Лаву
Лаву (на севернолапонски: lávvu, лулолапонски: låvdagoahte, инарсколапонски: láávu, сколтсколапонски: kååvas, килдинсколапонски: коавас (kåvas), фински: kota или umpilaavu, норвешки: lavvo или sametelt и шведски: kåta) е привремено живеалиште што го користи лапонскиот народ од крајниот север на Северна Европа. Дизајнот е сличен на домородните американски типи, но е помалку вертикален и постабилен при силни ветрови. Тоа им овозможува на домородните култури на бездрвните рамнини на северна Скандинавија и високиот Арктик на Евроазија да ги следат нивните стада ирваси. Сè уште се користи како привремено засолниште од Лапонците, а се повеќе и од други луѓе за кампување. Не треба да се меша со гоахти, друг вид лапонско живеалиште или со финското лаву.
Историска дефиниција
уредиПостојат неколку историски референци кои ја опишуваат структурата на лаву што ја користеле Лапонците. Овие структури го имаат следново заедничко:[1][2][3][4][5]
- Лавуто се потпира на три или повеќе рамномерно распоредени столбови, со разгранети или засечени врвови, кои образуваат триножник.
- Десетина или повеќе незацврстени прави столбови се поставени врз триножникот и ја обликуваат структурата.
- На лаву не му требаат колци, жици или јажиња за да се обезбеди форма и стабилност на структурата.
- Обликот и волуменот на лаву се одредуваат според големината и бројот на столбовите што се користат за структурата.
- Не е потребен централен столб за поддршка на оваа структура.
Не постои историски доказ кој опишува употреба на структура со еден столб од страна на Лапонците, која би се нарекла лаву, или со кое било друго скандинавско име. Дефиницијата и описот на оваа структура се задржале прилично конзистентни од 17-тиот век, а можеби и многу векови пред тоа.
Гоахтито, исто така користено од Лапонците, има поразлична конфигурација на половите. Додека дрвјата погодни за правење лаву столбови прилично лесно може да се најдат и често се оставаат на локацијата за подоцнежна употреба, четирите закривени столбови на гоахтито треба да се носат.
Традиционално и модерно лаву
уредиТрадиционалното лаву има два вида дрвени столбови: три или повеќе разгранети столбови и неколку прави столбови. Разгранетите столбови имаат двојно разгранување на врвот. Овие три столба се спојуваат и формираат триножник. Врз оваа основа од разгранети столбови, правите столбови се поставуваат кружно. Кожи од ирваси се користеле како покривка до средината на 19-тиот век, кога на Лапонците им станале достапни големи количини евтини, британски ткаенини.
Традиционалните лаву сè уште се во употреба, но за полесно транспортирање модерните дизајни ги замениле дрвените столбови со алуминиумски, а потешките текстили со полесни ткаенини. Покрај тоа, наместо отворен оган, може да се користи печка. Ова го намалува чадот, но произведува помалку светлина што го прави лавуто прилично темно внатре. Лавуто од овој тип е полесно за носење и е вообичаена алтернатива на шаторите кои често се користат за кампување.
Постојат и многу големи лаву со доволно простор за десетици луѓе. Тие обично се користат за големи семејства.
Симболизам
уредиЛавуто било и останало силен симбол за Лапонците, како културно засолниште. Во текот на 20-тиот век, лавуто одиграло значајна улога во два настани, надминувајќи ја својата функција како обично засолниште. Првиот настан се случил на крајот на Втората светска војна, во зимата 1944/45 година, кога германските војски се повлекувале кон запад низ северна Норвешка, палејќи ги речиси сите домови во окрузите Финмарк и источен Тромс пред Црвената армија. Поради ова уништување, многу Лапонци живееле во лавуа долги години потоа, поради недостигот од домови и невработеноста во тој период.[6] Денес сè уште се живи некои од тие Лапонци кои се родени во лавуа и имаат убави спомени од тоа време.[7]
Вториот значаен момент беше кога лавуто доби симболична улога за време на контроверзите околу Алта во Норвешка, помеѓу 1979 и 1981 година. Лаву поставен пред Стортингот (норвешкиот Парламент) привлече меѓународно внимание, кога неколку Лапонци започнаа штрајк со глад во знак на протест против планираната брана, која ќе ги загрозеше пасиштата на ирвасите и ќе го поплавеше селото Мазе. Овој лаву стана централен симбол во борбата за правата на домородните Лапонци.[8][9][10] Иронијата беше уште поголема кога полицијата во Осло го уништи лавуто со булдожер за време на протестите.[11] Овој конфликт доведе до формирање на Комитетот за лапонски права, кој ги разгледуваше правните аспекти на лапонските права во рамките на Норвешка, што резултираше со донесување на Законот за Лапонци во 1987 година. Овој закон, за возврат, ги постави темелите за Самедги (Лапонскииот парламент на Норвешка), демократски избрано тело на Лапонците во Норвешка во 1989 година, и Законот за Финмарк од 2005 година.
