Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување
во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето).


Заушките (parotitis) се вирусна инфекција која најчесто ги напаѓа паротидните плунковни жлезди, кои се локализирани пред ушите зад вилицата.

Оток во паротидната регија

Епидемиологија

уреди

Најчесто овој вирус ги напаѓа децата од 5-14 години, но не значи дека и постарите не можат да се разболат. Се јавува во вид на епидемија на секои 2-5 години, најчесто во зима или на пролет. Кај повеќе од 50% од инфицираните болеста протекува без клинички симптоми. По прележаната болест, се создава траен имунитет кој штити од втора инфекција до крајот на животот.

Патогенеза

уреди

Овој вирус се пренесува преку плунката во непосредна близина при разговор, смеење, кивање, кашлање или при користење на ист прибор за јадење и пиење. При навлегување на вирусот во организмот, прво ткиво кое го напаѓа е епителот на респираторниот систем каде се размножува 14-18 дена. Овој перид го нарекуваме период на инкубација, и за оваа време не сме свесни дека сме инфицирани со вирусот. По истекот на овој период вирусот навлегува во крвотокот и конечно доаѓа до ткивото на паротидната жлезда, а поретко до мозокот, тестисите или панкреасот. Тука се развива воспаление и зафатените ткива отекуваат, се јавува болка. Болеста почнува со нетипични симптоми како: покачена температура, малаксаност, главоболка, гадење, слабост, кои не нè упатуваат на заушки.

Клиничка слика

уреди

Еден до три дена по појавата на овие симптоми се развива типична клиничка симптоматологија со појава на болка во увото, болка при џвакање, осетливост на кожата, за конечно да се појави препознатливиот оток зад вилицата, пред ушите. Овој оток најчесто почнува еднострано но набргу до крајот на денот отекува и другат жлезда.

Отокот се задржува 6-10 дена. Болниот е инфективен, односно го пренесува вирусот 5-6 дена пред да се појави отокот, и 4-5 дена откога ќе исчезне.

Терапија

уреди

Бидејќи оваа состојба е предизвикана од вирус, не се употребуваат антибиотици, треба само да се следи температурата на болниот и да се користи, најдобро, парацетамол за нејзино намалувавање, а за отокот се препорачуваат топли облоги. Болниот треба да избегнува тврда, кисела храна која го зголемува лачењето на плунката и ја зголемува болката, а да користи што повеќе течности. Најважно од сè е децата кои имаат заушки да останат дома за да се спречи ширењето на вирусот.

Компликации

уреди

Од компликациите кои можат да се јават е ширење на инфекцијата кон мозокот, со појава на здрвен врат, главоболка, вртоглавица, повраќање. Ако се забележат овие знаци веднаш треба да се консултира доктор.

Исто така заушките можат да се манифестираат со воспаление на тестисите и тоа најчесто во постпубертетните години и кај повозрасните. Тестисот кај овие болни е зголемен до 4 пати од нормалната големина, болен, кожата е црвена. Значајно е што кај 50% настанува атрофија и нефункционалност на тестисот, но зафатеноста на двата тестиси истовремено се забележува кај помалку од 15%, па стерилитет ретко се забележува.

Превенција

уреди

Оваа болест во минатото претставувала значаен проблем затоа што многу лесно се шири и ги зафаќа речиси сите деца од предшколска и школска возраст. Со воведувањето на вакцината против заушки овии инфекции се намалени за повеќе од 99%, така што сега епидемиите се со многу помали размери.

Надворешни врски

уреди
Класификација
П · Р · П