Интелигентен дизајн
Под интелигентен дизајн или скратено ИД (од англ. intelligent design, скратено „ID“) се подразбира мислењето дека „одредени особини на универзумот и на живите суштества најдобро можат да се објаснат со помош на интелигентна причина, а не со процес кој нема насока, каков што е природната селекција“. Тоа е облик на креационизам и современа прилагодба на традиционалниот теолошки аргумент за постоење на Господ, кој се објаснува од страна на неговите приврзаници како „теорија за потеклото на животот основана на докази“ наместо како „идеја основана на религија“. Водечките приврзаници на интелигентниот дизајн се поврзуваат со Институтот „Дискавери“, кој е политички конзервативен think tank (т.е. „фабрика на мисли“), и веруваат дека дизајнерот е христијанскиот Бог.
ИД се обидува да ја редефинира науката на фундаментален начин така што ќе поттикне натприродни објаснувања, гледиште познато како теистичка наука. Тоа поставува неколку аргументи, од кои најпознати се тие за несведивата сложеност (англ. „irreducible complexity“) и одредената сложеност („specified complexity“), како поддршка на постоењето на дизајнер или творец. Научната заедница не го одобрува вметнувањето на натприродни објаснувања во науката и ги одбива несведивата сложеност и одредената сложеност како објанување за низа на концептуални и фактички недостатоци. Најголем дел од научната заедница го означува ИД како псевдонаука и смета дека тој е повеќе религиозно отколку научно гледиште. Тој не се квалификува како вистинска наука бидејќи нема емпириска поддршка, не дава експериментални хипотези и се обидува да ја опише историјата на природата како последица од натприродни причини кои не можат научно (експериментално) да се докажат.
Интелигентниот дизајн бил разработен од страна на неколку американски креационисти. Првата значајна јавна употреба на интелигентниот дизајн била во „За пандите и луѓето“, книга од 1989 која била наменета за часовите по биологија во средните училишта. Од средината на деведесеттите, приврзаниците на интелигентниот дизајн биле поддржани од Институтот „Дискавери“, кој, заедно со Центарот за наука и култура, го испланира и финансираше „Движењето интелигентен дизајн“.
Концепти
уредиНесведива сложеност
уредиПоимот „несведива сложеност“ („irreducible complexity“) бил воведен од биохемичарот Мајкл Бехе во неговата книга од 1996 насловена „Дарвиновата црна кутија“, иако претходно тој веќе го имал опишано овој концепт преку неговите придонеси во „За пандите и луѓето“ од 1993. Бехе него го опишува како „единечен систем кој се состои од неколку добросврзани интерактивни делови кои придонесуваат за основната функција, при што отстранувањето на било кој од тие делови го предизвикува системот да престане да функционира“.
Бехе ја користи аналогијата на глувчешка стапица за да го илустрира овој концепт. Стапицата се состои од неколку интерактивни делови, од кои секој треба да е на своето место за стапицата да работи. Отстранувањето на било кој дел ја уништува функцијата на стапицата. Поддржувачите на интелигентниот дизајн го поддржува тврдењето дека природната селекција не би можела да создаде несведиво сложени системи, бидејќи функцијата е присутна само кога сите делови се собрани и сврзани. Бехе зборувал дека како несведиво сложени биолошки механизми се, меѓудругото, бактериското камшиче на E. coli, каскадата на засирување на крвта, трепките, како и адаптивниот имунолошки систем.
Критичарите истакнуваат дека аргументот на несведива сложеност претпоставува дека потребните делови на даден систем отсекогаш биле потребни и затоа не би можеле да бидат додавани постепено. Тие кажуваат дека нешто што е најпрво едвај корисно може подоцна да стане потребно, со текот менувањето на другите компоненти. Уште повеќе, според нив, еволуцијата често напредува со тоа што ги изменува претходно постоечките делови или ги отстранува од даден систем, наместо да ги додава.
Несведивата сложеност останала популарен аргумент меѓу приврзаниците на интелигентниот дизајн; но во судењето Довер, судот истакнал дека „тврдењето на проф. Бехе за несведива сложеност е одбиено во истражувачките часописи и отфрлено од страна на научната заедница“.
Одредена сложеност
уредиОвој концепт („specified complexity“) го развил математичарот, филозоф и теолог Вилјем Демски. Демски тврди дека кога нешто покажува одредена сложеност (т.е. симултано сложено и одредено), може да се заклучи дека е создадено од интелогентна причина (т.е. е дизајнирано) наместо да е резултат од природни процеси. Тој ги дава следните примери: „Една буква од абецедата е одредена без да е сложена. Долгата реченица од наизменично подредени букви е сложена без да е одредена. Шекспировиот сонет е сложен и одреден“. Тој тврди дека деталите на живите суштества можат слично да се одредат, особено молекуларните секвенци во функционалните биолошки молекули каква што е ДНК.
Демски ја дефинира сложената одредена информација како сè што има помалку од 1·10150 шанси да се случи по природен пат.