Женидбата на кралот Волкашин

Женидбата на кралот Волкашин (српски: Женидба краља Вукашина) - српска епска (јуначка) песна. Оваа верзија на песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од ајдукот Стојан кој бил родум од Херцеговина.[1]

Содржина

уреди

Од својата престолнина Скадар, кралот Волкашин ѝ праќа писмо на Видосава, сопругата на големиот јунак Момчило од градот Пирлитор, кој се наоѓа под планината Дурмитор. Во писмото, тој ја убедува Видосава да му го предаде Момчило и да дојде во Скадар да се омажи за него, ветувајќи ѝ раскошен живот. Таа му одговара дека е тешко да се оствари планот, зашто за Момчило се грижат сестра му Евросима, неговите девет браќа и дванаесет први братучеди, а покрај тоа, Момчило го има и крилатиот коњ Јабучило. Затоа, Видосава му предлага на Волкашин да собере голема војска и да му постави заседа на Момчило, кој има навика секоја недела да оди на лов. Саботата навечер, Видосава бара од Момчило да му ја каже тајната моќ на коњот Момчило, а тој ѝ кажува дека крилата на коњот му се појавуваат само кога ќе запеат првите петли. Утрото, Видосава му ги пали и му ги врзува крилата на Јабучило, а потоа му ја залепува сабјата на Момчило во ножницата. Пред да замине на лов, Момчило ѝ кажува на сопругата дека сонил лош сон, претчувствувајќи дека ќе му се случи несреќа. Во шумата, него го опколува војската на Волкашин, а Момчило не може да ја извади сабјата. Во борбата погинуваат неговите девет браќа, а тогаш, нажалениот Момчило сака да полета назад во Пирлитор, а Јабучило му кажува за предавството на Видосава. Момчило доаѓа до заклучената порта на својот град и бара Евросима да му пушти платно за да се искачи, но Видосава го сече платното. Така, Момчило паѓа во рацете на војската и него го убива Волкашин. Пред да умре, тој го советува Волкашин да не се жени со неверната Видосава, туку да ја земе Евросима. Видосава го пречекува Волкашин и му ги дава облеката и оружјето на Момчило, а дури тогаш Волкашин сфаќа колкав јунак бил Момчило. Затоа, тој им наредува на слугите да ја убијат Видосава, потоа го разурнува градот Пирлитор, а со зебе ја зема Евросима со која се венчава во Скадар. Со неа, тој ги добива синовите Марко и Андреја при што Марко испаднал голем јунак како вујко му.[2]

Осврт кон песната

уреди

Највпечатливиот лик во песната е јунакот Момчило, кој се одликува со необична телесна и морална сила. Кога Волкашин ја облекува неговата облека, тој изгледа како џуџе во споредба со џин. Но, иако се одликува со џиновска сила, Момчило е детски наивен и бескрајно ѝ верува на својата жена. Исто така, тој се одликува и со нежни чувства: кога ги среќава деветте коњи без јавачи и сфаќа дека неговите девет браќа се мртви, тогаш му исчезнува силата „од жал за браќата родени“ и повеќе нема сила да се бори. Подоцна, непосредно пред смртта, на својот убиец му упатува човечки зборови, порачувајќи му да не ја зема Видосава зашто таа ќе го предаде, туку да ја земе сестра му Евросима која ќе му биде верна. Овие зборови ја одразуваат човечката потреба и по смртта да се бори за убавината на животот.[3] Инаку, во оваа песна е даден најубавиот и единствениот целосно развиен опис на природата во српската епска поезија.[4]

Наводи

уреди
  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. „Женидба краља Вукашина“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 64-72.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 12.
  4. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 27.