Краткопрст ползач

Краткопрст ползач
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Ползачки
Род: Certhia
Вид: Краткопрст ползач
Научен назив
Certhia brachydactyla
Brehm, 1820
Приближна распространетост

Краткопрстиот ползач (научCerthia brachydactyla) е мала врапчевидна птица во шумите низ потоплите региони на Европа, вклучувајќи ја и Македонија и северна Африка. Генерално има појужна распространетост од другите ползачи, односно од обичниот ползач, од кого тешко може да го разликуваме каде ги има и двата. Краткопрстиот ги претпочита листопадните шуми и пониските надморски височини во областите каде распространетоста им се преклопува. Таа не е птица преселница, но знае да заскита надвор од својот опсег.

Таксономија и систематизација

уреди

Краткопрстиот ползач за првпат е опишан од Кристијан Лудвиг Брем 1820 година.[2] Научното име потекнува од грчкото kerthios - мала птица што ползи по стеблата, опишана од Аристотел и brachydactyla што доаѓа од brakhus, „краток“ и dactulos „прсти“, што, исто така, е содржано во македонскиот назив и што се однесува на пократките прсти што оваа птица ги има во однос на обичниот ползач.[3]

Има 5 подвида на краткопрстиот ползач:

потемен и покафеав одозгора и појасно бело избразден одоздола од C. b. megarhyncha;

  • C. b. mauritanica; северна Африка; потемен и со постуденокафеави бои одозгора и поинтензивна портокалова нијанса одоздола. Има различна песна;
  • C. b. dorotheae; Кипар, посивкави горни делови и помалку бело одоздола; различна песна;
  • C. b. harterti; Мала Азија и Кавказ; сличен на C. b. megarhyncha, но побледи, кремави горни долови.

Опис

уреди
 
Возрасен на стебло од дрво

Сите ползачки се слични по изглед, мали, кафеави, со линии и точки на горните делови, со портокалова нијанса над опашката и белкави долни делови. Имаат долг надолу свиен клун и долга цврста опашка што им помага при ползењето по стеблата.[4]

Краткопрстиот ползач е долг 12.5 см и тежок 7.5-11 грама. Има бессјајни сивокафеави горни делови, комплексно прошарани со црно, бело и кремаво, слаба белкава линија над окото, темникави долни делови кои се во контраст со белото грло. Половите се слични, а младенчињата имаат белкави долни делови понекогаш со портокалова нијанса на стомакот.

Повикот на овој вид е повторливо остро тит...тит тит-тит а песната му е секвенца од малку продолжени исти такви ноти тиит-тиит-тиит-е-рои-тиит. Има географски варијанти на пеењето, на пример во Данска песната е пократка, на Кипар е многу кратка и едноставна, а во северна Африка е пониска.[4]

Овој вид својата распространетост ја дели со обичниот ползач, кој е побел одоздола, a одозгора, пак, кафеавата боја му е потопла и има повеќе точки, линијата над окото му е поизразена и има малку пократок клун. Како и да е, идентификацијата по надворешен изглед во природа не е лесна, но обичниот ползач има карактеристична песна составена од чрчорење, треперење и последен свиреж со шрии, што ретко се среќава кај краткопрстиот. Но сепак, познато е дека и двете птици можат да си ги пеат песните едниот на другиот.[4]

Поведение

уреди

Живеалиштето на краткопрстиот ползач се шумите со стари дрвја, особено дабови, избегнувајќи ги целосно четинарските и повисоките надморски височини. Таа е постојан жител, односно не е птица преселница, но во периодот по размножување можни се распрскувања кои доведуваат до скитништво. Како мала шумска птица со криптични пердуви и тивок повик, оваа птица може да не ја забележиме како вертикално потскокнува качувајќи се полека нагоре по стеблото на дрвото, помагајќи си со вкочанетата опашка и широко раширените прсти на нозете. Таа не е многу внимателна и плашлива и речиси е рамнодушна кон присуството на луѓето. Има карактеристичен непредвидлив брановиден лет, со наизменични замавнувања со крилјата, сличен на пеперугите. Зимно време живеат сами, но кога е многу студено може да се соберат по повеќе од десетина птици да спијат заедно на заштитено место за да се греат меѓусебно.[4]

Исхрана

уреди

Краткопрстиот ползач се храни со безрбетници кои ги вшмукува од стеблата на дрвјата. Почнува од долу и се движи нагоре во спирала, помагајќи си со цврстата опашка, и за разлика од лазачките, не се симнува надолу со главата, туку летнува до основата на некое друго блиско дрво. Го користи својот долг, тенок клун за да ги извади инсектите и пајаците од пукнатините во кората. Иако обично се хранат на дрвјата, повремено го ловат пленот на ѕидови, гола земја или меѓу паднатите борови иглички, па и додава некое иглолисно семе во својата исхрана во постудените месеци.

Размножување

уреди
 
Certhia brachydactyla

Гнездото го прават во дупка во дрвото или пукнатина од кората. Старите гнезда на клукајдрвците, дупките во ѕидовите и зградите, како и куќичките за птици, доаѓаат предвид за гнездење.[4] Го постилаат со гранчиња, борови иглички, трева и помеки материјали како пердуви, волна, мов, лишај или пајажина. Несат 5-7 јајца, бели со пурпурноцрвени дамки. Ги инкубира само женката во период од 13 до 15 дена, а потоа ги хранат обата родитела, но ги загрева повторно само женката уште 15-18 дена додека да се оперјат. Овој вид често има и второ легло. Мажјакот започнува да го гради новото гнездо додека женката сè уште се грижи за потомството од првото.[4]

Статус

уреди

Краткопрстиот ползач има широка распространетост од 1 до 10 милиони км² и голема популација од 4.1 до 14 милиони поединци. Според Црвениот список на МСЗП спаѓа во вид со најмала загриженост.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Certhia brachydactyla. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. (германски) Brehm, Christian (1820). Handbuch der Naturgeschichte aller Vogel Deutschlands. стр. 266–271.
  3. „Краткопрст ползач Certhia brachydactyla [CL Brehm, 1820]“. BirdFacts. British Trust for Ornithology (BTO). Посетено на 2008-05-23.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Harrap, Simon; Quinn, David (1996). Tits, Nuthatches and Treecreepers. Christopher Helm. стр. 177–195. ISBN 0-7136-3964-4.

Надворешни врски

уреди