„Дина“ или Песочната планета (англиски: Dune) - американски филм од 1984 година, во режија на Дејвид Линч (David Lynch), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Кајл Меклахлан (Kyle MacLachlan), Франческа Анис (Francesca Annis), Кенет Мекмилан (Kenneth McMillan), Хосе Ферер (José Ferrer), Шон Јанг (Sean Young), Стинг (Sting), Макс фон Сидов (Max von Sydow), Јирген Прохнов (Jürgen Prochnow), Силвана Мањано (Silvana Mangano), Еверет Мек Гил (Everett McGill) и Фреди Џоунс (Freddie Jones). Филмот, кој претставува екранизација на првиот дел од романите за планетата Дина на познатиот писател Френк Херберт, бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобар звук.[1]

Синопсис

уреди

Дејствието на филмот се одвива во 10191 година, кога во вселената владее злобниот цар Падишах Шадам IV (го игра Ферер). Всушност, тој прима наредби од едно страшно суштество што личи на црв, а верен сојузник на Шадам IV е баронот Владимир Харконен (го игра Макмилан) од планетата Аракис. Најголемиот непријател на Харконен е војводата Лето од Атрејдес (го игра Прохнов), кој е благороден човек и татко на чувствителното момче Пол (го игра Меклахлан). Пустинската планета Аракис е наречена Дина, зашто таа е единствениот природен извор на таинствениот зачин - една исклучително силна дрога која го продолжува животот и дава божествена сила, а која во подземјето на Аракис ја чуваат џиновски црви. Тврдејќи дека сака власта на Аракис да ја пренесе од семејството Харконен на семејството Атрејдес, еден ден, Шадам IV му поставува стапица на Лето и го убива. Пол и неговата бремена мајка Џесика (ја игра Анис) се принудени да бегаат и се засолнуваат во пустината, кај домородниот народ Фремен, предводен од храбриот Стилгар (го игра Мек Гил). Откако Пол ќе проба од зачинот, пожртвуваната Џесика, припадничка на сестринството кое тајно ја чува царската крвна лоза, сфаќа дека нејзиниот син е избраниот, месијата Пол Усул Муад 'Диб кој благодарение на зачинот може да ја предвиди иднината...

Наводи

уреди