Лазаре,
По нив ќодам, пред нив ќидам, Лазаре.
Со чивчегот во пазуви, Лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За домаќин што е на печалба
Невестица дворје метит, Лазаре.
Уилена, ујадена, Лазаре.
И со сонце разговарат, Лазаре.
Ој ти сонце, јасно сонце, Лазаре.
Дали грееш пова земја, Лазаре
Греам, греам, как не греам, Лазаре.
И ке твојот господин, Лазаре.
Се готвеше дома дидит, Лазаре.
За Велогден, за Ѓурѓовден, Лазаре.
За обата добра дена, Лазаре.
Ти коваше златен ѓердан, Лазаре.
Ти купваше жолти чевли, Лазаре.
За Велигден, за Ѓурѓовден, Лазаре.
За обата добра дена, лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За млада невеста
Стои, стои невестица, Лазаре,
Среде дворје, на мраморје, Лазаре.
В раце држи машко дете, Лазаре.
На глава му чисто капче, Лазаре.
Чисто капче илјаниче, Лазаре.
Ми подувна тихо ветре, Лазаре,
Ми одвеа чисто капче, Лазаре.
Чисто капче илјаниче, Лазаре.
Ој лазарки мили сестри, Лазаре,
Ој земете чисто капче, Лазаре.
Чисто капче илјаниче, Лазаре.
Двеста чини, триста давам, Лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За бремена жена
Раскрстија, раскрстија божја мајка.
Да повива, да повива, да развива.
Ако ми е детенце, Лазаре.
Лелајчиште шиклосано, Лазаре.
Ако ми е момиченце, Лазаре.
Момиченце самарџивче, Лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За стар ерген
Син се мајка, син се мајка милно моли.
Мила мајко, мила мајко посвршиме.
Посвршиме, посвршиме, ожениме.
Сви другари, сви другари посвршени.
Посвршени, посвршени, оженети.
Јас сиромав, јас сиромав ни посвршен.
Ни посвршен, ни посвршен, ни оженет.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
За ергенче
Иде јунак, иде јунак по гората.
Со две киски, со две киски гороцвеќе.
Ој ти јунак, ој ти јунак млади јунак.
Ај подај ми, ај подај ми една киска.
Една киска, една киска гороцвеќе.
Киска давам, киска давам мома земам.
Па ја фати за рачица, Лазаре.
Па ја носи дур до дома, Лазаре.
Од далеку мајка вика, Лазаре.
Нати мајко одмена, Лазаре.
Татко бела промена, Лазаре,
Мене мека постела, Лазаре.
Нестој више поклањај се, Лазаре.
Радожда
уредиЗа во црква
Берете се лазарки, ој лазаре,
берете се лазарки.
Да одиме с лазара, ој лазаре,
да одиме с лазара.
Која не ќе ни дојде, ој лазаре,
која не ќе ни дојде.
Три години да лежи, ој лазаре,
три години да лежи.
Три постели да смени, ој лазаре,
три постели да смени.
Од кол вода да пие, ој лазаре,
од кол вода да пие.
И тва малку да и е, ој лазаре,
и тва малку да и е.
За татко
Занатчија, занатчија,
коња коњи, коња коњи.
Коња коњи, коња коњи,
да си дојди, да си дојди.
Да си дојди, да си дојди,
велигдено, велигдено.
Велигдено, велигдено,
ѓурѓовдено, ѓурѓовдено.
За дедо
Стари Јован, стари Јован
вино пие, вино пие.
Во бавчата, во бавчата,
под крушата, подкрушата.
Долетале, долетале,
два голуба, два голуба.
Чаша му е, чаша му е,
Нарасиле, нарасиле.
Ој синови, ој синови,
мој соколи, мој соколи.
Дајте ми, дајте ми,
тенка пушка, тенка пушка.
Да убијам, да убијам,
два голуба, два голуба.
Чаша ми е, чаша ми е,
нарасиле нарасиле.
За стара баба
Излегла, излегла
Иљојца, Иљојца.
Распашана, распашана,
по кошули, по кошули.
Со налани, со налани,
на нозете, на нозете.
Враништа
уредиСеднал ми е богатија
– за по пат
Седнал ми е, седнал ми е, Лазара, богатија.
