Еремија (библиска книга)
„Книгата на пророкот Еремија“ — книга од Стариот завет во која се опишани пророштвата на пророкот Еремија, синот на Хелкија, за судбината на Јудеја и на Ерусалим.
Содржина
уредиУште пред да се роди Еремија, Бог го предодредува за свој пророк и му наложува да ги извести Јудејците за казната којашто ќе ги снајде поради напуштањето на божјиот завет и идолопоклонството. Според пророштвото, од север ќе дојде силна војска која ќе ја опустоши Јудеја, а народот ќе биде поробен. Покрај тоа, Еремија пророкува и за сушата и гладот што ќе ја зафати Јудеја како казна за безбожништвото, како и за опустошувањето на Ерусалим при што Израилците и нивните цареви ќе бидат одведени како робови во Вавилон, но подоцна Бог ќе се смилува на нив и подобриот дел од нив повторно ќе го врати во татковината. Исто така, тој ги пренесува и божјите пораки за почитување на саботата како свет ден и против лажните пророци. Поради своите пророштва, Еремија е омразен и прогонуван од сонародниците кои му веруваат на лажниот пророк Ананија кој, сепак, умира истата година. Еремија пророкува дека Бог повторно ќе ги восдигне Јудеја и Израилот и дека ќе склучи нов завет со нив. За време на опсадата на Ерусалим, Еремија е затворен поради своите мрачни пророштва. Тогаш, тој ги запишува своите зборови, но царот Јоаким ги пали, по што Еремија повторно ги запишува пророштвата. Еремија е затворен и за време на владеењето на царот Седекија при што кнезовите бараат смрт за него и го фрлаат во јама, но царот се смилува и го извлекува од јамата, а Еремија го советува царот да им се предаде на Вавилонците. Најпосле, во согласност со неговите пророштва, вавилонската војска го зазема Ерусалим, царот Седекија е ослепен и во окови одведен во Вавилон заедно со дел од народот, другите јудејски великодостојници се убиени, градот е запален, а неговите ѕидови се урнати. По налог на вавилонскиот цар Навуходоносор, Еремија е ослободен и тој останува кај царскиот намесник Годолија, кој набргу е убиен. Дел од Јудејците, предводен од Јоанан, бара засолниште во Египет, наспроти предупредувањето на Еремија. Таму, тие продолжуваат со почитувањето на туѓите богови и Еремија ги предупредува дека Бог ќе го истреби сите неверни Јудејци. Исто така, Еремија пророкува дека Навуходоносор ќе го порази египетскиот цар и Египет ќе пропадне, а истата судбина ги чека и Тир, Сидон, Филистејците, Моав и Амон. Најпосле, Еремија кажува пророштво за пропаста на Вавилон, кој ќе биде уништен како казна за поробувањето на Израилците и Јудејците, кои потоа ќе се вратат во татковината.[1]
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 951-1010.