Екатерина Сабо

романска гимнастичарка

Екатерина Сабо (родена на 22 јануари 1967 г.) — поранешна романска гимнастичарка од унгарско потекло која во кариерата освоила вкупно 20 олимписки, светски и континентални медали. Иако можеби е најпозната по освоениот сребрен медал во повеќебој на Летните олимписки игри 1984 по епската битка со Меру Лу Ритон од САД, Сабо освоила златни медали во три поединечни дисциплини (прескок, греда и партер) и придонела романската екипа да го освои златниот медал во екипниот повеќебој. Со освоените четири златни медали и еден сребрен, Сабо била најуспешна спортистка на игрите. Потоа, таа била предводник на романската екипа на Светското првенство 1987, која го победила Советскиот Сојуз во екипниот повеќебој. Во 2000 година, Сабо била примена во Меѓународната гимнастичка куќа на славни.[1]

Екатерина Сабо
Лични податоци
Роден(а)22 јануари 1967(1967-01-22)(57 г.)
Загон, Трансилванија, Романија
Спорт
Земја Романија
СпортГимнастика
КлубЦСС Онешти
Повлечен(а)1987

Ран живот и кариера

уреди

Етничка унгарка од Трансилванија,[2] таа првично била именувана Каталина, но потоа името и било променето во Екатерина од комунистите со цел да го сокријат нејзиното унгарско потекло.[3] Нејзин прв јазик бил унгарскиот јазик; таа научила романски јазик кога започнала да оди на часови по гимнастика.[4] Таа започнала да се занимава со гимнастика во 1973 година, во гимнастичкото училиште во Онешт со тренерите Марија Козма и Михај Агостон.[5] Подоцна, нејзини тренери биле Марта и Бела Кароли. По емигрирањето на Каролеви во САД во 1981 година, таа била тренирана од Адријан Гореак, Адријан Стан и Марија Козма.[6] Сабо бележела многу успеси како јуниорка. Таа станала првата гимнастичарка која освоила две јуниорски европски титули во повеќебој, натпреварувајќи се против Лавинија Агаче и Наталија Илиенко (во 1980) и против Олга Мостепанова и Јелена Шушунова (во1982).[4] Поединечно, во 1980, таа ги освоила златните медали во дисциплините прескок, греда и партер и го освоила четвртото место на двовисински разбој,[7] додека пак во 1982, таа освоила златни медали во прескок и партер, сребрен на двовисински разбој и го освоила четвртото место на греда.[8]

Сениорска кариера

уреди

Прво големо меѓународно натпреварување за Сабо било Европското првенство 1983 во Гетеборг. Таму таа освоила златни медали во партер и двовисински разбој, сребрен во прескок[9] и бронзен медал во повеќебој.[10] На Светското првенство истата година, Сабо го освоила третото место во повеќебој, зад Олга Мостепанова и Натали Јурченко. На ова натпреварување таа добила две совршени десетки, една во партер и една во прескок.[11] Покрај бронзениот медал во повеќебој, таа освоила златен медал во партер и сребрени медали во прескок и двовисински разбој. Таа не се квалификувала во финалето во дисциплината греда. Таа исто така придонела значително во екипниот повеќебој, во кој романската екипа го освоила сребрениот медал. Во изборниот дел од натпреварувањето, таа добила по една совршена десетка во партер и двовисински разбој.

Летни олимписки игри 1984

уреди
 
Екатерина Сабо на романска поштенска марка од 1984 г.

