Кирил З’мбов
Кирил Фердов З’мбов (31 јануари 1931, Кочани - 8 септември 2009, Грција) — македонски јадрен физичар, член на МАНУ надвор од работниот состав од 1988 година.[1]
Киро З’мбов | ||
Роден | 31 јануари 1931 Кочани | |
---|---|---|
Починал | 6 септември 2009 Грција | |
Националност | Македонец | |
Занимање | физичар, академик |
Животопис
уредиСтудирал физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград, каде што дипломирал во 1955 година. Од 1954 година бил вработен во Институтот за јадрени науки „Борис Кидрич“ во Винча, Република Србија, каде што останал до крајот на својот работен век. Докторската дисертација од областа на површинската јонизација ја работел под раководство на академик Павле Савиќ и ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Белград во 1963 година.
За член на МАНУ, надвор од работниот состав, бил избран на 7 октомври 1988 година[2]. Ѕ`мбов бил член на Српската академија на науките и уметностите.
Стручната активност на д-р З’мбов во областа на аналитиката на јадрените материјали е посебно врзана за развојот на масено-спектроскопските методи на изотопска анализа на ураниумот, борот и деутериумот. Поради непогодноста на користење на гасовитите соединенија на ураниумот и борот, тој развил посебен извор на површинска јонизација, која ќе овозможи изучување на механизмот на процесот и оптимизација на условите за зголемување на ефикасноста на методата. Заедно со унгарскиот научник И. Опауски вовел графитирање на јонизирачките површини за зголемување на ефикасноста на монизацијата на ураниумот.
Од научната активност на д-р З’мбов потекнале ред технички реализации, оригинални по концепцијата и изведувањето. Неговите научни резултати се објавуваат во угледни домашни и странски публикации, а некои од неговите решенија спаѓаат во редот на најсовршените од тој тип во светот. Тој активно учествувал и во научните дејности на научните институции во Р Македонија, соработувајки на повеќе научни проекти.
Трудовите му биле цитирани околу 730 пати. Имал богата соработка со центрите за јадрени истражувања во Јилих и во Карлсруе, со Националниот институт за стандарди и технологија во Вашингтон и со Државниот универзитет „Ломоносов“ во Москва. Бил претседател на Југословенското друштво за масена спектрометрија и член на Научниот совет на Меѓународното друштво за масена спектрометрија. Бил и директор на Лабораторијата за физичка хемија во Винча.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 574. ISBN 978-608-203-023-4.
- ↑ „МАНУ“. Архивирано од изворникот на 2010-01-23. Посетено на 2010-01-21.
- ↑ Почина академик Кирил Ѕмбов[мртва врска] Македонска информативна агенција