Евреите во Штип — стара еврејска заедница во Штип. Се смета дека еврејската заедница во Штип постоела уште од почетокот на новата ера, како и во Стоби, кое е на околу педесетина километри југозападно од Штип. Меѓутоа, првите пишани документи за Евреите-Романиоти потекнуваат дури од XV век.

Македонски Евреи
Вкупен број
1512 година - 200
1890 година - 350
1913 година - 750
1943 година - 500
Јазици
хебрејски
македонски
Сродни народи
Евреи, Македонци

Историја

уреди

Бидејќи султанот Мехмед II го освоил Цариград и таму во 1453 година ја преселил својата престолнина, почнал да го населува тој град. Најголемиот дел од еврејското население во Штип бил префрлен во Цариград. Меѓу оние што останале во својот град бил и рабинот Елија бар Шмуел Парнас, еден од попознатите поети и толкувачи на Тората од своето време.

Евреите од Штип што останале во својот град по префрлањето на сургуните (прогонети) во Цариград на почетокот на XVI век, со доаѓањето на прогонетите од Шпанија и од Португалија, ги зајакнале своите редови. Според жаргонот на штипските Евреи би можело да се каже дека повеќето од дојденците биле од Португалија.

Од турските документи може да се види дека во 1512 година во Штип имало 38 еврејски семејства (околу 200 лица). Во 1573 година, бројот на еврејски семејства изнесувал 28 и уште 11 неженети.

За време на епидемијата на чума, Штип служел како засолниште, па така во градот дошле многу Евреи од Солун и од останатите градови зафатени од чумата.

Гркот Николаиди во 1859 година запишал дека Штип тогаш имал околу 3.000 домаќинства, од кои 1.200 христијански, 200 цигански, 30 еврејски, а останатите турски. Според пописот од 1890 година, меѓу податоците за населението на регионот на Солун, Монастир и на Косово е забележано дека во Штип живееле 350 Евреи.

Еврејските деца во Штип до 1910 година го посетувале т.н. „еврејско училиште“. И покрај тоа што нивото на ова училиште не било високо, децата ги стекнувале најосновните поими за светите списи, знаеле да го читаат хебрејското квадратно писмо и да пишуваат џудезмо со Рашиеви букви, ја учеле еврејската историја, учеле сметање, турски јазик и слично. Во февруари 1910 година, Универзалниот израелски сојуз (Alliance Israelite Universelle) отворил свое улилиште и во Штип. Сојузот го помагало училиштето бидејќи состојбата на штипската заедница била особено тешка. Воедно, покрај ова училиште, со работа продолжило и старото „еврејско училиште“.

Во 1913 година, градот броел 25.000 жители, а од нив околу 750 биле Евреи. Самиот град бил во српски раце, но српските трупи се наоѓале во касарните надвор од градот, додека во градот биле Бугарите. Уште пред тоа во Штип имало „бугарски банди“ од кои еврејското население трпело и страдало. Бугарите во градот биле од 11.10.1912 година и ги принудиле Евреите да си заминат оттаму уште пред да го заземат потполно. Во градот останале само шест старци, меѓу нив и еден болен рабин, кој умрел два дена по влегувањето на Бугарите, како и две момчиња. Од преостанатите седум Евреи убиени биле двајца, при убивањето на над 750 муслимани од страна на Бугарите во градот и околината. Сите еврејски куќи и дуќани биле демолирани и ограбени, а синагогата, 24 еврејски дуќани и шест дуќани биле опожарени. Избеганите Евреи нашле привремено засолниште во Солун, каде што им биле приготвени легла во зградата на талмуд-тората и во училиштето „Барон Хирш“ во градот.

По сите војни што го зафатиле Балканот, во новата држава (Кралство СХС) требало да започне нов живот. Жителите на Штип почнале да се враќаат од бегство во својот град, каде што главно ги чекале урнати или опустошени куќи.

