Куќа на Гоговци (Вевчани)
Куќа на Гоговци — староградска куќа во селото Вевчани, Македонија. Куќата е прогласена за споменик на културата на Македонија.[1]
Куќа на Гоговци | |
---|---|
Поглед кон куќата, од југоисток | |
Општи податоци | |
Статус | Споменик на културата |
Вид | куќа |
Стил | староградски |
Место | Вевчани |
Земја | Македонија |
Координати | 41°14′32.4″N 20°35′19.6″E / 41.242333° СГШ; 20.588778° ИГД |
Завршена | 1887 |
Нарачател | Кузман Гогов (проширување на куќата) |
Технички податоци | |
Катови | 2 |
Подна површина | 140 м2 |
Историја
уредиКуќата е изградена во 1887 година. Во понатамошните децении, куќата била проширена од страна на влијателниот вевчански трговец Кузман Гогов. Во периодот 1928-1932 година, Гогов бил градоначалник на Вевчани и со своите организаторски способности придонел многу за развој на селото преку изградба на болница, поплочување на улиците, изградба на патот „Бело Џаде“, како и пат до црквата „Св. Спас“.[1]
Архитектура
уредиГрадбата има карактеристична архитектура, вклучувајќи ја постојната стара куќа. Се состои од приземје и кат, а претставува куќа со двојно ориентиран средиштен чардак.[2] Приземјето и катот на североисток се изградени од камен со израмнети дрвени греди. Дел од приземјето било отворен трем, а останатиот дел содржел деловни простории. Меѓукатната и покривната конструкција биле изработени од костеново дрво. Скалите кои ги поврзувале приземјето и катот, како и сите врати и подови исто така се изработени од костеново дрво. Катот е еркерно издаден на југоисток и содржи лесна дрвена конструкција исполнета со цели тули. Над дрвените прозорци има украс од тули. Особено се издвојуваа југоисточната и северозападната фасада, на кои има полузатворен камен чардак со цели тули, кој се простира над улицата и дворот. Покривот е од ќерамиди поставени над платно од даски.[1]
Галерија
уреди-
Куќата во 2018 година
-
Куќата во 2023 година
-
Куќата во 2023 година
-
Куќата во 2023 година
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Куќа на Гоговци Архивирано на 7 ноември 2017 г.“. Управа за заштита на културното наследство.
- ↑ „Архитектура“. Vevcani info. Архивирано од изворникот на 2016-08-22. Посетено на 17 ноември 2018.
Надворешни врски
уреди- Куќа на Гоговци (Вевчани) на Ризницата ?