Иван Дејанов
Иван Дејанов (Ќустендил, Бугарија, 6.1 1932 - Скопје, 10. VII 2001) - трансфузиологија, имунолог, академик. Тој е основач на модерната трансфузиологија во РМ, а како прв специјалист трансфузиолог успешно ја насочувал трансфузиологијата како научна и клиничка дисциплина, создавајќи бројни кадри и високо реноме на РЗТ на просторите на поранешна Југославија и пошироко. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје (1958). Од 1960 година е вработен во РЗТ во Скопје и станува прв специјалист по трансфузиологија во РМ (1965). За виш универзитетски предавач на Медицинскиот факултет е избран во 1983 година, а за редовен член на МАНУ на 26. VI 1997 година. По усовршувањето во лабораториите за хемостаза и тромбоза на познатиот Медицински факултет на Северна Каролина (САД) кај К. М. Бринхаус и Г. Д. Пенинг (1964-1965 и 1966-1968), во Скопје го формирал Одделение за хемостаза и тромбоза со биохемиска, хематолошка и имунолошка лабораторија. Неговата стручно- научна работа се однесува на растројствата на хемостазата (вродени и придобиени), рационална и оптимална употреба на крвта и крвните деривати, на проблемите на сигурна крв, докажување на вирусите на хепатитот, воведување методи за имунолошка дијагностика. како и на методи за пречистување и производство на дијагностички и тераписки материјали. Неговите трудови за постоење дефицит на антитромбин III, на постоењето на деградационите производи на прототромбинот во циркулацијата, за соработката на имуногенезата и тромбогенезата се високо вреднувани кај нас и во светот. Изучувањето на хепатитот Б, а особено на хепатитот Ц кај болните на дијализа беа меѓу првите во Европа (1991-1993). Своите научно-стручни истражувања и искуства ги отпечатил и соопштил во над 350 публикации и соопштенија. Напишал (со соработниците) 3 книги. Своето знаење го разменуваше и го збогатуваше со колеги од Европа и од светот при посета на познати центри за хемостаза и учество на конгреси: Осло (1971), Виена (1973, 1979), Хелсинки (1975). Атина (1976), Париз (1978), Прага и П’лзен (1977, 1978), Будимпешта (1982), Москва (1969, 1981, 1985), Минхен 1978), Франкфурт (1982), Упсала 1991), Хајделберг (1991). Од 1997 г. ги раководел проектите на МАНУ „Антимикробната и антитромботичната активност на антибиотиците“ и „Антропогени ефекти врз животната средина во Охридско-преспанскиот регион". Бил пратеник во Собранието на СРМ, претседател на Секцијата за хематологија и трансфузиологија при МЛД. член на повеќе работни тела на Медицинскиот факултет, делегат на СИЗ за здравство, претседател на Југословенската секција за хемостаза и тромбоза. Тој е основач и бил прв претседател на Македонско-израелското друштво за пријателство и соработка. Починал на 10 јули 2001 година.[1]
Иван Дејанов | ||
Роден | 6 јануари 1932 Ќустендил | |
---|---|---|
Починал | 10 јули 2001 Скопје, Македонија | |
Националност | Македонец | |
Занимање | имунолог, трансфузиолог, академик |
Наводи
уреди- ↑ Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 440–441. ISBN 978-608-203-023-4.