Клуч (хрватски: Ključ) - југословенски омнибус-филм од 1965 година. Омнибусот се состои од три посебни филма: „Долгата улица“ во режија на Ванча Кљаковиќ, „Чекање“ во режија на Крсто Папиќ и „По претставата“ на Антун Врдољак. Главните улоги ги играат: Божидар Бобан, Јагода Калопер, Марија Лојк, Слободан Димитријевиќ, Тана Маскарели, Фабијан Шоваговиќ, Свен Ласта, Љубица Јовиќ, Звонимир Рогоз и Реља Башиќ.[1]

Синопсис

уреди

Долгата улица

уреди

Борис (го игра Бобан) ја гледа сосетката Вера (ја игра Калопер) како не може да ја отвори влезната порта од зградата во која живее. Тој се обидува да ѝ помогне, но без успех, а таа го губи клучот. Борис ја кани во својата соба, кажувајќи ѝ дека веќе подолго време ја набљудува. Вера преноќува во неговата соба, а Борис неколкупати безуспешно се обидува да ја бакне. Утредента, Вера оди на работа, а Борис излегува надвор и го фрла клучот во канализацијата.[2]

Чекање

уреди

Соња (ја игра Лојк) и Иван (го игра Димитријевиќ) негуваат една болна старица (ја игра Маскарели) со надеж дека набрзо ќе умре и ќе го наследат нејзиниот стан. Но, на нивно изненадување, здравјето на старицата се подобрува, а тоа предизвикува нервоза кај Соња. Еден ден, таа ја наоѓа старицата во тешка положба, зашто во најстудениот зимски ден го оставила прозорецот отворен. Набргу, старицата умира, а Иван ја обвинува Соња дека таа го оставила прозорецот отворен.[3]

По претставата

уреди

Маж (го игра Ласта) и жена (ја игра Јовиќ) бараат хотелска соба за да преспијат, откако по театарската претстава, мажот ја зел јакната од некој друг ќовек, така што немаат клуч од својот стан. Рецепционерот одбива да им даде соба, сметајќи дека тие се љубовници (зашто мажот и жената имаат различни презимиња), па двајцата мора да шетаат по улиците на Загреб. Во разговорот, тие го искажуваат незадоволството од својот брак. Најпосле, сопругот успева да најде соба во еден хотел, но тогаш жената го обвинува дека претходно доаѓал во хотелот со љубовници. Затоа, таа ја напушта собата, а потоа во разговорот со рецепционерот (го игра Рогоз) дознава за шемата со која тој им отстапува соби на љубовните парови. Тогаш, во хотелот влегува еден гостин (го игра Башиќ), а рецепционерот гласно го изговара бројот на неговата соба, очекувајќи дека жената ќе оди таму. Меѓутоа, таа се враќа во собата кај сопругот.[4]

Наводи

уреди