Електро–Л (руски: Электро-Л) — класа на нови метеоролошки сателити на Федералната вселенска агенција (Роскосмос) од производителот НПО „Лавочкин“. Првиот сателит, наречен „Електро–Л 1“, е лансиран на 20 јануари 2011.[1] Ова е првиот руски метеоролошки сателит што работи успешно во геостационарна орбита,[2] и втор руски метеоролошки сателит во орбита.[3] Сателитите имаат маса од околу 1.620 кг и се предвидени да работат 10 години, прибирајќи метеролошки, хидрографски и климатски податоци со видлива и инфрацрвена светлина.

Електро-Л
Макета на „Електро-Л“ на саемот CeBIT 2011
Општи податоци
КонструкторНПО „Лавочкин“
Земја Русија
Подлога„Навигатор“
Наменаметеорологија
Орбитални режимиГЕО
ОператорРоскосмос
Работ. век10 години
Производство
Статусво производство
Конструирано4
Лансирано4
Оперативно3
Прво лансирање20 јануари 2011, 12:29:01 ч. UTC
Типично летало
Просеч. маса1.766 кг
Напојување1.700 W

Конструкција

уреди

Електро-Л е конструиран во претпријатието НПО „Лавочкин“ со средства од рускиот вселенски програм за 2006-2015 г. Со него управува вселенската агенција Роскосмос, а покрај Роскосмос, сателитот ги опслужува и Научно-истражувачкиот центар за вселенска хидрометеорологија „Планета“ и Федералната служба за хидрометеорологија и набљудување на животната средина (Росгидромет).[2] Претходникот на овој сателит е сателитот „Електро 1“, лансиран во 1994. Како и Електро-Л, сателитот бил предвиден да работи во геострационарна орбита, но никогаш не бил ставен во целосна работна состојба.[4]

Заедно со претходната класа „Метеор-М“, сателитите Електро–Л се дел од напорите на Русија да си ја поврати мрежата од метеоролошки сателити.[1] Пред пуштањето на Електро-Л 1, Русија имала само еден функционален метеоролошки сателит наречен „Метеор-М 1“ кој се движел во 830-километарска кружна сончево-синхрона орбита.[3] Поради недостатокот од сателити, Русија била приморана да користи податоци од американските и европските метеоролошки агенции.[1] Воздухоловниот новинар Анатолиј Зак се искажал дека првиот сателит Електро-Л го означува „повратокот на руската вселенската индустрија по две децении економско превирање“, особено бидејќи леталото и неговата стандардизирана подлога „Навигатор“ се осмислени и конструирани по распадот на СССР.[5]

Намена

уреди

Сателитите Електро-Л служат метеоролошки анализи и временска прогноза како на територијата на Русија, така и ширум светот.[1] Прават снимки на сета Земјаина полутопка при видливи и инфрацрвени честоти, а покрај ова доставуваат податоци за климатските промени и вршат надзор и анализа на водните површини.[2] Електро-Л може да прима и сигнали за тревога од системот Коспат-Сарсат.[6] Со Електро-Л 1 се очекува дека руската метеорологија ќе стане поточна и поквалитетна.[1]

Летало

уреди

Сателитот има вкупна маса од 1620 кг, со товарна носивост од 435 кг. Предвидениот работен век е 10 години. Средната енергетска потрошувачка на леталото изнесува 700 W, а напојувањето доаѓа од сончеви плочи од 1,7 kW.[2] Електро-Л има модуларна конструкција, и се состои од товарен и службен модул. Службениот модул „Навигатор“ е изработен од претпријатието НПО „Лавочкин“ и служи како стандардизирана подлога која ќе биде основа и за идните руски сателити,[3] вклучувајќи го вселенскиот телескоп Спектар-Р.[5]

Опремата за снимање на леталото дава слики со резолуција од 1 км на пиксел за видливиот светлински појас и 4 км за инфрацрвени честоти. Снимките се прават едаш на 30 минути, со можност за скратување на 10 минути во итни случаи.[3]

Податоците се испраќаат во центарот за прием и достава користи честота од појас X (7,5 GHz) со проточност на податоците од 2,56-15,36 Мбит/с, додека пак размената на податоци помеѓу обласните центри се одвива преку појас X (при 8,2 и 7,5 GHz) со проточност до 15,36 Мбит/с.[2]

Лансирање на Електро–Л 1

уреди

Првото летало во класата, Електро–Л 1 е лансирано во 15:29 ч. по московско време (12:29 GMT) на 20 јануари 2011 од платформата 45 на космодромот Бајконур (Казахстан). Лансирањето е извршено со носечката ракета Зенит-3Ф конструирана од Јужното конструкторско биро (Украина). Третата фаза (дел) на ракетата е новоизработиот Фрегат-СБ, изработен од НПО „Лавочкин“.[3][7] Во 15:37 ч. се одвоил вториот дел, и така Фрегат-СБ продолжил да го подига леталото во геострационарна орбита. На 21 јануари во 00:28 ч. сателитот се одвоил од носачот,[7] и истиот ден Роскосмос издал соопштение за полната функционалност на леталото[1][7]. Конечната орбитална положба на сателитот во својата геострационарна орбита е 76 степени ИД.[4]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 „Русија стави метеоролошки сателит во орбита (Поднова 1)“. РИА Новости. 21 јануари 2011. (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Предлансирната постапка за Зенит/Електро-Л продолжува во Бајконур“. Роскосмос. 17 јануари 2011. Архивирано од изворникот на 2013-07-30. Посетено на 2011-04-15. (англиски)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Рускиот метеоролошки сателит Електро-Л е успешно орбитиран“. ИТАР-ТАСС. 21 јануари 2011. (англиски)
  4. 4,0 4,1 „Ракетата „Зенит" се искачи во орбитата со метеоролошкиот сателит“. Spaceflight Now. 20 јануари 2011. (англиски)
  5. 5,0 5,1 Зак, Анатолиј. „Електро-Л“. RussianSpaceWeb.com. (англиски)
  6. „Электро-Л: Геостационарный гидрометеорологический космический комплекс второго поколения“. НПО „Лавочкин“. Архивирано од изворникот на 2010-09-18. Посетено на 2011-04-15. (руски)
  7. 7,0 7,1 7,2 „Електро-Л е наполно функционален - Роскосмос“. Роскосмос. 21 јануари 2011. Архивирано од изворникот на 2012-03-19. Посетено на 2011-04-15. (англиски)

Надворешни врски

уреди