Драган Секулиќ
Драган Секулиќ (Прилеп, 1947 - Прилеп, 2000) — македонски цртач и дизајнер, еден од раните автори на стрипот и карикатурата во Македонија.[1]
Драган Секулиќ | ||
Роден | 1947 Прилеп, СР Македонија | |
---|---|---|
Починал | 2000 Прилеп, Македонија | |
Занимање | стрип автор |
Животопис
уредиСекулиќ е роден во Прилеп во 1947 година. Тој првите карикатури ги нацртал во 1961/62 година за ѕидниот весник на основното училиште „Кочо Рацин” во Прилеп. Првата карикатура му ја објавил, во тоа време најзначајниот југословенски весник за млади „Кекец”, а подоцна, цртежот на групата „Ролинг стоунс”, популарниот магазин „Џубокс”. Уште како средношколец, почнувајќи од 1966 година, Секулиќ го работел неделниот стрип „Трпко” кој го објавувал во локалниот весник „Народен глас”. Инаку, од цртањето и дизајнот не се откажал сè до прераната смрт во 53 година од животот. За театарскиот плакат за претставата „Лепа Ангелина” на МНТ на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински” во 1997 година ја добил наградата за најдобар плакат. Автор е на повеќе дизајнерски решенија за книги и дизајн во индустријата за фирмите „Микросам”, „Пролукс” и др. Автор е на логоата на „Леснина инженеринг”, „Еуроинвест”, хотелот „Липа”, како и заштитниот знак на „Макпетрол” од Скопје. Експериментирајќи и во новите техники, Секулиќ во 1998 година ја освоил првата награда на светскиот конкурс на софтверската фирма „Корел” од Канада за најуспешен цртеж реализиран во програмата Соrel draw во категоријата до 2600 компјутерски потези. За своето творештво тој бил добитник на голем број награди и признанија, а посмртно бил награден со наградата „Златно сонце”. Секулиќ бил уредник во списанието „Стремеж”, како и уредник на „Народен глас”, каде што насловната страница со години ја донесувал неговата дежурна карикатура на пати и во форма на стрип.
Наводи
уреди- ↑ Томислав Османли, "Развојот на стрипот во Македонија – седум децении стриповно творештво", Стрип, запис со човечки лик, "Млад борец", 1987; "Култура", Скопје 2002; Проект Растко - Македонија, 14. 5. 2010.