Еврејското маало во Штип се наоѓало на десниот брег на рекичката Отиња, а куќите биле начичкани на падините на брегот, но и покрај самиот брег, на многу згуснат простор.

Старата штипска синагога изгорела за време на војната, па била покрената акција за ѕидање нова. Бил викнат и Евреите Краус од Сента, проектант и технички надзорник, и изградбата е завршена во 1925 година. Како и во другите градови во Македонија, и во Штип еврејските згради имале по една отворена тераса — ако немале двор — за правење колиби („сука“) за празникот Сукот.

Речиси сите еврејски дуќани и занаетчиски работилници биле затворени во сабота, што им предизвикувало голема штета на Евреите, бидејќи според државните закони морале да ги затворат и во недела.

Освен мал број ситни трговци, штипските Евреи се занимавале со разни занаети и со физичка работа.

Во 1928 година, Штип бил посетен од д-р Шломо Леви, кој изготвил извештај за состојбата на штипската заедница и маало. Во извештајот истакнал дека наишол на урнати турски куќи, тесни нерамни улици во еврејското маало, беспомошна заедница со многу малку пари, а самите Евреи му се пожалиле дека никој не се грижел за нив.

По отпочнувањето на Втората светска војна и потпаѓањето на Југославија под окупација, врската на Штип со другите градови била прекината веднаш и информациите во Штип многу тешко доаѓале од другите делови на земјата и на светот. Поради тоа, расположението на Евреите од Штип било дури и оптимистично, иако одвај и да преживувале и биле обележени и тие и нивните станови, но не владеел страв за голиот живот.

На 11 март 1943 година, во пет часот пред зори, во студена претпролетна ноќ, бугарските војници и стражари ги опколиле нивните станови во маалото и на стрмнината на брегот. Блокадата била целосна, ужас лебдел над празните штипски улици кога почнале војниците да тропаат по вратите и да упаѓаат во становите.

Во Штип со акцијата на прогонот диригирал Стојан Бахчеванџиев, чиновник на Комесаријатот за еврејски прашања, кој направил детален план за спроведување на штипските Евреи од нивните домови до железничката станица. Почетокот на својот последен пат од плоштадот до железничката станица штипските Евреи го минале пеш. Таму ги чекале Стојан Бахчеванџиев, полицискиот началник Игнат Моцев и окружниот управник Иван Дилов. Бахчеванџиев ги известил дека со одлука на царската бугарска влада, сите македонски Евреи ќе бидат протерани и дека ваква акција се спроведува и низ другите градови во Македонија. Воедно им кажал дека привремено ќе бидат сместени на едно место, но местото не им го навел.

Бахчеванџиев на прогонетите не им дозволил да понесат повеќе од 30 килограми товар и по 100 лева по човек, но подоцна се премислил и им ги зел и овие пари.

Потоа, сите Евреи биле грубо натоварени во сточни вагони. На крајот биле однесени во Скопје, во зградата на скопскиот „Монопол“, заедно со другите Евреи од другите градови.

Евреите од Штип биле натоварени во друг транспорт, кој од Скопје тргнал на 25 март, точно во 14:00 часот. На станицата Малкинија стасале на 31 март во 17:30 часот, а оттаму се одведени во Треблинка.

Со тоа е завршена историјата на Евреите од Штип. Според стисоците на германски и на бугарски јазик, во Треблинка биле убиени 551 Евреи од Штип.

Установи на заедницата

уреди

Во разни периоди од постоењето на заедницата се сретнуваат различни установи кои биле основани и водени од страна на штипската еврејска заедница, а меѓу другите биле следниве:

  • Еврејско женско друштво
  • Хумано друштво на млади луѓе
  • Еврејски младински хор
  • Фудбалски клуб „Хакоах“

Поврзано

уреди

Литература

уреди
  • Плима и слом; Жени, Лебл; Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија; ISBN 978-608-65129-6-5; Скопје, ноември 2013 година.