Силната симболика на лаву е прикажана и во неговата сликовна форма како грбот на општината Гуовдагеаину (Каутокеино) и во физичката форма на зградата Самедиги, чија форма е инспирирана од лавуто.
Употреба на лаву
уредиВо внарешноста на лавуто, во средината има огниште што се користи за загревање и за заштита од комарци. Чадот излегува низ отворот на врвот на лавуто што обично се остава отворен. Повремено се обвиткува грубо ќебе околу дупката за чад за да се направи отворот помал, но не до точка каде што чадот би бил спречен да излезе. Со цел да се спречи конценрирање на чадот внатре, се одржува соодветна циркулација на воздухот со оставање отвор помеѓу земјата и покривката или се остава вратата малку отворена. Потребно е огнот да се одржува доволно жежок за да се остави загреаниот чад да се издигне низ дупката за чад.
Традиционално, имало помала врата во задниот дел на лавуто, спроти влезната врата, наречена мечкина врата. Ова се користело за церемонијални цели, како што е изнасување на мртвите (не било соодветно низ влезната врата) и слични функции.[12]
Други дизајни на шатори слични на лаву
уреди- Типи - кај американските домородци
- Чум (шатор) - кај народите од северен Урал, северен Сибир и Туван Тоџанс од јужен Сибир
- Гоахти - друг облик на живеалиште на Лапонците
- Кохте - традиционален германски извиднички шатор инспириран од лаву, но обично е црн.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Schefferus, Johannes (1674). History of Lappland. стр. 80–86.
- ↑ Manker, Ernst и Vorren, Ørnulv (1962). Lapp Life and Customs: A Survey. Trans. Kathleen McFarlane, Oxford University Press London. стр. 42–46.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Muus, Nathan (1997). „Building a Lavvu“. Bulletin of Primitive Technology. 14: 21–22.
- ↑ Manker, Ernst (1963). People of Eight Seasons. Crescent Books, New York. стр. 80–81.
- ↑ Eidheim, Harald (1997). Ethno-Political Development among the Sami after World War II, Sami Culture in a New Era: The Norwegian Sami Experience, Gaski, H. ed. стр. 49.
- ↑ Manker, Ernst и Vorren, Ørnulv. (1962). Lapp Life and Customs: A Survey. Trans. Kathleen McFarlane, Oxford University Press London. стр. 154.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Kitti, Anja. „Sami Elder; former Chair, Sami Siida of North America, Toronto, Canada“. interview. July, 1995/Nov., 2007.
- ↑ „Sami Hungerstrike in 1979“. web.archive.org. 2012-02-09. Посетено на 2024-12-26.
- ↑ „Ville bruke soldater i Alta-aksjon - Innenriks - NRK Nyheter“. web.archive.org. 2007-08-07. Посетено на 2024-12-26.
- ↑ Eidheim, Harald (1997). Ethno-Political Development among the Sami after World War II", Sami Culture in a New Era: The Norwegian Sami Experience, Gaski, H. ed. стр. 49.
- ↑ „Sami Hungerstrike in 1979“. web.archive.org. 2012-02-09. Посетено на 2024-12-26.
- ↑ Schibe, Tom. „North American Sami Elder and reindeer owner; Sami Siida of North America, Milltown, WI, USA“. interview. July, 2006.
Надворешни врски
уреди- Emmons, Rebecca (Risten), An Investigation of Sami Building Structures. December 4, 2004, http://www.utexas.edu/courses/sami/dieda/anthro/architecture.htm Retrieved 11/6/2007.
- More information about a Lavvu. In Norwegian with illustrations. Retrieved 5/16/2009