Изгревно Езеро
Изгревно Езеро — природно ледничко езеро на планината Кораб, во Македонија.
Изгревно (Корапско) Езеро | |
Длабочина | 1,5 м |
Надморска висина | 2.318 м |
Планина | Кораб |
Местоположба
уредиПоточно, тоа се наоѓа на источната македонска страна непосредно до главниот планински срт на протегање, сместено во цирк помеѓу врвот Боази на север и високопланинскиот превој Цигански Премин на југ, веднаш западно и непосредно над големиот цирк Ујт Калар, на јужното подножје под врвот Боази на надморска височина од 2318 метри[1]. Езерото се наоѓа на координатите 41°44'54.4″ северна географска широчина и 20°31'15.7″ источна географска должина, на пределот помеѓу врвот Боази на север ивисокопланинскиот превој (седло) Цигански Премин на југ, на источната страна веднаш до самиот срт на територијата на Македонија[1].
Одлики
уредиОбликот на езерото е издолжен, овален и заоблен со послабо наликување на крушовиден или јајцевиден изглед, со најголема должина на протегање во правец северозапад-југоисток и најголема широчина на протегање во правец југозапад-североисток, при што западниот езерски брег е речиси права линија, додека источниот брег е прилично заоблен, како и северниот и јужниот брег кои се со помала заобленост[2]. Езерото има постојан водостој и неговата длабочина изнесува околу 1,5 метри[3]. Водостојот е постојан и непроменлив преку целото лето и во најтоплите денови, а во зима тоа замрзнува и е затрупано со снег[1]. Дното на езерото е земјено (тињесто) и делумно каменесто, поради што езерската вода се одликува со голема бистрина, а поради тревнатите брегови и околина, погледнато од подалеку езерската површина има темнозелена (смарагдна) боја[2]. Езерото нема истека, а со вода се храни од врнежите и топење на снежниците, кои поради затвореноста и засенченоста на циркот во кој се наоѓа, од три страни југ,запад и север, снегот останува подолго заради што се топи подоцна и подолго време, хранејќи го со вода и давајќи му помалку променлив постојан водостој со помала колебливост[1]. Според своите одлики, најверојатно потеклото на ова езеро е циркно, односно ерозивно-циркно или циркно-моренско, при што тоа е настанато во преиздлабениот дел на циркот каде што започнале да се движат планинските мразници[1].
Именување и изглед
уредиИзгревно Езеро на Кораб | |
Аматерската и панорамска снимка „Изгревно Езеро на Кораб“ од 2019 година од серијалот „Уживај во Македонија |
Ова езеро се одликува со особена убавина и поради својата источна поставеност од сртот особено блеснува со оцртување на сонцето во езерските води при изгрејсонце, поради што може да се нарече Изгревно Езеро[1]. Поради својата местоположба близу до превојот Цигански Проход, езерото многу поретко би можело да биде познато и како Циганско Езеро или пак Боази-Боашко Езеро поради близината до врвот Боази. Езерото се одликува со исклучително многу убава глетка како и целиот крајолик во непосредната околина и пространство исполнето со величествени остри врвови на Кораб (но и глетка на гребенот на Бистра во далечината), кои го опкружуваат Изгревно Езеро од север, запад и југ, при што циркот во кој се наоѓа има отвореност само кон исток и југоисток, давајќи му изглед на езерото и непосредната околина како на бисер во школка[1]. Иако е тоа постојано природно езеро, поради многу тешката пристапност на пределот и големата оддалеченост, тоа не е обележано на ниту една од географските и топографски карти и е речиси целосно непознато и непроучено од науката, а исто така е и многу ретко посетувано од посетители - овчари и планинари.
Галерија
уреди-
Поглед на Изгревно Езеро со врвови во позадината
-
Поглед кон езерото
-
Глетка од езерото
-
Глетка од езерото и билото на Кораб
-
Глетка на Изгревно Езеро од југ
-
Поглед на езерото од југ, со врвот Боази во позадината
-
Поглед на езерото од север
-
Поглед на езерото од југ
-
Глетка на Изгревно Езеро половично под мраз
-
Глетка од езерото
-
Глетка од езерото
-
Поглед на езерото од север
-
Поглед на езерото
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Шаревски, Марио (2020). „Општ географски преглед на планината Кораб и нејзините (не)истражени врвови, езера и предели“. Записи за Кораб: 33–35. ISBN 978-608-66336-1-5. Архивирано од изворникот на 2020-08-11. Посетено на 2020-08-24.
- ↑ Посетено и нуркано во езерото од Марио Шаревски на 27.07.2019 и 03.07.2020