Во сенките, во сенките, Лазаре, во бавчите.
В раце држи, в раце држи, Лазаре, чаша вино.
Устрелајте, устрелајте, Лазаре, лепо пиле.
Јас не сум си, јас не сум си, Лазаре, лепо пиле.
Туку сум си, туку сум си, Лазаре, лична мома.
Лична мома, лична мома, Лазаре, за мажење.
Овде дворој метени
– во секоја куќа
Овде дворој метени, Лазаре.
Девојка ги измела, Лазаре. (зависи дали има девојка, невеста или старица)
Со два штрака босилок, Лазаре.
Ој Лазаре, леле лична, Лазаре.
Одвај те дочекавме.
Посебни карактеристики на делото
уредиПразнувањето на Лазара во Дримкол (Луково, Вевчани, Радожда, Враништа) има свои посебни карактеристики кои се јавуваат и како локални, но и како регионални обележја:
1. Обредни лица се Лазарките, односно обредната лазарска поворка ја сочинуваат младата женска популација до 16-годишна возраст.
2. Празнично-обредниот комплекс вклучува четири (2) дена.
3. Лазарките, од највозрасната до најмалата, се облечени во комплетна празнична народна носија, во невестинска највозрасните (с. Луково и с. Враништа), а во моминска останатите Лазарки, и тоа со сите придружни украсни елементи. Носијата, како и накитот, потекнуваат од крајот на 19-ти до средината на 20-ти век.
4. Репертоарот на лазарските песни е богат и со различна тематска насоченост. Се состои од вкупно деветнаесет (19) песни во с. Луково, единаесет (11) во село Радожда и две (2) во село Враништа.
5. Обредни реквизити – китки и венци исплетени од бршлен, зеленика, кукурек и пролетно цвеќе.
Потекло
уредиМакедонската наука речиси и да не располага ниту со една сериозна научна студија која се однесува на потеклото на лазарските народни обичаи, песни и ора, и тоа не само во дримколскиот регион, туку и општо на целокупната територија на Македонија. Иако, несомнено, постои голем фонд на собрани лазарски народни песни во Институтот за фолклор – Скопје, сепак истиот досега не бил предмет на едно покомплексно и посеопфатно истражување. Од тие причини не сме во состојба да дадеме подетална анализа во однос на потеклото на празнувањето на Лазара во Дримкол, а уште повеќе поради фактот што лазарските песни, најверојатно, за прв пат ги регистриравме во етнокореолошката наука.
Следствено на тоа, а врз основа на анализата на собраниот емпириски материјал во однос на потеклото на овој обичај, можеме со сигурност да констатираме три основни пласта – претхристијански, христијански и битов. Исто така, потребно е да нагласиме дека лазарувањето како пролетно, моминско празнување е специфика само за територијата на Македонија и по своите карактеристични белези лазарките во значителна мера се разликуваат од соседните кралици, лејли, од буенецот или драгајката.
Критериуми за валоризација на делото
уредиКритериумите кои се однесуваат на својството на доброто
уреди1. Автентичноста - изразена преку големиот степен на присутност на изворниот облик на практикувањето на доброто;
2. Реткоста - изразена во однос на практикувањето на доброто не само во струшкиот регион, туку и пошироко, затоа што ваков вид на празнување не се среќава на друго место на територијата на Македонија. Слични празнувања има во Струшко Поле, Горна Преспа (каде е во фаза на одумирање), во радовишкиот, кривопаланечкиот, струмичкиот и гевгелискиот регион;
3. Интегралноста - изразена преку високиот степен на единство на верските, обредните, културно-историските и комуникациските функции на доброто, како и вклопеноста на содржината на доброто со локалната средина ;
4. Зачуваноста - изразена преку високиот степен на задржаноста на изворната состојба на доброто;
5. Староста - изразена во однос на траењето на доброто со генерации наназад;
Kритериумите кои се однесуваат на функциите на доброто
уреди1. Културната ;
2. Комуникациската ;
3. Воспитно-образовната ;
4. Научната;
5. Информативната;
Kритериумите кои се однесуваат на значењето на доброто
уреди1. Културното;
2. Културно-историското;
3. Општественото;
4. Научното;
5. Уметничкото;