Кабинет на Соединетите Американски Држави

Кабинет на Соединетите Американски Држави (англ. United States Cabinet) или Кабинет на претседателот (англ. President's Cabinet) — тело составено од високи функционери на извршната власт во Федералната влада на САД. Тоа е официјално советодавно тело на претседателот на Соединетите Американски Држави. Претседателот претседава со состаноците, но формално не е член на Кабинетот. Шефовите на одделите, именувани од претседателот и потврдени од Сенатот, се членови на Кабинетот, а вршителите на должности, исто така, учествуваат на состаноците на кабинетот, без разлика дали се официјално предложени за потврда во Сенатот. Претседателот, за членови на Кабинетот може да назначи шефови на други агенции и членови на Извршната канцеларија на претседателот кои не се потврдени од Сенатот.

Кабинетот на претседалот Џо Бајден. Слика од јули 2021

Кабинетот нема колективни извршни овластувања, не функционира самостојно и не треба да гласа. Составен е од 24 членови (25 вклучувајќи го и потпретседателот): 15 шефови на оддели и девет членови на ниво на кабинет. Кабинетот се состанува со претседателот во просторија соседна на Овалната соба. Со исклучок на американскиот јавен обвинител и претходно генералниот директор на поштата на САД, сите членови на кабинетот - шефови на органи на централната власт - се нарекуваат „секретари“ (анг. Secretary), што во владиниот систем на САД одговара на позицијата на министер.

Претседателот на САД може да разрешува членови на Кабинетот без претходно одобрение од Сенатот, што било потврдено од страна на Врховниот суд на Соединетите држави во случајот Маерс против Соединетите Американски Држави (1926. Претседателот има овластување да го организира кабинетот, како и да основа комисии. Како и сите федерални јавни службеници, членовите на Кабинетот се предмет на импичмент од Претставничкиот дом и сослушување во Сенатот за „предавство, поткуп или други високи кривични дела и прекршоци“.

Уставот на Соединетите Држави експлицитно не предвидува креирање на Кабинет. Улогата на Кабинетот, според клаузула од Уставот е давање совети на претседателот. Исто така, Дваесет и петтиот амандман го овластува потпретседателот, заедно со мнозинството од раководителите на извршните оддели, да го прогласат претседателот за „неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на неговата функција“. Раководителите на извршните оддели - доколку ги исполнуваат условите - се во редица за наследување на претседателот во такви случаи.

Првиот кабинет го составил Џорџ Вашингтон, првиот претседател на Соединетите Американски Држави, со назначување четворица негови најблиски соработници: државниот секретар Томас Џеферсон, секретарот за финансии Александар Хамилтон, секретарот за војна Хенри Нокс и државниот обвинител Едмунд Рандолф. Потпретседателот Џон Адамс не бил вклучен во Кабинетот на Вашингтон бидејќи таа позиција тогаш се сметала за законодавен службеник (претседател на Сенатот).[1] Дури во 20 век, потпретседателите биле постојано вклучувани како членови на Кабинетот и почнале да се сметаат првенствено како членови на извршната власт.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „John Adams · George Washington's Mount Vernon“. Архивирано од изворникот на May 17, 2018. Посетено на May 17, 2018.

Надворешни врски

уреди