Кочанска Река (Пиринска Македонија)
Кочанска Река[1] (Жижевска[2] или Жижовска Река[3]) — река во Неврокопско, Пиринска Македонија, десна притока на реката Доспат. Долга е 15,7 км и одводнува дел од јужните падини на Доспат Планина во Западните Родопи.
Кочанска Река Жижевска Река | |
---|---|
Кочанска Река кај месноста Жижевски Мост | |
Местоположба | |
Физички особености | |
Извор | |
• место | Доспат Пл., Западни Родопи |
• координати | 41°38′00″N 24°02′08″E / 41.6333° СГШ; 24.0356° ИГД |
• надм. вис. | 1.286 м |
Устие | |
• место | р. Доспат кај границата со Драмско, Егејска Македонија |
• координати | 41°31′51″N 24°03′29″E / 41.5308° СГШ; 24.0581° ИГД |
• надм. вис. | 585 м |
Должина | 15,7 км |
Особености на сливот | |
Течение | Доспат → Места → Егејско Море |
Географски опис
уредиРеката извира од карстен извор северно од селото Кочан. Минува низ неговото сретсело, па тече крај с. Жижево и се влева во десниот брег на реката Доспат, на надморска височина од 585 м, 1 км пред второспоменатата да премине во Егејска Македонија. По целото течение Кочанска Река минува низ длабока, слабо пошумена и соголена долина.
Реално почетокот на реката се наоѓа доста посеверно, во месноста Ча(и)рџик и се нарекува Кору Дере, но во месноста Субатак (од турски: су – вода и бат – тонење) реката се влева во неколку езера, навидум немаат очигледен истек. Како понорница оди во пештери и тунели на околу 2 км понајуг во месноста Изора водата од реката одново се појавува во дното на 104-метарска пештера.[1] Опитно е утврдено дека на водата ѝ требаат 10 часа за да се придвижи од езерата Субатак до пештерата Изора. Освен на Изора, водата повторно излегува на површината уште од два поголеми извора.[4]
Водата издлабила бројни пештери и канали во меката варовничка карпа. Попознати се образбите Мечкина Дупка (Меча дупка) и Јанина К’шта (Янина къща). Голем дел од изворната вода е зафатена и се користи за потребите на домаќинствата во селото Кочан.
Порано од главниот извор излегувале 120 л/с, но денес обемот е значително помал. Во минатото реката била полноводна и веројатно се користела за превезување на дрвена граѓа. Денес, во поголемиот дел на годината стои пресушена. Јужно од Кочан е мошне загадена со отпад. Во реката нема риба, освен во најдолното течение.
Притоки
уредиКочанска Река има неколку поголеми притоки, како и мноштво потоци и кладенци кои се слеваат во неа.
Марулевска Река
уредиМарулевска Река е поголема притока на Кочанска. Започнува од месноста Мараша, а коритото ѝ се полни главно од неколку мочурливи места, како и од неколку кладенци на тоа подрачје. По околу 3 км реката стасува до селото Марулево (Ваклиново) и минува покрај блатната месност Фрлеото. Се влева во Кочанска Река во месноста Жижевски Мост и има вкупна должина од околу 7,5 км.
Карта
уредиПоврзано
уреди- Доспат (река)
- Кочанска Река — истоимена река во Кочанско, Р Македонија
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Искренов, Андон (1995). Кочан (бугарски). София: Културно-просветен център „Васил Априлов“. стр. 6. ISBN 954-852-803-7.
- ↑ Енциклопедия „Пирински край“, том 1, Благоевград, 1995 (статија Жижевска река).
- ↑ Енциклопедия „България“, том 3, Издателство на БАН, София, 1981
- ↑ „Хидрогеоложко описание и оценка на експлоатационните ресурси на подземни води“. Bulgarian Caves – Пещери в България. стр. 26–30. Архивирано од изворникот (DOC) на 2007-01-10. Посетено на 2020-02-26.
Надворешни врски
уреди- Кочанска Река на GeoNames
- Модел на карстниот систем во Кочан Архивирано на 19 септември 2011 г. (англиски)