Хеленистички период

(Пренасочено од Елинистички период)

Хеленистички период во светската археологија и историја се нарекува периодот по смртта на Александар III Македонски (323 г.п.н.е.) па до освојувањето на Египет од страна на Римјаните во 30 г.п.н.е. Во хеленистичката период се појавува нова култура која настанува со мешање на 3 компоненти: македонската, хеленската и староисточната. По големите освојувачки походи на Александар се формираат нови монархии и доаѓа до мешање на населението од различна етничка припадност на големи пространства, со што хелинистичката култура и начин на живеење ја прифаќа и негрчкото население.

Територијата на Вардарскиот дел на Македонија, на која веќе два века се чувствувало влијанието на хеленската култура и уметност, секако не останала заобиколена од овие процеси. Античките населби, како Лихнид, Стоби, Вилазора, Еударист, Антигонеја, населбите во наоѓалиштата Исар кај Марвинци, Вардарски Рид кај Гевгелија и многу други, прераснуваат во вистински урбанизирани градови, со бројни градби од профан и сакрален карактер. Во Лихнид, кој се истакнува како најзначаен меѓу градовите од елинистичката епоха кај нас, се гради и првиот антички театар, градот се стекнува со право да кова свои монети, а овде се наоѓа и едниствената досега откриена монументална гробница од Македонски тип.

Во некрополите често се среќаваат луксузни предмети, како златен, сребрен и бронзен накит, бронзени и керамички садови, произведени во некои од големите уметнички центри во Егеја и пошироко низ Средоземјето, но треба да се истакне локалната продукција на висококвалитетни керамички производи, теракоти и садови.

Бројните наоди на бронзена пластика, сребрени и бронзени монети сведочат за развиената економија на овие градови со центрите низ Средоземјето.

Римските освојувања на овие простори во средината на II в.п.н.е. не значат и крај на оваа т.н. хелинистичка култура и уметност. Таа не само што ќе продолжи да егзистира низ целиот II па и во текот на I в.п.н.е., туку и ќе биде во голема мера прифатена подоцна копирана од страна на освојувачите.

Библиографија

уреди
  • В. Битракова-Грозданова, Археолошка карта на Р Македонија I, Хеленистички период , 95-99
  • В. Битракова-Грозданова, Религија и уметност во антиката во Македонија , Скопје, 1999.
  • В. Битракова-Грозданова, Споменици од хеленистичкиот преиод во СР Македонија , Скопје, 1987.
  • I. Mikulcic, Pelagonija utvrdena svetlosti arheoloskih nalaza, Beograd, 1966
  • В. Соколовска, Исар-Марвинци и Повардарието во античко време, Скопје, 1986.