Македонска староградска архитектура
Македонска староградска архитектура — општ поим за градското градителство во Македонија кое во повеќе градови е претставено со добро зачувана архитектура од XIX век. Крушево и Кратово доскоро беа комплетни урбанистички целини, како и стариот дел на Охрид. Како мали групации или изолирани елементи, куќи од XIX век се среќаваат и во Тетово, Дебар, Струга, Прилеп, Крива Паланка и Струмица. И во Скопје се останати неколку во стариот дел, но брзиот развој на македонскиот стопански и културен центар, заедно со земјотресот во 1963г., беа причина за нивно практично исчезнување.
Архитектонското наследство во XX век, е изразено со терминот градска архитектура, го сочинуваат повеќе категории, од кои позначајни се: Беговските живеалишта и, воопшто муслиманската куќа, манастирските конаци и христијанската градска куќа.
Отомански влијанија
уредиЗа разлика од европската палата, овие куќи се доста поскромни по големина, но секако со повеќе архитектонски достигнувања. Извонреден примерок, за жал уништен, претставувале конаците на Авзи-паша во село Бардовци крај Скопје. Помали објекти од тип се зачувани во Тетово, каде што, меѓутоа, треба да се издвои комплексот на Арабати баба-теќе.
Муслиманска куќа
уредиМуслиманската куќа се издвојува во посебна категорија поради посебностите во станбената програма и неограничените улови на градилиштето. Таа секогаш имала на располагање рамен терен, богат, со вода и зеленило. Немала потреба да е развива во височина и затоа, по правило, останувала на приземје и со еден кат. Во внатрешната организација, муслиманската куќа наполно се задоволува со многу проста, симетрична шема: централниот чардак служи за дневен престој и ги обединува сите одделенија. Со висински модулации на подовите, тој ги делел функциите: подолу - простор за комуницирање, погоре - миндерлак, простор за прием и седење. Собите биле најчесто по две од секоја страна на оската на симетрија, а меѓу нив биле бањи, програмска специфика на муслиманскиот стан.
Манастирски конаци
уредиМанастирските конаци се специфични по својата намена, и нивната посебност е програмата во која во еден посебен вид колективно домување се мешал обемен простор за повремен престој во деновите на манастирската слава: еснафите од повеќе блиски градови ги финансирале и ги користеле овие апартмани, при што на посебен начин бил решен проблемот за готвење и консумирање храна. Конаците на манастирот Св. Архангел под прилепското Кале и Св. Јован Бигорски се најзначајни примероци на оваа архитектура. Поради обемноста на програмските барања и големината на комплексите, овие ансамбли претставувале исклучително богатство на хуман простор и динамичност во архитектонската пластика, овладана со виртуозна конструктивна акробатика во дрво.
Христијанска куќа
уредиХристијанската куќа е нешто посебно, надвор од секакви можности за шематизам. Таа претставува жив организам, способен да заземе каков било облик, во зависност од големата варијабилност на условите, битно различни од оние за муслиманската куќа. Во македонската куќа живеалиштето го прават одделенијата во нејзиното средиште; многу често тоа е само една соба така уредена да служи истовремено за сите намени. Христијанското население во македонскиот град од XIX век бројно се зголемувало, а истовремено му се зголемувала и имотната состојба. Во услови на тесниот простор, тие немаат друга можност, освен да живеат збиени и да имаат евентуално многу мало дворче. Всушност, тоа бил органски урбанизам што модерниот свет се труди да го измилува. Овде урбаното ткиво расте и се развива во облици, каде што секој жив организам, колку и тоа да изгледа поинаку, според своите материјални можности се борел за повеќе простор во ширина и висина. Способноста, да се акомодира во секаков простор и да го продолжи животот во секое време, ја чини македонската куќа и денес значајна како извор за современите инспирации.
Специфики на македонската куќа
уредиНема сомнение дека македонската куќа припаѓа кон онаа стилска целина што во XIX век го имало секаде низ Балканот. Како и сите познати стилови низ историјата, старата градска архитектура го создала единството со грижлива стандардизација на проектантски и градежни методи, а материјалот се користел во ликовно единство. Затоа на Површниот поглед му се откриваат како исто лики куќите од Охрид и оние од Бруса.
Без оглед на политичката потчинетост во Османлиското Царство, Македонија ја чува својата културна традиција. Во XIX век националната слобода. Од друга страна, преку стопанскиот успех во трговијата и занаетчиството, заедно со материјалните средства од Европа, се преливаат и влијанија на општествените односи. Тогаш Македонецот носел европска облека (алафранга) и се забавувал на европски начин. Сето тоа се одразувало врз програмата на македонската куќа.
Додека во куќата на Ориентот се клечело, се седело на под или се лежело, во македонската куќа се стоело или се седело на стол. Големиот чардак и другите одделенија за претставителни приеми имале високи седишта - минсофи, наместо миндерлаци. Покрај минсофите се распоредуваат мали, подвижни масички за послужување, а средината останува и натаму празна. Работниот став натаму се одразувал во просторите за живеење. Понекогаш тие се растурени меѓу станбените простори и одделенија за домашна економија. Во оној момент кога овие три елементи ќе се соберат во единствен простор, ќе го откриеме прототипот на модерната кујнска батерија.
Во македонската куќа се открива и посебен архитектонски израз. Во ентериерот ориенталната арабеска е заменета со домашна резба на дрво. На таваните, сергените и вратите, на килимите и другиот текстил, орнаментиката е автохтона - македонска. И во фасадната обработка ориенталната флорална декорација е заменета со творечка смеса од локална културна традиција и европски барок, пресоздаден во дрво.
Со таква македонска куќа од XIX век, и денес се среќаваме во Македонските градови поради очигледните архитектонски квалитети.