Цигански Премин

Превој на планината Кораб

Цигански Премин (познат и како Цигански Проход) — високопланински превој на планината Кораб во западна Македонија. Преслапот Цигански Премин е висок 2.305 метри надморска височина и ги поврзува, односно меѓусебе ги дели гребените (масивите) на врвовите Дерза со Црн Камен и Шупла Стена на југ и Цигански Врв и Боази со Изгревно Езеро на север, во средишниот дел на планината Кораб. Се наоѓа на главниот срт на протегање на планината Кораб, а по него води и македонско-албанската државна граница. Точната местоположба на превалот Цигански Премин е 41°44’ северна географска широчина и 20°31’ источна географска должина[1]. Преку превојот води тесна сточарска патека која многу ретко се користи за преминување од Македонија во Албанија, а претежно ја користат собирачи на шумски плодови и дрва, но не и сточари бидејќи и покрај бујната трева пределот е со многу стрмни падини и провалии и нема поволни пасишта. Името Цигански Премин можно е да е настанато во подалечното минато кога овој премин веројатно го користеле „Цигани“ (Роми) кои како чергарско-номадски тајфи кои се занимавале со калајџиство или како ковачи-налбати (за потковици) и ситни трговци ја преминувале планината Кораб и работеле во горнореканските села во Македонија и селата во пределот Љума во Албанија. На постарите географски и топографски карти превојот е запишуван и како Цигански Проход.

Поглед на превојот Цигански Премин
Поглед на превалот Цигански Проход

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Светозар Петковски, Драган Василевски, Владо Матевски, Claudio Orlandini и 28 други автори (2011). „Студија за ревалоризација на заштитено подрачје Маврово“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. Посетено на 10 март 2019.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)