Како одговор на американскиот бојкот на Летните олимписки игри 1980 одржани во Москва, 14 земји од Источниот блок и сојузници вклучувајќи ги Советскиот Сојуз, Куба и Источна Германија (но не и Романија) ги бојкотирале престојните Летни олимписки игри 1984. Во отсуство на советските натпреварувачки, Сабо важела за фаворит на игрите. На подготовките пред Олимписките игри, Сабо постигнала совршен резултат 40.0 за нејзините задолжителни вежби на натпреварување во Чехословачка.[4] За време на екипното натпреварување на Олимписките игри,Сабо настапила силно, водејќи ја својата екипа кон првото олимписко злато и квалификувајќи се како втора во повеќебојот (главно поради падот од двовисинскиот разбој) и во три од четири финални натпревари во поединечните дисциплини (прескок, греда и партер). Таа била голем фаворит во повеќебојот и била наречена "следната Надја", по Надја Команечи. Сепак таа контроверзно загубила во повеќебојот за 0.05 од Мери Лу Ретон и го освоила сребрениот медал. Таа била супериорна во поединечните финални натпревари, освојувајќи ги сите три златни медали во дисциплините во кои настапила (прескок, греда и партер).[6] И покрај личното разочарување што не ја освоила титулата во повеќебој, Сабо се вратила во Романија како хероина. Подоцна во годината, таа била избрана за најдобра спортистка на Романија.[4]

По Олимписките игри

уреди

Сабо разочарала на Европското првенство 1985, освојувајќи го само сребрениот медал во прескок. Во повеќебој, таа го освоила 5. место.[6] Подоцна во годината, таа слично настапила на Светското првенство, освојувајќи сребрени медали во прескок, греда и со романската екипа во екипниот повеќебој.[6] Но во 1987 година, напорната работа на Сабо вродила плод. Како член на неверојатно успешната романска екипа (пет златни, еден сребрен и четири бронзени медали) на Светското првенство 1987, Сабо и нејзините колешки убедливо ги поразиле советските гимнастичарки, освојувајќи ја титулата во екипниот повеќебој.[4] Поединечно, таа била израмнета за бронзениот медал на греда со Светлана Богинскаја и завршила на 14. место во повеќебојот.[12]

По пензионирањето

уреди

По Светското првенство 1987, Сабо се повлекла од гимнастиката и започнала да студира на Универзитетот за физичко и спортско образование во Букурешт. По дипломирањето, таа работела како тренер во Дева, каде ги тренирала меѓу другите Надија Хатеган, Андреа Каковеан и светската шампионка од 1999, Марија Олару.[4] Во јуни 1991 година, Сабо се венчала со Кристијан Тамас, поранешен романски кајакар. Парот подоцна добил два сина, Лоренцо и Зено. Во 1992 година, семејството се преселило во Шамалијер, Франција, каде таа работи како тренер.[4]

Наводи

уреди
  1. International Gymnastics Hall of Fame Ecaterina Szabo
  2. „Gymnast Ecaterina Szabo wins 4 Gold Medals for Rumania!“. American Hungarian Federation. Посетено на 12 October 2011.
  3. „Povestea de chin, luptă şi glorie a păpuşii blonde a gimnasticii mondiale, Cati Szabo » Viaţa pe morfină“. Gazeta Sporturilor (романски). gsp.ro. 13 October 2010. Посетено на 12 October 2011. The real name of the former gymnast is Katalin Szabo, but the Communists wanted to change her identity to hide her Hungarian origin. (Numele adevărat al fostei gimnaste e Katalin Szabo, dar comuniştii au vrut să-i schimbe identitatea pentru a-i ascunde provenienţa maghiară.)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Gymnastics Greats Архивирано на 11 ноември 2010 г. Whatever happened to Ecaterina Szabo
  5. Fédération Internationale de Gymnastique Архивирано на 7 јули 2012 г. Ecaterina Szabo
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Gymn Forum Bios Ecaterina Szabo
  7. Gymn Forum Results 1980 Junior European Artistic Gymnastics Championships Women Event Finals
  8. Gymn Forum Results 1982 Junior European Artistic Gymnastics Championships Women Event Finals
  9. Gymn Forum Results 1983 European Artistic Gymnastics Championships Women’s Event Finals
  10. Gymn Forum Results 1983 European Artistic Gymnastics Championships Women’s All Around
  11. Gymn Forum Results[мртва врска] 1983 World Artistic Gymnastics Championships Women’s All AroundПредлошка:Deadlink
  12. Gymn Forum Results 1987 World Artistic Gymnastics Championships Women’s All Around