Кратошија - регионален вид на грозје кое се одгледува во Македонија, Црна Гора и Далмација.

Кратошија

После вранецот, кратошијата е најзастапен вид на црно винско грозје во Македонија[1]. Имплементацијата на лозови насади со овој вид грозје е поддржана со „Нацрт стратегијата за лозарство и винарство (2010-2015).[1]

Историја уреди

Кратошијата е сорта на грозје која има долга историја во Македонија. Се верува дека на територијата на Република Македонија таа се одгледува уште од античко време, кога виното се чувало во амфори и се транспортирало до благородниците. Сортата била доведена скоро до исчезнување, но преживеала а винарите успеале од неа да направат вина со врвен квалитет.

Потекло уреди

Последните информации во поглед на нејзиното потекло предизвикаа полемики во научниот свет. Конкретно, според овие информации генетското потекло на кратошијата е исто како она на примитиво сортите, т.е. зинфандел или црљенак каштелански [2].

Потекло на поимот уреди

Според Звонимир Будимировиќ, името кратошија настанало со словенизирање на античкото вино „акрато“ односно со словенизирање на ширата од акрато - „акрато-шира“.[3]

Виногорја уреди

Виновата лоза од оваа сорта се наоѓа низ цела Македонија, а со „Правилникот за реонизација на лозарските подрачја“ [4] истата е препорачана во Повардарскиот реон и во Кумановското виногорје.

Лоза уреди

Гроздовите се средно големи, со цилиндричен и конусен облик, средно густи или растресити. Зрната се средно големи, тркалезни до сплескани, со дебела кожа и темносина боја.

Витикултура уреди

Кратошијата бара средно плодни и умерено влажни почви. Таа е доцна сорта, во регионот на Повардарието грозјето созрева во втората половина на септември, а во останатите малку подоцна.[5]

Вина уреди

Од оваа сорта на грозје се произведуваат суви вина кои се одликуваат со интензивна темноцрвена боја, арома на презреани шумски плодови и хармоничен вкус кој долго трае.[6]

Благодарение на својата хармонична природа кратошијата добро се комбинира со други сорти на грозје.

Кавадарка уреди

„Кавадарка“ е едно од најстарите и најпопуларните вина во Македонија. Произведена е од грозјето „кратошија“[7] од регионот на градот Кавадарци и така го добива своето име. Иако е едно од поевтините вина во Македонија има многу добар вкус и квалитет.

Консумирање уреди

Препорачана температура на служење на виното кратошија е 16 до 18оС[6]. И кавадарката е најдобро да се служи на температура од 16 до 18 оC[7].

Кратошијата добро се слага со сите видови месо и стари сирења со снажни вкусови.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „Нацрт стратегија за лозарство и винарство (2010-2015)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-09-28. Посетено на 2017-03-09.
  2. Македонски вина - кратошија
  3. Книга за виното
  4. Правилник за реонизација на лозарските подрачја
  5. „Кратошија на Екстрапоинт“. Архивирано од изворникот на 2017-03-07. Посетено на 2017-03-09.
  6. 6,0 6,1 „Кратошија на Тиквеш“. Архивирано од изворникот на 2016-10-17. Посетено на 2017-03-09.
  7. 7,0 7,1 Кавадарка на Тиквеш